Актуелно

И со субвенциите во земјоделството нема брзи резултати

01 Jun 2022

Владата ќе дава по 15.000 денари субвенции за хектар сончоглед, ќе доделува државно земјоделско земјиште под закуп за житни култури, ѓубриво и средства за „зелена нафта“. Соговорниците на InStore зборуваат за тоа дали мерките ќе ги поттикнат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури

Подготви: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.m

Петар Стојкоски, претседател на Асоцијација на земјоделци:

Тоа што има војна во Украина и што можеби (ќе) имаме недостиг на храна нè натера пореално да размислуваме како сами да го зголемиме производството на храна и да ја намалиме нашата зависност од увоз на храна. Тоа што сега Владата дава дополнителни субвенции за одредени производи, како пченица, сончоглед и други земјоделски производи, е добар чекор и уште подобро е што ја даде целокупната земја да можат да ја користат земјоделците. Со таа мерка сигурно ќе се зголеми производството на земјоделски производи, особено на пролетните култури. Веруваме дека по 20 отсто ќе се зголеми производството на сончоглед и на пченка. Семенски материјал има доволно, има и вештачки ѓубрива, но цените се превисоки, а ние како земјоделци немаме толкави средства. Има и поголема недоверба меѓу нас како производители и откупувачите. Ако ние произведуваме пченица за да заработиме за нас, за нашата фамилија, вишокот го предаваме на преработувачот за натамошна преработка. Преработувачите треба да нè авансираат со семенска пченица и вештачки ѓубрива. Ако постигнеме таква доверба меѓу производителот и преработувачот, верувам дека ќе имаме и поголемо производство.

Имаме толку многу сончеви денови не само да сме успешни земјоделци, туку и да имаме повисок квалитет од другите производители.

Ние сме аграрна држава, имаме доволно површини обработлива земја за целосно да бидеме снабдени од наше производство. Пченица сигурно можеме да произведеме, според површините што ги имаме. Имаме и други наши производи кои можеме да ги произведуваме, па и да ги извезуваме: пиперката, која успева секаде во земјава, кромид, лук, грав, пченка... за сите ни одговараат и земјиштето и местоположбата. Имаме толку многу сончеви денови не само да сме успешни земјоделци, туку и да имаме повисок квалитет од другите производители на вакви земјоделски производи. Со субвенциите не можеме за 24 часа да застанеме на нозе, но младите ќе можат да увидат дека може да се живее нормално и од земјоделството. Сега просечната возраст на земјоделецот во Македонија е 50 години. Ако се намали старосната граница на земјоделецот, тоа ќе биде успех на државата.

Проф. д-р Драги Димитриевски, Институт за земјоделски науки и храна        

Актуелниот конфликт помеѓу Русија и Украина само дополнително ја продлабочи кризата со намаленото земјоделско производство и недостигот на одредени основни прехранбени производи. Македонија постојано е во негативен трговски биланс кај земјоделско-прехранбените производи кој, за жал, од година на година се зголемува, а минатата година достигна висина од 316 милиони евра.

Причините за ваквите состојби треба да се бараат во настани од подолг период во минатото, односно од целиот 30-годишен период од осамостојувањето на државата. Како едни од главните причини може да се споменат општествено-економските промени на целиот систем, промена на режимот на пазарите, процесот на приватизација во земјоделството и пропаѓањето на поранешните агрокомбинати, како носители на пазарното производство, заостанувањето на индексите на цените во земјоделскиот сектор во однос на другите сектори кои ја влошуваа состојбата со доходовноста на земјоделските производители, па сè до влошување на природните услови за земјоделското производство, а пред сè негативното влијание на климатските промени.

Сегашната криза го актуализира прашањето за состојбата со земјоделството во државата и го истакнува значењето на домашно производство на основните прехранбени производи. Како најеклатантен пример секако е сончогледот, односно недостигот на сончогледово масло за јадење, кое во најголем дел од домашните потреби го увезуваме. Проблемот кај нас е што и кај другите основни прехранбени производи сме увозно зависни, а пред сè тука се пченицата (брашното), шеќерот (100% го увезуваме), млекото, месото, како и други зрнести производи кои ја прават основата за концентратните смеси за исхрана на добитокот во сточарството.

