Актуелно

Мислење и коментари: Во новата година со старите рани

19 Dec 2016

Академски став

Марјан Петрески, професор по економија во Универзитетот „Американ колеџ" 

Македонија се наоѓа во еден специфичен амбиент и во поглед на економските случувања и во поглед на очекувањата. Политичката криза која трае во земјата веќе две години, ги потиснува економските очекувања во значајна мера: и помеѓу населението и помеѓу фирмите, постои извесна разочараност од општите политички случувања, а тоа предизвикува и двата економски сектора да не преземаат поголеми одлуки за инвестирање и за трошење. Тоа, заедно со воздржаноста на странските компании да инвестираат, веројатно го преполови порастот за оваа 2016 година. Истите движења, без оглед што со изборите се очекува почеток на разврската на кризата, ќе ги детерминираат економските случувања и во 2017 година, односно очекуваниот економски пораст веќе во извесна смисла го има вградено во себе фактот дека разврската на кризата не може да дојде преку ноќ, туку нејзините ефекти ќе ги чувствуваме уште некое време. Во целиот овој амбиент, и оптимизмот пред новогодишните празници ќе биде значајно потиснат. Сепак, вообичаено е потрошувачката околу новогодишните празници да биде поголема отколку во другите месеци.

 

-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------


Аналитилчки став

Ѓорѓи Митревски, директор, „Ипсос" - Скопје

 

 

Новогодишниот оптимизам ќе се одрази со екстремно зголемување на потрошувачката во текот на декември, како одраз на типичниот сезоналитет во потрошувачката кој на годишно ниво бележи најголем пораст токму во овој месец.
 
Но, ако го погледнеме годинешниот тренд на основните економски индикатори кои се добиваат од редовното Business and Consumer Survey што „Ипсос" - Македонија го спроведува за потребите на Европската Унија, ќе забележиме дека нема голем простор за оптимизам.
 
Индикаторот на доверба во секторите индустрија и услуги бележи значителен надолен тренд во текот на целата година, а стабилна позиција со благ надолен тренд се бележи и во секторот малопродажба.
 

Индикаторот на доверба кај потрошувачите е со негативен предзнак во текот на целата година, а композитниот ESI (Economic Sentiment indicator) исто така покажува надолен тренд.
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Новинарско око

Мирче Јовановски, економски новинар 

 

Доколку се суди според ветувањата на политичките партии во предизборието, во наредниот период треба да очекуваме мед и млеко. Повисоки плати, пензии, вработувања... 
 

За жал, реалноста е многу поинаква. Мислам дека и во 2017 година стопанството, а и граѓаните ќе се соочуваат со многу предизвици. Некои, поради домашните услови, лекување на старите рани од двегодишната политичка криза, а дел и поради зголемената неизвесност на глобално ниво. Тука не мислам само на безбедносните ризици, мигрантската криза, туку и на процеси што можат да значат економски поместувања со неизвесен исход – како, на пример, брегзит, откажувањето на Транспацифичкото партнерство на САД и сличниот договор со ЕУ... кои, порано или подоцна, ќе се прелеат и кај нас. Да не зборуваме за домашните проблеми со кои се соочуваат фирмите – наплатата на побарувањата, пласманот, извозот...

-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Став од секторот
Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд"

FMCG-секторот во Македонија и во регионот покажува висок степен на развој и во споредба со целата низа на други индустрии е силно компетитивен, без разлика дали зборуваме за квалитетот на настапот на пазарот на странски или домашни инвеститори. Би кажал дека и за следната година најголемите предизвици во различна мера, се заеднички за целиот регион, а тука мислам и на неблагодарното економско опкружување, и понатаму високата невработеност, пад на куповната моќ, стравот произведен од долготрајната криза... Од перспектива на регионален лидер во производство на храна и на пијалаци, проблем може да биде и ограничениот простор за пораст и релативната заситеност на пазарот, услови во кои простор мора да најдете во компаративните предности во однос на конкуренцијата и да земате дел од нивниот пазарен удел. Сметаме дека ги имаме тие компаративни предности, а дополнителниот пораст сакаме да го генерираме со излез на нови пазари. Како главни ризици се истакнуваат скромните стапки на пораст во согласност со макроекономските можности и потреба за значителни вложувања за постигнување на конкурентските предности во однос на локалните и регионалните производители. Разликите што ги носи конкуренцијата, но и ризикот што е детерминиран токму од деловното опкружување, поточно од нивото на личната потрошувачка како компонента на БДП и од нивото на животниот стандард на потрошувачите, кои ги диктираат трендовите во индустријата на стока за широка потрошувачка, „Атлантик група" настојува да ги редуцира со својата добра диверзификација на производствените и на дистрибутивните капацитети во регионот, надоврзано на процесот на интензивна интернационализација и на зајакнување на дистрибутивните функции.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...