Гостин-воведничар: Љупчо Велески, директор за извоз на „Витаминка“
Во време кога главната стратегија за економскиот развој на Р. Македонија е фокусирана на привлекување на странски инвестиции и кога успешноста на економските активности во најголем дел се сведува на тоа која странска фирма ќе отвора нови капацитети, колку луѓе ќе вработи и слично, впечаток е дека индустриските гранки и компании што не се вклопуваат во тоа милје како да се оставени настрана, надвор од фокусот на актуелните економски политики. Притоа, како да отсуствува институционалната процена колку овие компании, со доминантно домашен капитал, даваат позитивни импулси на националната економија и колку влијаат врз процесите на интегрирања на националната економија кон глобалните економски случувања.
Паралелно со отсуството на адекватен институционален третман на овие економски субјекти е и отсуството на адекватната државна поддршка, што би соодветствувала на нивните економски резултати или, во најмала рака, таа не е на нивото што го бара актуелниот миг и околностите што владеат на единствениот светски пазар.
За што се работи? Во исклучително комплексните времиња за македонската економија и исто толку сложените околности што владеат на глобалниот пазар, во Р. Македонија постојат навистина витални и просперитетни бизнис-сектори што многу успешно се фаќаат во костец со главните играчи на глобалниот пазар. Го градат својот просперитет, придонесуваат за просперитетот на националната економија, инвестираат, вработуваат, иновираат... Се работи за македонската прехранбена индустрија и за македонските прехранбени компании, што далеку од актуелната економска политика и погореспоменатиот дефиниран макроекономски интерес, можеби ја живеат својата ренесанса. Кондиторските компании, компаниите за преработка на овошје и зеленчук, винарската индустрија, па и компаниите за млечни и мелничко-пекарски производи извезуваат во над 20 земји низ целиот свет и учеството на извозот кај некои од нив преминува и 50% од вкупната продукција. Производите на „Витаминка“, „Макпрогрес“, „Виго 48“, „Европа“, „Виталиа“, „Випро“, „Мама`с“, „Тиквеш“, „Бовин“, „Кадинo“ и многу други, можат да се најдат во најпрестижните продажни системи како: „Волмарт“, „Метро“, „Лидл“, „Теско“, „Карфур“, „Шпар“, „Била“ и многу други низ целиот свет. Само познавачите на условите во оваа бранша знаат за тежината на овој успех. За димензијата на успехот да биде поголема, речиси секоја година се раѓаат нови прехранбени компании, најчесто од микро и мал формат, што уште од стартот многу бргу го интернационализираат своето работење.
Според тоа, погледнато од оваа перспектива, за овој бизнис-сектор на македонската економија, можеби покрај прашањето: „Како да им се помогне на странските компании во Р. Македонија?“, со истата тежина треба да се постави и прашањето: „Како да им се помогне на македонските компании да инвестираат во странство и да го освојат глобалниот пазар?“
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.