Актуелно

Посетивме: „Еурошоп 2017“ во Дизелдорф

21 Apr 2017
 
Повеќе од 113.000 посетители и 2.368 изложувачи на најголемиот „Еурошоп" во неговата педесетгодишна историја. Големите со меѓународното учество ја потврдуваат својата позиција како водачи на глобалното трговско претставување. Во фокусот: дигитализација, омниканал и емоција на пазарното искуство на купувачот. Голема посетеност на придружните стручни форуми

Приреди: Максим Ѓуровиќ, maksim@instore.rs

Саемот за трговија „Еурошоп" е најголемиот светски саем за малопродажба, кој на секој три години се одржува во Дизелдорф. Бевме присутни на саемот како единствен трговски Б2Б медиум од регионот, од 5 до 9 март 2017 година. Саемот собра повеќе од 113.000 посетители од 138 земји и 2.368 изложувачи од 61 земја од светот.

Основната цел на посетата на овој саем е добивањето нови информации за различни производи, трендови и концепти во малопродажбата, како и склучување партнерства со купување производи и услуги кои се поделени во седум тематски делови, на повеќе од 127.000 квадратни метри изложбен простор во 18 саемски хали.

Посетителите, освен многубројните саемски активности што ги нудеа изложувачите и организаторите, можеа бесплатно да присуствуваат на интерактивни стручни форуми од шест области.

Други активности на саемот беа и: специјални зони за осветлување, „дизајнерско село", италијанска хала, POPAI-село, наградите што ги дава „Еурошоп" и наградите на институтот „EHI retail".

На саемот самостојно се претставија следните компании од Србија: „БГ реклам", „Фриго Жика", „Галеб систем", „Пропулзија", „Шева" и компанијата „Белвуд хангерс".

Хрватска ја претставуваа компаниите: „Собочан интеријери", „Продигитал", „Преминг", а Словенија „Колпа", „Мрежа Блатник" и „Стекларство Ресник".

 

Им ги упатуваме сите честитки на нашите компании за учеството и за посветеноста на вработените на саемот. Овие компании се инспирација за сите други и нашата желба е на следниот саем да видиме повеќе домашни компании како изложувачи и што повеќе посетители од регионот. На саемот имаше повеќе од 400 посетители од нашиот регион, така што ова беше одлична можност да се сретнеме и да размениме искуства со сите водечки трговци, произведувачи и дистрибутери.

За оние што сè уште немале можност да го посетат саемот во Дизелдорф, ви го претставуваме концептот на саемот.

Настанот трае пет дена на просторот на дизелдорфскиот саем. Цените за посетителите се од 70 евра на ден до 150 евра за целокупното времетраење на саемот. Во рамки на тој износ, секој учесник со месеци пред почетокот на саемот ги добива сите неопходни информации, така што кога ќе отиде таму, точно знае во која од осумнаесетте хали се наоѓаат неговите потенцијални партнери или во која сала ќе се одржи одредена презентација.

Цените за излагачите се формирани во зависност од позициите во халите и од големината на изложбениот простор. Со оглед на тоа што побарувачката на изложбен простор од година во година е сè поголема, произведувачите што континуирано се појавуваат како изложувачи на саемот, имаат резервирано подобри позиции, па затоа имаат можност на посетителите да им се претстават на најдобрите места.

Изложувањето на саемот првпат е организирано преку седум тематски делови, кои вклучуваат бројни категории и поткатегории. Ќе се обидеме да ви прикажеме барем дел од организацијата за да добиете претстава за количеството на прозиводи што се претставени и за услугите што ги нудат понудувачите на саемот.

 

Седумте тематски делови

 

1. Опрема за продавници и дизајн на продавници

327 изложувачи претставуваа опрема за продавници, мебел, системи на полици, архитектура и дизајн на продавници, ѕидни системи, штандови, витрини, подови, ѕидна опрема, бројачи, маси, трајни дисплеи, колички, кошници, контејнери, решенија за малопродажба, градежнички материјали, осветлување, алармни системи, разладни витрини, графичка декорација итн.

2. POP-маркетинг (Point-of-purchase marketing)

Во овие хали се претставија 460 изложувачи, а на штандовите можеа да се видат: трајни дисплеи, акрилни и пластични POP-производи, светлечки реклами, картонски производи, банери, комплетен асортиман за печатење големи и мали формати, дигитален систем за огласување, сезонски украси, текстилни украси, дигитални POS-дисплеи, ознаки, означувачи за цени, графика, сигнализација, графички декоративни елементи, промотивна стока, витрини, рекламни постери, осветлување, продажни контејнери, подови, продажни павилјони итн.

