Актуелно

Амир Карамети: Јунаците на мака се познаваат

16 Nov 2016

Гостин-воведничар: Амир Карамети, сопственик на „Актифф"

Како сопственик на македонска компанија која веќе петнаесетина години се занимава исклучиво со застапништво и со дистрибуција на производи за широка потрошувачка на домашниот пазар, мора да истакнам дека е многу тешко да се биде дел од многубројните компании што дејствуваат во FMCG-секторот и да се чекори рамо до рамо со мултинационалните. 

Да се опстане на пазарот во ова (не)време, во кое сите сме сведоци и длабоко засегнати од политичката и од економската ситуација, да се одговори на предизвиците и на интензивните промени што ги носи трговијата секој нов ден и да се задоволат потребите на современиот потрошувач – бара вложување натчовечки напори, максимална посветеност во работењето, огромни инвестиции, следење и применување на најновите трендови и технологии, дополнителни маркетинг-вложувања, а воедно и многу голем ризик.

Но, затоа постои и изреката: Јунаците на мака се познаваат. И покрај сите тешкотии, се трудиме храбро да чекориме напред со најсилната флота, а тоа се вработените.
Бидејќи сум човек што ги почитува традиционалните вредности, за мене, вработените се светост на фирмата. Основата на компанијата е градена, пред сè, врз основа на почитта кон другиот – колега, соработник, купувач, доставувач. На почитта, како највисока вредност, се надоврзуваат и чесноста, искреноста, лојалноста и припадноста, кои се предности за градење професионализам.

Составните делови на нашето работење биле и секогаш ќе бидат обуките, продажните конференции и семинарите, кои ги спроведуваме во координација со други компании, но и интерно. Целта е надградување и едукација на вработените, размена на информации и податоци, за да може секој вработен да одговори на предизвикот и на промените на новото време и за полесно остварување на индивидуалните и на заедничките цели.

Секоја година станува сè потешка, но се надеваме дека и оваа година ќе ја завршиме успешно, благодарение на огромениот труд и на посветеноста во развивањето на брендовите, како и благодарение на огромната поддршка и разбирањето за македонскиот пазар од нашите доставувачи.

Повторно ќе се навратам на тоа дека успехот на секоја компанија зависи од луѓето што се дел од неа, а долгорочното опстанување и развивање зависи од меѓусебното разбирање и почитување.

Без разлика на новата ера на интернет-комуникација и на социјалните мрежи, и во иднина клучен фактор за развој во FMCG-секторот уште повеќе ќе биде квалитениот кадар, полн со иформации и со знаења, кој е подготвен да се соочи со секој предизвик.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...