„Скопје ист гејт“ инвестира и во услови на пандемија, севкупната значајна инвестиција изнесува над 350 милиони евра и тоа е огромно вложување за нашата земја, истакна премиерот Зоран Заев при денешниот увид на активностите за изградба на трговскиот центар лоциран кај поранешен „Скопски саем“.
Сите кои донеле одлука да се спротивстават на пандемијата со инвестиции, посочи, тоа ќе го валоризират со огромен успех.
Во комплексот покрај трговскиот центар се содржани десет станбени и пет деловни згради. Тоа значи отворање на голем број работни места, што е и наша заложба да креираме поволен деловен амбиент за добро платени работни места и привлекување нови инвестиции, рече Заев.
Се очекува објектот да биде пуштен за десет месеци.
Како што информира Игор Давков, извршен директор на „Ист гејт мол“, за неколку месеци новиот трговски центар ќе биде најатрактивна дестинација за посетителите од државава и од регионот.
Трговскиот центар е во последна градежна фаза. Во готовата и затворена карабина како и завршените машински и електрични системски инсталации се почнати занаетчиските активности и останува да се доработи внатрешниот ентериер на молот, рече Давков, најавувајќи дека ќе донесат реномирани трговски марки.
„Ист гејт мол“ има бруто развиена површина од 160 илјади метри квадратни, се простира на две нивоа над земја и располага со 57 илјади метри квадратни вкупна површина за изнајмување.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.