3. Осветлување

67 изложувачи од сегментот за осветлување претставија иновации за општо и за амбиентално осветлување, а акцентот беше ставен и на фокус-осветлувањето, планирање на осветлувањето, системи за осветлување, ЛЕД-лампи, контролно осветлување, надворешно осветлување, фасадно осветлување, оперативна опрема, плафонски системи, доставувачи, решенија за малопродажни осветлени знаци, светлечки реклами, осветлени украси и прибор, огледала и огледални системи, изработка и автоматизација, халогени лампи, лампи со висок притисок, светлечки витрини, флуоресцентни светилки.

4. Визуелен мерчендајзинг

Во рамки на оваа секција се претставија 408 изложувачи, а на посетителите им беа достапни регали, дисплеј-штандови, површински материјали, фигури, презентациски материјали, ѕидни облоги, подови, витрини, рамки, закачалки, соби, системски решенија за трговски центри, плафонски системи, седење, бренд-комуникација, систем за управување, прибор. 

5. Технологија за храна и енергетски менаџмент

На посетителите 370 изложувачи им претставија разладни системи, системи за обновување на топлината, опрема за фрижидер и за длабоко замрзнување, разладни витрини, угостителска опрема, греење, вентилација и климатизација, изградба на автоматизација и контролни системи, машини за пакување, фритези, решенија за малопродажба, врати, системи на врати, компакори на отпад и брусилки, системи за управување со информации, мокробранови печки, апарати за кафе, машини за перење алишта, лифтови, контејнери за ѓубре, контејнери за рециклажа на секундарни суровини.

6. Саемски и маркетинг на настани

Во овие хали се претставија 358 изложувачи. Маркетинг-агенции што организираат настани, производствени компании, специјални ефекти, промотивни возила, изнајмување на опрема за настани, планирање и проектирање, снабдувачи со материјали за промотивни активности, изнајмување мебел, декорација за изградба/фаза на изградба, бренд-комуникација, медиуми и аудиовизуелен инженеринг, агенции за комуникација, 3D CAD системите им беа на располагање на посетителите на овие хали.

7. Малопродажна технологија

Најмногу учесници имаше во рамки на секторот за малопродажна технологија, дури 707. Изложувачите претставија EPOS-хардвер и софтвер, електронски надзор на стока, системи за стока, ERP-решенија, рачни уреди, мобилни компјутери, мобилно плаќање, апликации за мобилни уреди, POS-екрани, екрани на допир, POS-печатење, печатачи за купони, POS киоск-системи, EFT-терминали, бесконтактни платежни системи, NFC-решенија, RFID-решенија за надзор на стока, софтвер за POS-комуникација, самоодјава (self-checkout), системи за самоскенирање, ознаки и цени, електронски цени, мерење на фреквенцијата на купувачи, ИТ-консалтинг, системи за управување со информации, мобилни купони, клауд-услуги, софтвери за управување со залихи, решенија за интернет-плаќање, ИТ-опрема и системи, печатачи за цени.

Покрај структуирано поставениот изложбен простор во 18 хали, каде што изложувачите ги претставуваа своите производи на најкреативни начини, посетителите можеа да присуствуваат на форуми каде што во текот на петте дена имаа можност во живо да следат повеќе од дваесет предавања од светот на малопродажбата. Форумите од интерактивен карактер покриваат шест области низ кои говорниците ги презентираат најновите трендови и примери од деловната практика. Форумите се бесплатни и симултано се преведуваат на германски и на англиски јазик. Презентациите траат од 10.30 до 17 часот секој ден. Профилот на говорниците го сочинуваат професори, произведувачи, трговци, агенции-консултанти, медиуми итн. Форумите се добро посетени, па на секој од нив во просек присуствуваа по 200 посетители. Во исто времe, посетителите можеа да слушнат презентации на шест различни места, така што често можеа да се најдат во дилема која презентација сакаат да ја изберат и да ја слушаат. Накратко ви ги претставуваме и темите на форумите.

Форумот EuroCIS ги претставуваше развојот, иновациите и трендовите во областа на малопродажните технологии врз основа на примери од студии на случаи. Релевантните теми на презентациите беа мобилни решенија, најнови развојни решенија во областа на самоодјавување и самостојно скенирање, трендови во областа на „големи бази на податоци" и аналитика, RFID; технологии на плаќање и безбедност...

