Актуелно

Компаниите ја зајакнуваат својата репутација преку општествено одговорен бизнис

03 Apr 2024

Далибор Бајиќ, маркетинг-менаџер, „Сарантис“ - Србија д.о.о. Белград

Дали е можно, во исто време, да се работи одговорно кон општеството и животната средина и да се биде конкурентна и профитабилна компанија?

Нашата планета има ограничени ресурси и постои реална закана дека тие ќе исчезнат засекогаш доколку човештвото продолжи да ги искористува бескрајно и неодговорно. Губењето на биолошката разновидност, екстремните климатски настани, кои се јавуваат како резултат на глобалното затоплување и намалувањето на озонската обвивка, се само дел од сигналите кои сериозно нè предупредуваат дека е неопходно да се однесуваме одговорно кон животната средина и да спроведеме одржливи развојни мерки.

Корпоративната општествена одговорност е концепт според кој компаниите ги интегрираат економските, социјалните и еколошките димензии во нивното секојдневно работење, придонесувајќи истовремено за економскиот пораст на компанијата и напредокот на општеството. Улогата на компаниите е огромна, имајќи предвид дека бизнис-секторот троши половина од произведената електрична енергија во целиот свет. Неоспорно е дека компаниите имаат големо влијание врз животната средина и затоа мора да сносат голема одговорност. Општествената одговорност во областа на заштитата на животната средина подразбира компаниите да ги гледаат климатските промени во контекст на долгорочни инвестиции во обновливи извори на енергија, еколошко производство и управување со отпад, што ќе го направи нивниот бизнис не само отпорен на предизвиците на климатските промени, туку и многу поконкурентен.

Има многубројни сигнали кои сериозно нè предупредуваат дека е неопходно да се однесуваме одговорно кон животната средина и да се спроведат мерки за одржлив развој.

Компаниите имаат единствена можност да лансираат различни одржливи деловни програми кои би ги спречиле последиците од климатските промени, а долгорочно би донеле заштеда на ресурси и енергија, подобар квалитет на живот и отворање нови работни места. Во исто време, истражувањата покажаа дека многу повеќе потрошувачи се подготвени да платат повеќе за некој производ доколку компанијата е општествено одговорна. Преку таквото работење, компаниите ја зајакнуваат својата репутација, ја прошируваат базата на потрошувачи и клиенти и ги зајакнуваат врските со вработените и инвеститорите, но и на крајните потрошувачи. Често, како услов за партнерство, од нив се бара да ги применуваат принципите на одржлив бизнис. На овој начин компаниите обезбедуваат подобра позиција на пазарот, го зголемуваат својот имиџ, како кај државата така и кај потрошувачите. Денес, средните и малите компании мора да прифатат и да применуваат строги процедури, правила и стандарди на ист начин како што тоа се прави во компанијата што ги ангажирала како партнер.

Улогата на компаниите е важна, пред сè, во пренесувањето на пораката до партнерите и јавноста за важноста од интегрирање на принципите и целите на одржливиот развој во деловните политики, преку демонстрирање активности кои ја покажуваат важноста на одржливиот бизнис за пошироката заедница.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...