Актуелно

Мислења и коментари: Економските очекувања од новата влада

20 Jun 2017
 

Од први јуни 2017 година, Македонија доби нова влада. Кои се очекувањата на економскиот сектор и на бизнисот, кои се првите неопходни чекори што треба да ги преземе новата влада и дали на економијата и на FMCG-секторот во Македонија им претстојат добри денови – беа главните прашања на кои побаравме одговори.

Данче Драгинова, danche@instore.mk

Став од секторот


Виктор Петков, генерален менаџер и сопственик на „Випро"

По секое конституирање на нова влада, очекуваме „нов ветер" и понатамошно подобрување и усовршување на констатираните недостатоци од претходниот период.

За жал, и покрај добрите намери од осамостојувањето до денес, освен парцијални поголеми или помали подобрувања, ниедна влада досега не успеала да ги реализира базичните барања за современа економија, односно за функционална економија. За остварување на тоа, повторно очекуваме остварување на истите предизвици што ги имаше и ги има секоја нова влада, а тоа, според мене, се: вистински слободен пазар, фер конкуренција, отворање на македонската економија кон поширокото економско опкружување и квалитетно користење на сите потребни економски ресурси на државата.

Функционалната економија подразбира фокусирање на економските субјекти, не на титуларите; фокусирање на рационалноста, не на сопственоста.

 FMCG-секторот директно е зависен, а истовремено и влијае на севкупниот економски развој на државата и на стандардот на потрошувачите.

Меѓу другото, очекувам:

  • Акцент на поттикнувањето на извозот;
  • Фокусирање на развојот на домашните компании (постоечки и идни);
  • Создавање услови за подобро поврзување и координација на домашните компании со странските;
  • Поттикнување на домашната наука и знаења со светските придобивки;
  • Стабилизациска развојна фискална политика, за која постојано се зборува, но е дискутабилна во практика и често е во функција на социјален мир и на долго владеење.

Сметам дека голата продуктивност на што поголемо производство, со што поголеми броеви и дискутабилно трошење не значи автоматски и креативност и зголемена економска моќ и одржливост на државата. Последиците од таа ограничена доктрина може да бидат катастрофални за позитивната регенерација на нашиот севкупен човечки потенцијал и капацитет.

Следејќи ги претходните постулати, првите неопходни чекори што треба да ги направи новата влада, би биле:

  • Департизирање и ефикасност на институциите;
  • Целисходно капитално финансирање во вистинска смисла на зборот;
  • Дерегулација на институционалните инсајдерски „знаења/умеења – снаоаѓања" во административното работење;
  • Понатамошно спречување на митото и на корупцијата на сите нивоа на државната и на јавната администрација со прагматични функционални решенија, наместо комплицирани бирократски процедури;
  • Отворање на домашната економија;
  • Ослободување на домашната економија од стегите на апсолутна регулација на сè и сешто и нејзино прагматично поставување;
  • Реформи во царинската политика за нејзиното функционирање да биде соодветно на мала неразвиена држава со слаби севкупни капацитети во производството и во индустријата (примери од земјите од Блискиот Исток);
  • Реформи во структурата на фискалниот суверенитет по општини, региони и на ниво на република;
  • Реформи во даночниот систем во функција на развојна и одржлива економија и зголемено вработување;
  • Потенцирање и форсирање на извозот од домашните компании;
  • Потенцирање и користење на науката и на најновите тековни знаења;
  • Стандардизирање на особеностите на домашните компании како национални компании;
  • Јасна поделба во функционирањето на странските и на домашните компании како дел од севкупната економија на земјава;
  • Реформи во урбанизмот и во администрацијата во регулирање на имотно-правната проблематика со стандардизирање, нормирање и со автоматизам во нејзиното работење. Со сегашната законска регулатива, ова е гнездо на партиско-урбанистичко-бирократска олигархија;
  • Издвојување на градежното земјиште од другите видови земјиште со посебна легислатива и со заживување на позитивна конкуренција (примери од Канада, Австралија, Нов Зеланд...).

FMCG-секторот е тесно поврзан со претходните премиси и заложби. Тој директно е зависен, а истовремено и влијае на севкупниот економски развој на државата и на стандардот на потрошувачите.

Притоа, најважни се слободниот пазар, слободната конкуренција и позитивната селекција на сите економски ресурси, кои ќе овозможат квалитетно задоволување на потребите на потрошувачите, и по место, и по време, и по квалитет.

Со остварување на целите на економската политика, секако дека FMCG-секторот ќе се зголеми по обем и по квалитет, а со тоа ќе се подобри и севкупната економија и квалитетот на општественото живеење. FMCG-секторот е огромен двигател за вистински одржлив развој на целокупното стопанство на секоја држава, па и на земјава. Сето тоа неминовно ќе резултира со претстојни подобри денови за Македонија.

