Актуелно

Горан Теменугов: Стечај или можност за подобра практика

23 сеп 2020

Државен интервенционизам е опасен и може да се примени единствено ако банката е толку голема и може да го наруши целиот систем

Пишува: Горан Теменугов

Заврши корона-одморот во кој срцето ни се стегаше кога одевме на плажа од страв да не ја закачиме опасната, невидлива „бубачка“. Но, заврши и исчекувањето на новата влада. Ја добивме релативно брзо. СДСМ – ДУИ – ДПА ветија дека ќе нè водат наредниве четири години, во борбата кон подобра економија и владеење на правото. Веќе слушнато и видено.

Но, новото и изненадувањето дојдоа од друга страна. Бевме затечени од одлуката во стечај да отиде „Еуростандард банка“ (ЕСБ). Дека на оваа банка не ѝ оди баш најдобро, се насетуваше и се озборуваше во економските кругови повеќе од една година. Но, дека
сериозно е под контрола на Народната банка, никој не знаеше.

Што ме натера да пишувам за овој стечај? Тоа е односот на политиката во чисто економска, а наскоро може и криминална приказна. Криминалната, не како таа што сакаат да ја прикажат Трифун и Коста Костовски, дека бизнис-кругови и поранешни вработени
во соработка со Народната банка го предизвикале стечајот, туку дека имало испумпување на пари од банката од доминантните сопственици, семејството Костовски. Ова е работа на органите на прогонот. Но, не е работа на политичките партии да се мешаат во овој случај како што почнаа. Колку и да сака да зајава на популизмот опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека за пропаста е виновна власта, треба сепак малку да закочи.

Прво, недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да ја споредува пропаста на банката со стариот случај ТАТ. И контекстот и регулаторното милје се сосема различни од пред 20 и нешто години. Во времето на ТАТ власта (владата беше на СДСМ) создаде впечаток дека оваа
штедилница е сигурна. Плус, тогаш регулацијата и законските можности на НБРМ беа далеку помали и во зачеток. Сега, пропаста се должи на лошо работење на банката, а стечајот пак на доброто работење на НБРМ, која го отстрани канцерогеното ткиво од
банкарскиот сектор, со што треба да го заздрави организмот. 

Паметните држави од ваквите случаи прават добри практики и не дозволуваат да се повторат во иднина. Лошите, пак, тераат само дневна политика и сакаат аплаузи на дневно ниво.

Точно е дека има сличност со одредени улоги на тогашни и сегашни министри и наместо да излезат со предлози како во иднина да се спречи можна злоупотреба на информациите како што алудираат за во случајот со „Еуростандард“, тоа го нема никаде. Државен
интервенционизам е опасен и може да се примени единствено ако банката е толку голема и може да го наруши целиот систем. Но, ова е мала банка со под два отсто учество во целиот сектор. Затоа, опозицијата треба малку да се преиспита. Од друга страна, добро е што премиерот Зоран Заев по средбата со штедачите во ЕСБ кои нема да го добијат целиот износ на загубен депозит, туку само законските 30.000 евра, не се излета дека ќе најде инстант-решение за нивните проблеми. Toa што треба да го направи Владата е итно да го смени Законот за стечај и да спречи кредитите што ги земале граѓаните и фирмите да достасаат веднаш за наплата во цел износ. Ова е голем проблем при секој стечај на банка бидејќи ако некој земе кредит на 50.000 евра на 20 години, нереално е да се очекува дека ќе ги има парите да ги врати во рок од месец или два, во зависност од брзината на стечајот.

Итно мора да се донесат и правила за да се спречи секој сомнеж во иднина дека некој вршител на функција може да злоупотреби информации и навреме да извлече пари од банка, пред таа да пропадне. Исто така, Владата ќе мора преку своите институции да побара итна проверка дали имало криминал во изминатиов период во банката и што е можно побрзо да се процесира случај, без разлика кој ќе биде обвинет. Ако се постигне ова, ќе се упати јасна порака дека банкарскиот сектор е стабилен, дека има правен поредок, но и дека Владата не се меша во бизнис-релациите, туку само во спречување и санкционирање криминал преку функционирање на институциите.

За крај, паметните држави од вакви случаи прават добри практики и не дозволуваат да се повторат во иднина. Лошите, пак, тераат само дневна политика и сакаат аплаузи на дневно ниво, но не решаваат ништо системски. Затоа, со текот на времето се руинираат
институциите и довербата.
 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Мариа Лазарова-Иванова: Ќе ја зајакнеме одржливата деловна практика

28 сеп 2020

Компанијата dm им исплати бонус од по 9.000 денари на сите вработени

28 сеп 2020

Ејуп Абдулахи: Успехот е круна на најпосветените

28 сеп 2020

„Лидл“ извезува хрватски производи во 14 европски земји

28 сеп 2020

Саемот на ПЛМА ќе се одржи онлајн

28 сеп 2020

Холандски „Плус“ претстави замена за месо

28 сеп 2020
Вчитува уште новости...