Одговорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) на пандемијата на коронавирусот вклучува пет клучни компоненти.
Пандемијата на коронавирусот предизвика големо нарушување на животот во земјите на Западен Балкан. За да се контролира ширењето на вирусот, беше неопходно да се воведат строги здравствени мерки. Овие ограничувања претставуваа сеизмички шок за економијата на регионот, кој очекуваше да го забрза економскиот пораст во 2020 година, се наведува во соопштението на ЕБОР.
Од тие причини, неопходно било Банката да реагира брзо и одлучно. По одобрувањето на двата пакета за солидарност, ЕБОР е подготвена да обезбеди и поддршка во вредност од 21 милијарда евра за периодот 2020/21 година за сите 38 економии, каде што е моментално ангажирана.
Во шесте земји на Западен Балкан – С. Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, ЕБОР е водечки институционален инвеститор. Со комбинација од финансиска поддршка и советодавен ангажман, Банката во просек инвестира повеќе од 1 милијарда евра годишно во регионот. Во 2020 година се обидува да обезбеди до 1,7 милијарди евра како одговор на кризата, соопштуваат од Банката.
Клучните активности вклучуваат поддршка за приватниот сектор, особено на малите и средни претпријатија (МСП), инфраструктурно поврзување и зелена транзиција. Како што се наведува во соопштението, одговорот на ЕБОР на пандемијата на коронавирусот вклучува пет клучни компоненти:
ЕБОР издвои 4 милијарди евра за поддршка на ликвидноста на постојните клиенти и краткорочниот работен капитал. Банката нуди помош за сите сектори на економијата, особено на тие што се сериозно погодени од кризата, со фокус на МСП. Тука се вклучени финансиските институции, туризмот и угостителството, производството и агробизнисот, но помошта не е ограничена само на овие сектори. Можноста на Банката да исплати заеми во локална валута, ќе биде целосно искористена.
Обезбедувањето трговско финансирање е од суштинско значење за глобалната трговија во исклучително предизвикувачките околности. Во рамките на „Програмата за олеснување на трговијата“, ЕБОР обезбеди рекордна поддршка во април, како одговор на силната побарувачка. Со оглед на тоа што достапноста на кредитните линии за финансирање на комерцијалната трговија веројатно ќе остане ограничена, новите граници се следат брзо во рамките на програмата на ЕБОР.
Како одговор на итните потреби на голем број фирми, ЕБОР е подготвена да го разгледа реструктурирањето на тековните обврски, за кое можеби не се потребни нови финансиски инјекции, но може да вклучи промени во постојните експозитури. Овие мерки може да вклучуваат, меѓу другото, и продолжување на роковите и промени во распоредот за отплата.
ЕБОР останува отворена за соработка со нови клиенти во сите региони и сектори каде што инвестира. Тековните рамки на ЕБОР можат да обезбедат поддршка за МСП и за корпорациите, со што реалната економија станува поотпорна со (ин)директните финансии преку банкарскиот систем.
ЕБОР воведува „Програма за поддршка на витална инфраструктура“ за решавање на огромниот притисок врз провајдерите да испорачуваат критични услуги додека се соочуваат со драматичен пад на приходите. Програмата ќе комбинира краткорочни и долгорочни финансиски производи и полиси, кои ќе бидат достапни за државните, општинските или приватните даватели на услуги.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.