Аналитички став


Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија

Сите сосотојби се резултат на процеси, и тоа на системско поврзани процеси, во кои сите сме вклучени и одговорни. Во Бизнис-конфедерација на Македонија, сите сме убедени дека не треба да очекуваме нови резултати и правила, туку треба да ги креираме (секако во рамките на институционалниот социо-економски дијалог), односно очекувањата да ги изнесеме како предлози:

  • Долгот (особено реалниот) да се плати кон приватниот сектор. Дополнително, одговорноста во приватниот сектор ја „гледам" во искреното издавање на фактурите кон јавниот сектор, кои во моментот сè  уште не се поднесуваат поради обврската за ДДВ;
  • Реформи во легислативата врз основа на консултации, дијалог и анализи (нова промена на правилата и на легислативата без анализа на предходната, може да произведе поголем проблем);
  • Владеење на правото и на правната сигурност;
  • Транспарентно управување со јавните финансии;
  • Елиминација на постапките и на процедурите низ кои граѓаните и бизнис-заедницата се „наведуваат" на коруптивни чекори;
  • Анализа и елиминирање на парафискалните давачки (националните и локалните), односно суштинско подобрување на условите за водење бизнис.

Во соработка со Меѓународната организација на трудот, Бизнис-конфедерацијата  подготвинасоки за првите чекори што треба да ги направи новата влада, односно приоритетни предлог-политики:

  • Изминатите години, напорите на Република Македонија за унапредување на условите за водење бизнис беа препознаени од меѓународните институции и извештаи, но бројот на новоосновани бизниси се намалува, а претприемачите идентификуваат низа тешкотии во водењето и во развивањето на бизнисот. Предизвиците се идентификувани во реалните услови за водење бизнис, спроведувањето на регулативата, како и во квалитетот на образовниот систем да генерира идни претприемачи и кадри што му се потребни на стопанството. Во таа насока, очекуваме  политики кои ќе дејствуваат во две насоки: унапредување на реалното опкружување за водење бизнис и поттикнување на претприемачка култура преку образовниот систем;
  • Пристапот до финансиите е неопходен услов за пораст на фирмите. Во земјава, порастот на фирмите е главно базиран на различни начини и форми на самофинансирање. Во насока на подобрување на условите за подобар пристап до финасии, очекуваме да се поттикне развојот на широка палета на финансиски услуги,  кои ќе бидат приспособени на реалните потреби на фирмите со различна големина и пофлексибилни на поединечните потреби на препријатијата. Очекуваме мерки за намалување на ризикот за претпријатието и за институцијата што го обезбедува кредитот, зајакнување на пристапот до финансиски советодавни услуги, како и зајакнување на капацитетот на фирмите, особено на малите и на средните претпријатија (МСП);
  • Поттикнувањето на лојалната конкуренција е еден од клучните фактори за креирање добра бизнис-клима. Ниската и нелојалната конкуренција ги поткопува пазарните механизми, го забавува порастот и не обезбедува оптимални производи и услуги за целокупната потрошувачка. Глобалните истражувања покажуваат  дека во Македонија, локалната конкуренција е на прилично ниско ниво и се наоѓа на 119. место во Глобалниот индекс на конкурентноста. Бизнисот чувствува дека сегашната бизнис-регулатива не поттикнува иновирање и развивање на квалитетни продукти и услуги, бидејќи квалитетот не е примарен како примарен критериум. Сметам дека сегашните политики придонесуваат за креирање на нелојална конкуренција од аспект на деловното работење и пазарот на трудот;
  • Исто така, очекуваме подобрување на правната средина и во таа насока, се надеваме дека владата ќе најде начин и механизам да се посоветува и да се консултира со деловната заедница. Очекуваме дека суштински ќе се посвети на проценката на влијанието на регулативата, ќе прифати заедничко подготвување на нов закон за работни односи, закон за финансиска дисциплина, закон или стратегија за развој на МСП, закон за стечај и ликвидација, како и целокупна анализа на влијанието на даночната регулатива врз компаниите со различна големина.

Сепак, за квалитетна реализација и за спроведување суштински реформи, потребен е период подолг од една година.

Очекуваме  политики кои ќе дејствуваат во две насоки – унапредување на реалното опкружување за водење бизнис и поттикнување на претприемачка култура преку образовниот систем.

На економијата во Македонија (или поконкретно на FMCG-секторот), категорично тврдам дека ѝ претстојат добри денови, за што постојат конкретни причини. Политичката неизвесност го спречуваше целокупното општество да размислува позитивно и сигурно, спречуваше да се размислува за инвестиции и да не се стравува за тоа, да се троши за подобрување на личното здравје, исхрана и знаење, да се троши за подобрување на стандардот и на стилот на живеење... Надминувањето на таа неизвесност ќе се одрази позитивно врз широката потрошувачка. Најавите за подобри услови за бизнисот треба да бидат сигнал за инвестирање и за размислување за подобрување на квалитетот и на безбедноста на производите и на услугите за широка потрошувачка. Имајќи го предвид отворениот пристап до квалитетот на производите и до услугите од глобалниот пазар, македонските компании ќе треба да го следат трендот на квалитетна и безбедна понуда на производите за широка потрошувачка.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...