Форумот OmniChannel беше фокусиран на прашањата што се однесуваат на стратегиите за успех, предизвиците и на можностите на новите технологии што се однесуваат на дигиталниот и на традиционалните канали на дистрибуција. Темите на презентациите, исто така, беа премин од мултиканал на омниканал, однесувањето на потрошувачите во различните канали на продажба, интеграцијата на мобилните уреди во дистрибутивните системи и новиот маркетиншки пристап кон потрошувачите.

Форумот POPAI(Point of purchase marketing) покриваше маркетинг-презентации и дискусии чиј предмет беше POS. Во темите влегуваа шопер маркетинг, технологија за малопродажба, однесување на купувачот, повеќеканални трендови и иновации.

Форумот EcoPark беше централно место за презентации од областа на управувањето со енергија и со оптимизација на разладните системи. Фокусот беше на процесите MOEM (multi- outlet energy- management) и на надзор на енергетските концепти во малопродажбата.

На форумот Expo & Event се одржаа предавања од областа на индустријата малородажба, одржливост, трендови во дигитализацијата, Work 4.0.Организатори на овој форум се Здружението за комуникации FAMAB (FAMAB Kommunikationsverband E.V.) стручниот магазин „m + a"Меѓународната федерација за изложби и настани (IFESи Институтот за комуникации (Studieninstitut für Kommunikation GmbH). Носителите на одлуки од водечките компании во секторот, агенциите, независните институции и медиумите имаа можност да ги презентираат своите најдобри практики.

Форумот Архитектура и дизајн беше централен простор за сите теми што се однесуваат на дизајнот на продавниците, архитектурата, осветлувањето и визуелниот мерчендајзинг. Успешни трговци, архитекти и агенции ја претставија својата стручност преку примери од најдобрата практика, каде што видовме креативни, иновативни и докажани решенија во областа на архитектурата и на дизајнот на местото на продажбата.

 

Фокусот на саемот

Доминантни теми на „Еурошоп 2017" беа дигитализација во малопродажбата, решенија за омниканал по мерка и емоциите на купувачите во одлучувањето на местото на продажбата.

Експанзијата на продажбата на интернет создава сè поголем притисок врз трговците да инвестираат и да го менуваат концептот на продажба на местото на продажбата, за да им овозможат на купувачите дополнителни погодности и да бидат попривлечни за нив. Нов тренд се дизајнираните продавници кои, всушност, не продаваат финален производ, туку на купувачот му даваат нова димензија на креативно знаење за производот. Пример за тоа е новата продавница на „Самсунг" во Њујорк или безброј продавници кои го менуваат концептот, така што на купувачите, освен продажба, им нудат и разни едукативни семинари во продавницата.

Современите информатички технологии и посебните апликации стануваат сè поважни во секторот на малопродажбата при процесот на купување. Од една страна, купувачите очекуваат ново искуство при купувањето во продавницата, а од друга, сакаат испорака на производот на домашна адреса. Конвенционалните трговци сега сè повеќе ќе ги развиваат своите интернет-продавници, а големите продавачи на интернет тежнеат сè повеќе да отвораат свои креативни конвенционални продавници.

Фокусот на трговците е емоцијата што купувачите ја чувствуваат при купувањето во одреден објект. Раскажувањето приказна (storytelling) e основата за новите концепти во малопродажбата, било да станува збор за архитектурата, дизајнот, осветлувањето, промоцискиот простор или продажниот простор што влијае на самиот купувач. Трендот што е видлив е голем пораст на инвестициите во визуелниот мерчендајзинг, кој според истражувањата на Институтот EHIбележи пораст од година во година. Според податоците на овој институт, на пазарот во Германија овој тренд е двојно зголемен. Трговците многу повеќе инвестираат и во ЛЕД-осветлување, како и во нови разладни системи, со што сакаат да постигнат оптимизација на енергијата во малопродажните објекти.

На саемот, покрај посетата на изложбените простори на компаниите од Србија, се сретнавме со повеќето водечки трговци, произведувачи и дистрибутери од целиот регион. Наша желба е да имаме што повеќе изложувачи и посетители од регионот. За сите оние што сè уште не биле на саемот, им препорачуваме да се подготват за следниот „Еурошоп", кој ќе се одржи во март 2020 година.

Никако не би требало да пропуштите толку импозантна приредба, каде што за мала инвестиција како посетител, можете да се запознаете со најновите трендови во развојот на трговскиот сектор. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...