Како и секоја новина на пазарот, така и производите со канабис си го наоѓаат патот до крајниот потрошувач, но се работи за процес.
Панче Гелевски, директор на продажба и маркетинг во „Реплек“
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Колку македонските потрошувачи се свесни за постоењето на производите од коноп и за придобивките од канабисот и канабиноидите?
Во светски рамки, но и кај нас, овој сегмент е во подем и нуди одлична можност за развој. Производите од канабис даваат одлични резултати како поддршка во процесот на лекување на одредени автоимуни, онколошки и невролошки заболувања. Освен тоа, од канабисот се произведуваат и козметички и производи за широка потрошувачка. Како компанија која е пионер во оваа област, можеме да констатираме дека потенцијалот за развој на пазарот е голем, но неопходно е да се олесни регулативата, да се подобри бизнис-климата и да се едуцираат потрошувачите. Сè уште има тешкотии што го забавуваат развојот на овој пазарен сегмент.
Брендови на „Реплек“ се маслото од коноп Каноил и козметиката Cannabo. Колкав е нивниот удел во продажбата во однос на другите, конвенционални производи?
Уделот во продажбата на производите од канабис во моментот е 5% од вкупното портфолио на компанијата.
Овие производи ги пласирате во фармацевтскиот канал. Кој е патот на козметиката до полиците во маркетите и како таа да биде повидлива за потрошувачите? Тешко ли е да се воспостави соработка со трговците?
Како и секоја новина на пазарот, така и производите со канабис си го наоѓаат патот до крајниот потрошувач, но се работи за процес. Пробивот на нови производи не се случува преку ноќ, за тоа се потребни инвестиции во продажни канали, маркетинг и промоција, како и во едукација на потрошувачите. „Реплек“ нуди уникатна козметичка линија за нега на лице на зрела кожа, која е на база на канабис и 24-каратно злато. Ова е уникатна формула создадена од нашите фармацевти. И покрај врвниот квалитет, колекцијата сè уште има простор за нејзино подобро позиционирање на пазарот.
Што би издвоиле како најголем предизвик и пречка за помасовно прифаќање и зголемена потрошувачка на овој тип производи?
Има повеќе предизвици и од аспект на регулацијата и од аспект на развој на пазарот, но со засилена соработка тие можат успешно да се надминат и да се креираат подобри услови за развој. Потребна е поголем едукација на корисниците за безбедноста и бенефитите од производите што содржат канабис.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.