Нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес, е најновата инвестиција на „М6 аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“.
Инвестицијата изнесува речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на програмата ИПАРД. Компанијата „М6 aграр“ заедно со винарницата „Тиквеш“ е дел од групацијата М6.
Благодарение на јасната визија за создавање врвни вина и развој на македонската винска индустрија, успеавме и во услови на пандемија да продолжиме со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси, кои ќе овозможат понатамошно унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина. Задоволни сме и благодарни за поддршката од Владата, ресорното министерство и ЕУ-фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за „Тиквеш“ како двигател на развојот на македонската винска индустрија. Оваа гранка е стратешки важна за државата со тоа што ќе се воведат јасни стандарди, систем на географски индикации и промени во системот на субвенции, истакна Светозар Јаневски, претседател на управниот одбор на „Тиквеш“ и партнер во М6.
Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, во чии рамки досега се инвестирани повеќе од 5 милиони евра за нови лозови насади и модерна механизација. Инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади предвидува во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари.
Во подигнување на нови лозови насади, досега компанијата вложи повеќе од 3,5 милиони евра сопствени средства, додека речиси 1,5 милиони евра се обезбедени со поддршка на програмата ИПАРД, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Kако имплементатор на програмата ИПАРД, агенцијата даде огромен придонес и поттик за почеток на оваа инвестиција. Со склучувањето на договорите од фондот ИПАРД, вредни 622.000 евра, овозможивме финансиска поддршка за техничка подготовка на земјата за новите насади, набавка на столбови и земјоделска механизација за обработка на насадите. Со оваа инвестиција компанијата не само што се модернизира, туку ги намалува и производствените трошоци, како и времето за обработка и одржување на насадите, изјави Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Најновата инвестиција ја поздрави и премиерот Зоран Заев, истакнувајќи дека со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на повеќе од 25 пазари низ целиот свет и со освоените 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само во 2020 година, „Тиквеш“ е најголемиот промотор на македонските вина на светската винска сцена.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.