Македонија

Министерството за економија објави три јавни повици за субвенции

29 Mar 2021

Министерството за економија ги објави јавните повици за субвенционирање микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемништво и за субвенционирање на занаетчии во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании. Повиците ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден, прв услужен”, а новина е што годинава првпат средствата ќе се распределуваат според развиеноста на планските региони во државата, односно повеќе средства ќе добиваат помалку развиените региони.

Трите јавни повици, како што информира министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, се објавени пред десетина дена, а сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16-ти, односно до 30 април и да ја искористат финансиската поддршка од Министерството за економија.

Со јавниот повик за субвенционирање микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50 отсто од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а  финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари, рече Бектеши.

Доколку фирмата е управувана или основана од жена, додаде, тогаш субвенцијата се зголемува за 10 отсто.

Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 година, а крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 16 април годинава, појасни Бектеши.

Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемништво, посочи, предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80 отсто на трошоците на компании кои се 50 проценти во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување или подобрување на деловниот простор и воведување софтверски решенија.

За оваа мерка во буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка по апликант е не повеќе 150.000 денари, освен кај трошоците за воведување софтверски решенија каде што финансиската поддршка е најмногу 60.000 денари. Крајниот рок за аплицирање е 30 април годинава, истакна Бектеши.

Со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање на 60 отсто од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати како и уредување, односно подобрување на деловниот простор, но не повеќе од 120.000 денари за еден апликант. За оваа мерка се предвидени  6 милиони денари, а крајниот рок за аплицирање е 30 април годинава.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...