Маалска продавница

Претставуваме: „Шок маркет“

19 Feb 2016
Приказната на „Шок маркет" од Гостивар
 
Купувачот е крал
 
InStore продолжува да се грижи за своите верни соработници, да го слуша тоа што тие имаат да го кажат и да работи во насока на континуирано добар однос со нив. За таа цел, овојпат го посетивме „Шок маркет" во Гостивар и отворено поразговаравме за почетоците и за тековното работење.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Продавницата „Шок маркет", лоцирана на улицата „ЈНА", бр. 198 во Гостивар, се простира на два ката, на продажна површина од речиси 200 квадратни метри и магацински простор од 50 квадратни метри. Маркетот е отворен во 2005 година, откако сопственикот Миџаит Несими и неговото семејство ги пренасочуваат енергијата и знаењето од угостителството кон трговијата.
 
Пред да навлеземе во трговијата, бевме активни во угостителскиот бизнис, кој едно време ни беше главен извор за егзистенција. Во тие години, почувствувавме дека нашето маало има потреба од модерен маркет и мислам дека тоа беше најголемиот поттик да ја отвориме оваа продавница, го почнува разговорот Миџаит. Тој додава дека претходното искуство во секторот хорека му помогнало во трговскиот бизнис од аспект на тоа што и порано често ги посетувал дисконтите за прехранбени производи и ги имал потребните контакти.
 
Во маркетот работат пет вработени, а во семејниот бизнис вклучени се и сопругата, која работи во финанскиот дел, како и двете ќерки, кои се грижат за маркетинг-активностите. Асортиманот на „Шок маркет" го сочинуваат повеќе од 2.000 различни производи. Миџаит вели дека се трудат да опфатат колку што е можно повеќе трговски групи, во рамките на можностите и на просторот со кој располагаат, а асортиманот го селектираат, пред сè, во согласност со побарувачката на потрошувачите, но ги следат и ТВ-рекламите, како и новитетите во списанијата.
 
Најпродавани ни се производите од Турција, кои ние ги увезуваме и сме единствени во градот каде купувачите можат да ги најдат, истакнува сопственикот.
 
Со другиот дел од асортиманот, „Шок маркет" се снабдува директно од производителите и од дистрибутерите, со кои имаат коректни односи. При набавката на стока, комерцијалистите им излегуваат во пресрет во секој поглед – цени, услови на плаќање и количества. Денес, во време на преголема конкуренција, потребно е да ги изберете најдобрите партнери ако сакате да имате непречен тек и развој на бизнисот, заклучува Миџаит.
 
Во околината на оваа продавница, функционираат и маркети од поголемите трговски синџири, како што се „Монтенегро", „Киппер" и „Елкос". Сепак, според Миџаит, конкуренцијата од големите не претставува проблем за функционирањето на „Шок маркет": Мислам дека освен „Киппер", другите трговски синџири немаат ценовна предност. Можеме да се пофалиме дека имаме многу поволни и ниски цени, кои се и главните адути за успех и во борбата со конкуренцијата.
 
Како сопствена предност, тој ги истакнува секогаш свежите производи, високата услуга и односот кон потрошувачите, затоа што во „Шок маркет", како што вели сопственикот – Купувачот е крал, а ако тој каже дека одреден наш производ е поскап, ветуваме дека при следната негова посета, тоа ќе го коригираме.
 
Најчестите муштерии во продавницата се редовни, од соседството, но голем е и бројот на случајните минувачи. Без разлика дали тие се постојани или на минување, нашиот однос кон сите е директен и искрен. Ги слушаме и ги почитуваме нивните желби, а довербата ја стекнуваме со љубезноста, чесноста, услугата и со редовното снабдување со квалитетна и со свежа стока. Затоа, безбројните пријатни случки за нас се секојдневие, особено кога потрошувачите ќе споменат дека се задоволни од персоналот и од услугата.
 
Миџаит вели дека иако живееме во тешко економско време, кога станува збор за новите технологии, императив во бизнисот е да се следат трендовите, во поглед на софтверско надградување на ситемите, како и на модерното дизајнирање на полиците за производите. Освен со малопродажниот бизнис, семејството Несими веќе две години работи и на големо со одредени производи, кои ги дистрибуира низ Гостивар. Плановите на семејството се насочени токму во таа насока – зголемување на портфолиото производи во големопродажбата.
 

На крајот од разговорот за InStore, Миџаит ни ја открива својата загриженост за иднината на малите продавници, но и можните решенија: За жал, нивниот број сè повеќе се намалува. Сметам дека состојбата ќе се подобри ако повеќе мали продавници се соединат во една поголема компанија или ако еден трговец има можност да отвора повеќе мали продавници на различни локации и во различни градови.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...