Маалска продавница

Претставуваме: „Биокосмос“

20 Nov 2015

InStore продолжува со посета на продавниците низ Македонија, а овојпат наша дестинација беше Прилеп, односно специјализираната продавница за здрава и за органска храна „Биокосмос".

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Прилепскиот „Биокосмос" е лоцирана на улицата „Републиканска", бр. 84, во центарот на градот, под Саат-кулата. Пред продавницата е градскиот парк, кој послужи како инспирација за името на нашата фирма – „Био парк". Меѓутоа, како име на продавницата го користиме брендот Биокосмос", објаснува Анита Николоска, менаџер на фирмата.

Прилепскиот „Биокосмос" е отворен на 2 мај годинава. Претходно, сопружниците Анита и Горан, се занимавале со трговија со текстил. По пауза од две години и по подолго размислување, се одлучиле за нов чекор – продавница за природна и за органска храна, каква што сметале дека му недостига на Прилеп.

Идејата ја добивме преку долги разговори со сопругот. Заклучокот беше дека потрошувачите, кои одбрале да се грижат за подобро здравје, заслужуваат природната и органската храна да им бидат подостапни. Се охрабривме и почнавме...

Предходното искуство од трговијата му помогнало на семејството Николоски добро да ги совлада административните работи, но и да ја научи најважната лекција – дека упорност е потребна во секој поглед.

„Биокосмос" се простира на површина од околу 40 квадратни метри, а како магацински простор се користат дел од полиците, кои се затворени со вратички. Продавницата располага со една наплатна каса, а во неа засега работат тројца вработени, кои се членови на семејството. Секогаш кога имаат слободно време, нашите две деца, на возраст од 15 и од 17 години, се овде за да помогнат, со насмевка додава Анита.

Продавницата располага со асортиман од повеќе од 500 артикли, од типот здрави, органски, макробиотски и безглутенски производи, кои вклучуваат различни  житарки, мусли, снегулки, овошје, брашна, тестенини, семиња, колачи, крекери...

Имаме органска и конвенционална зимница. Дел од нашиот асортиман се и различните видови масла, сокови, мармалади, слатка, џемови, мед и многу други квалитетни производи од врвни производители.

Околу 80 отсто во асортиманот заземаат производите на „Биокосмос", од кои најбарани се житарките, семињата, зачините и маслата. Сепак, Анита истакнува дека секогаш се отворени за соработка. Со комерцијалистите, особено со постојаните, имаат фер соработка и секогаш двете страни навреме ги исполнуваат обврските.

Најчесто, асортиманот го избираме по барање на купувачите, а понекогаш, тоа што се пласира на одреден медиум, се трудиме да го набавиме што е можно побргу. Предност им даваме на производите на „Биокосмос", но во зголемениот асортиман, имаме и други производи, што се достапни само кај нас и никаде на друго место, вели таа.

На нашето прашање дали големите маркети влијаат на продажбата на „Биокосмос", Анита одговори дека во близина нема такви маркети, па затоа тие не ја чувствуваат таа конкуренција.

За некои производи, големите маркети имаат предност во цените, но разликата не е голема. Нашата предност е услугата што ја нудиме и љубезноста, вниманието што им го посветуваме на купувачите, пренесувањето на знаењето за производите... Сепак, продавница како нашата, со толкав асортиман на производи, нема во градот, со гордост истакнува Анита.

Поради одличната местоположба на „Биокосмос" во центарот на градот, потрошувачите се од различни возрасни групи – од најмладите, до повозрасните. Поголемиот дел од нив се постојани муштерии, но голем е и бројот на случајните минувачи, кои привлечени од пријатната атмосфера во „Биокосмос", не можат да одолеат и да ја одминат продавницата.

За нас сите муштерии се исти. Се трудиме сите да добијат ист третман, пријателски пристап и да им пренесеме корисни информации за храната. Мислам дека во тоа успеваме. Според Анита, купувачот треба да добие целосно внимание, иако можеби, во тој момент не е подготвен да купи одреден производ. Имаме позитивно искуство со тоа што тие муштерии, подоцна се враќаат за да купат. А, повозрасните се посебни на свој начин и во односот со нив потребна е поголема трпеливост, која подоцна ги претвора во лојални потрошувачи, вели таа.

На крајот од нашиот разговор, Анита ни кажа дека е горда на продавницата и на начинот како таа допира до граѓаните: Прилеп и прилепчани конечно имаат продавница со ваков тип производи. Засега се фокусираме на успешната работа на овој објект, а во иднина, работата и побарувачката ќе ги диктираат условите. Нашите амбиции се големи...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...