Гостин-воведничар: Беким Бекири, национален менаџер за бизнис-развој за Македонија, Албанија и за Косово, „Марс СЦЕ"
Предизвиците за FMCG-секторот сè повеќе се зголемуваат. Се соочуваме со проблеми од локален политички карактер, но и со глобални тешкотии, кои до одредена мера ќе ги загрозат и нормалните услови на работење. Тука е и постојаниот притисок на ресурсите, каде што еластичноста меѓу потребите и можностите е сè повидлива. Сè поголем предизвик претставува и животниот стил на консументите – ќе мора да влијаеме на нивните навики за поголема физичка активност и за балансирање на внесувањето калории...
Петте принципи на „Марс" – квалитет, заемност, одговорност, ефикасност и слобода – би можеле да водат кон фокус на вниманието што треба да го посветиме.Квалитетот на тоа што го работиме треба да биде бескомпромисен. Заемност, за да бидеме сигурни дека сите вклучени во циклусот на работата ќе бидат задоволни од процесот. Одговорност – секој одговорно и совесно да ги извршува обврските. Ефикасност – брзо и ефикасно да се приспособуваме на новите предизвици и максимално да бидеме ефективни. Слобода, односно финансиска слобода што ќе ни овозможи рационално да донесуваме одлуки за понатамошен развој.
Првата интерактивната Talk IN Business средба, на тема „Слатка програма", беше одлична можност да се сретнеме со сите релевантни фактори во кондиторскиот дел. Првпат опуштено проговоривме за пристапот кон категоријата и за тоа како понатаму да се развиваме. Во дискусијата беа присутни и нашите купувачи, кои директно ги слушнаа размислувањата и активно партиципираа со идеи. На нестандарден начин и во опуштена атмосфера, средбата успеа да нè стимулира да проговориме за многу отворени прашања, предизвици, проблеми, за тоа како да се развиваме...
Настанот нè држеше фокусирани со добро избраните презентации, кои ги опфатија сите сегменти што се интересни за нас, почнувајќи од погледот на целата категорија, со увид во поткатегориите, освртот кон егзекуцијата, како и моментот на медиумското планирање. Особено интересен беше интерактивниот дел, во кој сите имавме можност да дадеме мислење за дадените теми.
Пред 15 години, кога работев во други околности и со други производи, се сеќавам дека преговорите со клучните клиенти ги водевме во ресторан, на третиот кат од управната зграда, во еднонасочна дискусија. Тоа беше ерата кога доминираа брендовите и некако тој „share of voice" беше доминантен на страната на производителите. Времињата се менуваат и очигледно дека клучните клиенти стануваат сè подоминантни.
Имам чувство дека сега преговорите се ограничуваат на маржи и на заработка. Како да се заборава големата слика и не секогаш порастот на категоријата е во преден план. Како сите да сме во некоја гард-позиција. Првите се плашиме од сè поголемите побарувања, а другите размислуваме како побргу да се етаблираме и да станеме доминантен играч на пазарот.
Се надевам дека бргу ќе успееме да го надминеме овој период и ќе почнеме заеднички да работиме и да ја градиме категоријата, за да ја оствариме заедничката цел – задоволни консументи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.