Актуелно

Посетивме: InStore на конференција на ИГД во Лондон

21 Dec 2015

Иднината е во интернет-трговијата 

На една од најголемите FMCG-конференции во Лондон, InStore беше присутен како единствен претставник од јадранскиот регион. Тема на „Онлајн & дигитал самит 2015" (Online & Digital Summit 2015), во организација на компанијата ИГД (www.igd.com), беше иднината на интернет-трговијата.

Приреди: Максим Ѓуровиќ, регионален координатор на InStore Adriatik, maksim@instore.rs

Настанот го покрива сето она што е потребно за да се зголеми порастот на продажбата во каналите на стоките за широка потрошувачка, вклучувајќи ги најновите глобални движења, иновациите, потребите и навиките на потрошувачите, дискусии за можностите и за предизвиците, како и новите начини за заедничка работа на трговците со производителите.

Од интернет-продажбата се очекува да биде еден од клучните двигатели за пораст во следните години. Во два дена, на конференцијата, од најдобрите слушнавме повеќе студии на случаи, анализи и бизнис-модели, како да се изградат успешни стратегии во интернет-каналот за продажба.

Презентацијата ја отвори Том Пикфорд, директор за е-бизнис во „П & Г", за Европа, Индија, Средниот Исток и Африка, со презентацијата „Да го ставиме интернетот во срцето на индустријата". Основата на неговото излагање беа четири точки. Посилно поврзување на купувачот со дигиталната содржина, која е специфично креирана за секој трговец, поголема конверзија на дигиталните посетители во интернет-купувачи, активација на целната група со користење геотаргетинг за купување кај локалниот трговец и, на крај, зголемување на лојалноста на интернет-купувачот.

Следната презентација ја претстави Ванеса Хенри, менаџер за грижа на потрошувачи во ИГД. Темата беше „Подемот на интернетот" и постави три прашања: колку ви се лојални купувачите, како да се зголеми лојалноста и уделот во продажбата и што ќе донесе иднината. Неколку точки од нејзината презентација покажаа дека од 2010 година во Велика Британија побавно се зголемува уделот на купувачите што купуваат барем еднаш месечно преку интернет од 22 на 26 проценти во 2015 година, а истовремено, бројките во дисконтниот канал се зголемија од 37 на 54 отсто. Купувачите ги менуваат интернет-трговците најмногу поради промоциите, а втората причина е лошото искуство при купувањето.

Презентацијата на Фил Вилкинсон, сениор менаџер за е-трговија на производи во „Асда", потврдува дека фокусот е на соработката меѓу производителите и трговците за целни и за поедноставни интернет-кампањи. Тој ги наведе позитивните примери на компаниите, како што се „Нестле", „Унилевер", „П & Г", и финалниот заклучок на производителите: Работиме сè едноставно, со фокус на УСР – усогласување, соработка и развој (ACE – align, collaborate, evolve).

 

Интересен поглед на интернет-огласувањето имаше Морин Мекдона, раководител за малопродажба во „Фејсбук", со темата „Поврзување со клиентот на утрешнината". Фокусот на презентацијата беше прикажување на „Фејсбук" како алатка, која преку таргетирање на реални луѓе со мноштво креативни решенија и со фејсбук-филозофијата на истражување, покажува успешни персонализирани студии на случаи.

Мартин Њуман, извршен директор на компанијата „Практиколоџи", е со 25-годишно искуство во FMCG-индустријата. Неговата порака е да го ставите купувачот во центарот на сè што работите. Направете нешто иновативно за купувачот, изненадете го, дозволете му да купува како, кога и каде што тој сака. Фокусирајте се на купувачот и на неговите очекувања, а не на каналот на продажбата, бидете транспарентни со силна и со едноставна порака, што купувачот ја разбира.

Кејт Даглас, менаџер за малопродажба од „Твитер", и Абигејл Бајр, менаџер за малопродажба од „Гугл", презентираа како „Твитер" и „Јутјуб" иновативно доаѓаат до купувачите на FMCG-производи. Според нив, луѓето не се промениле, туку се промениле нивните навики на гледање, како и доминацијата на мобилните телефони и на таблетите, наспроти фиксните компјутери.

Една од најдобрите студии на случаи беше презентацијата на Дејвид Мартин, европски интернет-директор во „Кока-кола ентерпрајсис", со примерот на лансирањето на Glacéau Smart Water преку интернет-кампања. Голем проблем во интернет-продажбата на безалкохолни пијалаци е навиката потрошувачите да купуваат рутински. Тоа го прават дури 85 од интернет-купувачите, односно тие уште пред да купат, одлучуваат што ќе купат. Веб-страниците на трговците не им помагаат на купувачите во промената на нивните куповни навики и не ги мотивираат да пробаат нешто ново. Примерот со лансирањето на Glacéau Smart Water ги промени навиките на потрошувачите.

Бен Милер, директор за малопродажба во ИГД, рече: Интернетот зема сè поголем замав со сè поголемата употреба на електронските уреди, ниските цени за достава и поголемиот број локации, на кои нарачаната стока може да се преземе.

Интернет-купувачите покажуваат поголем степен на лојалност – беше еден од заклучоците на претставените истражувања, со оглед на тоа дека 54 отсто од испитаниците тврдат дека се лојални кон одреден трговец, во споредба со 50 проценти од инстор-купувачите, кои секогаш го избираат истиот трговец. Значаен податок е и тоа дека сè поголем број купувачи се одлучуваат за големи купувања по пат на интернет-каналите.

Очекуваме дека 2016 година ќе биде фантастична од аспект на интернет-трговијата во прехранбениот сектор, со значајни играчи како што е „Амазон", кој ќе ги помести границите на иновацијата, заклучи Милер.

На конференцијата беа присутни 426 учесници од 213 компании

Во програмата учествуваа:

  • 10 најголеми трговци, вклучувајќи ги: „Теско", „Асда", „Волмарт", „Сеинсберис", „Реве", „Окадо"...;
  • 10 производители: „Унилевер", „Келогс", „П & Г", „Кока-кола", „Игло", „Јунајтед бруверис", „Мекормик", „Виск", „Кимберли Кларк", „Данон";       
  • 10 технички говорници, вклучувајќи од „Гугл", „Твитер", „Фејсбук"...;
  • 4 експерти од ИГД.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...