Колумни

Колумна во понеделник: Вештина на живеење

07 Feb 2022

Пишува: Никoлина Јаќоска-Јанева, комерцијален директор, „Бадел 1862“

А зошто да не почнеме со еден победнички понеделник, во кој утрото почнува со возбуда за денот и седмицата која следува, баш онака како што им е на децата, тинејџерите, младите луѓе со нова симпатија или љубов, со пеперутки во утробата... Или како на луѓето што го дочекале денот што им бил во мислите, првиот школски ден, новото работно место, долгоочекуваните средства за остварување на нивниот проект, враќање од пат, дочекување на љубените, или како прв ден на слобода после затвор, зошто да не...

Секојдневното живеење и работење има природна еволутивна нота која има свое темпо, но секако бара менување, модифицирање, создавање нови трендови, кои се случуваат независно од конкретните причини. Причините понекогаш не ги ни забележуваме, зависно од степенот до кој нѐ засегнуваат. Ретко кога една причина го засегнала целото општество одеднаш како што тоа го направи новиот вирус.

Пандемијата ни покажа дека сме живееле во удобна илузија на постојаност и континуираност, спокојна сигурност дека постои „нормална“ состојба на живеењето. Кон оваа состојба теоретски се враќа сѐ, по поминувањето на првичниот удар, шок, криза, земјотрес, катастрофа или ситуација која од темел ги размрдува сите основни поставки во нашиот живот.  Степенот до кој што не сме во можност комплетно да се вратиме кон „нормалното“ ја покажува нашата ранливост. Ранливоста во свеста на секој од нас, модерни луѓе во модерна ера, е маркирана со црвено трепкачко светло како „лоша“. Доколку и периодот во кој што е вклучено ова светло е долг, кај повеќето создава појава на страв, песимизам, општо чувство на немоќ, пред да се види дека нови опции постојат и дека старите ограничувања не важат.

Каде и да погледнеме, во сите сфери без исклучок, се случуваат индуцирани промени и приспособувања. Маркетинг, начин на продажба, комуницирање, транспорт, цени, организирање на производство, пласирање на производи, начин на купување, начин на ракување со отпадот, пресликано и во работната и во приватната сфера претрпуваат значајни промени со огромна динамика. За да се совладаат овие промени со најголемо искористување на нивниот потенцијал, сите треба да ги примениме „вештините на преживување“, кои заради континуираноста на „новото нормално“ ни стануваат „вештини на живеење“.

Успехот во совладувањето на динамичните предизвици лежи во прифаќањето на начин на размислување насочен кон пораст, прогрес, развој, наспроти фиксното и непродуктивно размислување. Негувањето на прогресивниот наместо ригидниот мајндсет (growth vs fixed mindset) претпочита позитивен став кон работите, верба дека со вложување на труд, прифаќање на предизвиците, желбата за усовршување, активно барање на инспирација и афирмативно толкување на критиките и неуспесите како можност за усовршување и учење.

Секој од нас во современите услови е упатен да го пронајде сопствениот лидер во себе. Ако тоа претходно беше мантра на некои нови гуруа, и спиритуалистички ‘пронаоѓање на сопствениот потенцијал’, сега станува секојдневна потреба која треба да се совлада како вештина на живеење.

Новата ера нѐ тера да ја бараме најдобрата верзија од себеси, и таа потрага да ја правиме со многу трпение кон себеси и кон настаните. Она што се бара сега во работењето треба да го примениме и во секојдневниот живот, за да ги искористиме огромните бенефити кои ни ја дава оваа дури принудна промена:

Адаптибилност. Како што вработувачите бараат луѓе кои се флексибилни да излегуваат од комфорната зона, и да ги гледаат можностите за пораст и иновација, совладувањето на оваа вештина ќе предизвика ренесанса кон подобро живеење. Само замислете, на пример, колку неможноста за користење на пластични ќеси ќе нѐ упати кон изнаоѓање на нови начини на ракување со отпад кои воедно се и похумани кон целата природа, а со тоа и кон квалитетот на нашиот живот воопшто.

Подготвеност за учење. Покажувањето на спремност да се учат нови работи е клучен пристап кон новите ситуации и нивното сфаќање како можност од нив да се искористи потенцијалот за развој. Не се двоумиме тој принцип да го примениме за поуспешно работење, зошто да не и за поуспешно живеење?

Емоционална интелигенција. Емоционалната интелигенција подразбира како се однесуваме во однос на самоконтролата, свесноста за себе и за начинот на кој нашите емоции влијаат врз нашите мисли и однесување, социјалната свесност за динамиката во меѓучовечките односи и колку сме вешти во создавањето на добри релации со останатите, колку позитивно комуницираме и ги инспирираме, колку сме добри во тимско работење и како ги решаваме конфликтите. Сега многу повеќе од било кога е битна емотивната зрелост во восприемањето на реалноста за да си го дадеме потребниот баланс и себеси но и во односите со другите.

Комуницирање. Треба ли да се потенцира колку е комуницирањето битно во работењето и колку одличните комуникатори се ѕвезди во бизнис-секторот? Применувањето на сличен напор и во секојдневниот живот и прифаќањето на новите начини, ако не и правила на комуницирање, отвара многу можности со кои подобро би се изразиле и би допреле до другите. Тоа што порано беше прегратката или ракувањето со другите сега бара да се изрази во сосема нови форми кои би ја доловиле блискоста со другите.

Решавање на проблеми. Зборот „проблем“ не е ништо друго освен синоним на зборот „предизвик“ за изнаоѓање на повеќе конструктивни исходи на некоја ситуација. Секојдневниот живот сега ни е многу побогат со сосема нов тип услови и очекувања. Ведриот став при одново и одново може да се изнајдат ефикасни и ефективни излези од сите навидум отежнати ситуации се речиси половина од патот до излезот.

Креативност. Сѐ што постои еднаш било само идеја пред да се реализира. Новата реалност само нѐ потсети колку е животот краток и колку потенцијал носиме во себеси. Убавината и креативноста не се гледаат само во грандиозни потфати и изуми. Креативноста е милион мали начини на кои може некому да му се помогне, некому да му се олесни, и воопшто, да се направи светот подобро место за живеење во тој момент.

Доколку претходните вештини личат на карактеристики кои топ-бизнисите во светот најмногу ги бараат и ценат од своите вработени и кои се мерило на успех во современите услови на работење, во право сте. Но, времињата дозволуваат излегување од сите познати рамки и хибридизација на сите наши искуства, знаења и потенцијали. Живееме во исклучителен момент од досегашната приказна. Кога старите ограничувања не постојат, отворени се сите опции. Зграпчете ги можностите за поуспешно живеење.

Доколку сакате Вашиот став да биде видлив и гласен, и сакате да бидете наши колумнисти, пријавете се на  alma@instore.mk. По Вашата пријава, ќе ви испратиме попрецизни насоки. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...