Приреди: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk
ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ
Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување
Невработеноста во изминатиот период бележи намалување и според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал од 2018 година стапката на невработеност е 21,1 отсто. Во споредба со истиот квартал од минатата година има намалување за 1,5 отсто. При пополнување на слободните работни места работодавците ги земаат предвид образованието на кандидатите, квалификациите, работното искуство во конкретната област, поседување на т.н. меки вештини, возраста, познавање на работа со компјутери и странски јазици и сл.
Динамичниот развој на пазарот на труд креира работни места каде што се потребни нови знаења и вештини. Неопходно е поврзување на процесот на формалното и неформалното образование со цел да се задоволат актуелните потреби на пазарот на труд. АВРМ ги вклучува невработените во обуки за дополнителни знаења и вештини, а работодавците се мотивираат да организираат обуки во нивните работни простори, со нивна опрема и технологија, за да добијат кандидати за вработување според сопствените потреби.
Најголем дел од слободните работни места се кај работодавци од преработувачката дејност, трговија на големо и трговија на мало. Анализите покажуваат дека за следниот период работодавците искажуваат потреби од практични знаења и вештини во конкретно занимање, интерес, мотивација, а се нагласува и потребата од комуникациски вештини, амбициозност, одговорност, доверливост, прецизност, тимска работа, вештина за внес и читање податоци, флексибилност, вештини за продажба и маркетинг, вештини за менаџирање.
РАМКА: Со оглед на неповолната структура на евидентираните невработени лица, често пати се соочуваме со неможност да одговориме на барањата на работодавците за соодветна квалификувана работна сила.
ЕКСПЕРТСКИ СТАВ
Џевдет Хајредини, економски аналитичар, поранешен министер за финансии
Проблемот со недостиг на работници што го имаат соседните земји, како и сè друго досега, ќе дојде и кај нас. Сигурен сум дека претстои период на дефинитивен одлив на млади, способни и стручни кадри. За тоа не мора да се гледаат економските показатели, доволно е да се види дека секој ден во помалите градови се полнат автобусите, луѓето заминуваат и не се враќаат. Ќе најдат работа секаде во Европа – на пример, само германските бизнисмени пријавија потреба од 800.000 работници кои во моментов можат да ги вработат. Ние и како држава и како бизнис треба да си признаеме дека секој што е помлад и способен, макар бил и со најниски квалификации, е подготвен да замине при првата шанса. Најголем проблем се ниските плати. Никој млад не сака да работи во Македонија за плата под 30.000 денари, оти со тие пари не може да основа семејство, да купи дом, да живее... Газдата и да му ја зголеми сегашната плата на работникот за 2.000-3.000 денари, тие пари пак не му се доволни за потребите, а работникот од некој што заминал пред него знае дека надвор може да заработи повеќе. Од друга страна, нашиот бизнис, работодавците не можат да издржат да даваат месечна плата од по 60.000 денари за вработен. Работници ќе снемува, тоа е појава што неминовно ќе дојде и тој факт мора да ни биде јасен уште сега. Не ме чуди да се случи еден вид преселба на населението, нашите да бараат подобра шанса низ светот, а Сиријци да доаѓаат да работат кај нас.
РАМКА: Ние и како држава и како бизнис треба да си признаеме дека секој што е помлад и способен, макар бил и со најниски квалификации, е подготвен да замине при првата шанса. Најголем проблем се ниските плати.
СТАВ ОД СЕКТОРОТ
Анатол Кутревски, втор извршен директор на „Пекабеско АД“
Во „Пекабеско АД“ имаме околу 470 вработени. Како компанија имаме потреба од работници и тоа најмногу во производство и ниско квалификуван кадар. Луѓе за во канцеларија лесно можат да се најдат, најтешко се наоѓаат возачи со Ц-категорија и месари. Причината е во тоа што има голем одлив на кадар во земјите во странство, особено на возачи на камиони. Тој кадар стана дефицитарен во Македонија.
Им ги зголемивме платите на работниците и тоа ни беше првата мерка. Во „Пекабеско АД“ нема почетна плата под 15.000 денари, со додатоци стигнува до 17.000 денари. И покрај тоа, забележуваме дека на огласите за вработување не се јавуваат работници, дури ни ако се водат како невработени во Агенцијата за вработување. Таква е ситуацијата веќе три-четири години наназад. Во последната година недостигот на работници стана страшен проблем. Јас не сум оптимист, мојата претпоставка е дека ќе станува уште поизразен затоа што, од една страна, тука е стареењето на населението, а од друга страна, е иселувањето.
Каде е решението? Да се подигне стандардот на граѓаните, да се интервенира во образовниот систем, да им се даде можност за преквалификација на тие што сакаат да работат. Платите мора да растат и ние како компанија сме среќни кога го правиме тоа. Треба да се види и што е со невработените евидентирани во АВРМ. Дали тие навистина се невработени, дали се ангажирани во сивата економија, дали сакаат да се доквалификуваат за да најдат работа? Недостигот на работници на пазарот е главна тема и за нас како работодавци, но е проблем за кој е свесна и Владата. Темата постојано ја дискутираме и нашиот став е дека побрзо треба да се преземат мерки.
РАМКА: Забележуваме дека на огласите за вработување не се јавуваат работници, дури ни ако се водат како невработени. Платите мора да растат и ние како компанија сме среќни кога го правиме тоа.
СТАВ ОД СЕКТОРОТ
Соња Тасевска, претседателка на Здружението на трговци
Како во многу европски земји и во земјите од регионот во последните години, така и кај нас сè повеќе се чувствува недостиг на работна сила. Здружението на трговија при Стопанската комора на РМ, кое е едно од најголемите, се соочува со овој проблем, кој од ден на ден станува сè посериозен. Иако статистиките покажуваат голема невработеност, во реалноста не е така бидејќи понудата на работна сила е мала или во одредени професии воопшто ја нема. Многу од членките имаат распишано отворени огласи за вработување во текот на целата година за да го надминат овој проблем. Во малопродажбата постојано се бараат продавачи, а исто така има и голем недостиг на возачи со Ц-категорија. Поголемите компании и синџири маркети честопати примаат кадар кој не е соодветен, па преку сопствени квалификации, тренинзи и работилници вршат доквалификација на кадарот и на тој начин го решаваат проблемот. Што се однесува до платите во трговијата, во последниот период се значително зголемени и се над просечните примања во државата.
Сметаме дека една од главните причини за оваа состојба е сè поголемиот одлив на работна сила во земјите на ЕУ. Соработката на Стопанската комора, бизнис-заедницaта и Владата за реформите во образованието, пред сè во средното, а исто така и во високото образование, како и воведувањето модели од високоразвиените земји, ќе дадат позитивни резултати за решавање на овој проблем.
РАМКА: Во наредната година Владата преку своите мерки ќе биде вклучена во преквалификација и доквалификација на невработените лица за делумно да се надмине овој проблем
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.