Доколку слободно функционираат пазарите, нема да се чувствува недостиг, но во ваква светска криза владите на државите од каде што увезуваме применуваат ограничувања, па и забрана за извоз, со што се оневозможува нормалното снабдување на домашниот пазар. И во такви услови уште повеќе доаѓа до израз неопходноста од домашното производство. И нормално, во овие услови државата реагира и се обидува да го стимулира домашното производство и да обезбеди што е можно поголемо производство.

Значајно е да се изработи сериозна анализа и да се донесе државна стратегија за обезбедување на основните прехранбени производи од домашно производство.

Меѓутоа, јас постојано истакнувам дека во земјоделството нема брзи резултати и за надминување на проблемите потребен е подолг период во кој доколку сакаме постепено да обезбедуваме домашно производство на овие основни прехранбени производи и да заменуваме дел од увозот со домашно производство, потребни се конзистентна политика и конзистентно и континуирано применување на мерки за поддршка и заштита на ова производство.

По однос на прашањето за мерките што сега се преземаат, може да се каже дека тоа се мерки кои може да стимулираат, но не може веднаш да го решат проблемот и да донесат големи резултати. Значајно е да се изработи сериозна анализа и да се донесе државна стратегија за обезбедување на основните прехранбени производи од домашно производство, која ќе утврди колку и кои капацитети ќе бидат потребни, која е таа производна структура што ќе ги стави во функција овие капацитети, пред сè, земјоделското земјиште кое од година на година сè повеќе се напушта, кои средства се потребни, како и кои мерки за поддршка ќе се применуваат. Веднаш да нагласам дека не можеме да очекуваме дека целосно за сите производи ќе обезбедиме домашно покривање на потребите, меѓутоа, значајно можеме да ја намалиме увозната зависност.

Горанчо Лазов, извршен директор на Прехранбена индустрија „Кристал 1923“ АД Велес

Прехранбена индустрија „Кристал 1923“ АД од Велес е најстара фабрика во Македонија за производство на масло за јадење со традиција од речиси еден век и единствена која произведува масло од сончогледово семе.

Поради војната во Украина, се наруши снабдувањето со сончогледово масло на европскиот пазар, се јави недостиг кај тие што зависат од увоз и дојде до значително зголемување на цената на суровото масло на берзата. Стравот од повисоки цени и стравот од недостиг на масло, како и правењето резерви од страна на трговците доведе до значително поголема побарувачка на масло на пазарот. Во моментов ние располагаме со задоволителни количини готово масло, како и суровини што континуирано ги увезуваме од Бугарија. И покрај зголемената побарувачка на домашниот пазар, ги следиме барањата на него и имаме двојно зголемено производство во споредба со истиот период од претходната година.

Излезот од моменталната криза го гледаме во стабилизирање на цената на маслото согласно реалните берзански цени и евентуално доколку државата има можност да издвои средства за субвенционирање на произведеното масло, да влијае врз висината на цената. Исто така, на трговците во малопродажба треба да им се одобри маржа. На долгорочен план, кризата за храна допрва почнува и единствениот излез го гледаме во зголемување на домашното производство на суровина, односно сончогледово семе и намалување на зависноста од увоз на овој основен прехранбен продукт.

Ние континуирано водиме кампања за враќање на сончогледот на македонските полиња со договорно производство и финансирање на семенскиот материјал и гарантиран и навреме исплатен откуп на сончогледот. Последниве години од македонскиот пазар откупуваме по околу 4.000 тони сончоглед, а нашиот инсталиран капацитет за преработка е околу 40.000 тони годишно. Исто така, располагаме со резервоари за складирање на 16.000 тони масло и капацитет за производство на масло за јадење кој е доволен за задоволување на потребите на пазарот од сончогледово масло за јадење за 11 месеци во годината.

Во однос на стимулациите на државата кон земјоделците за зголемување на домашното производство, неколку години се исти и нема значителен ефект, што значи дека треба да се направат измени и да се преземат мерки со кои ќе се влијае не само на зголемување на засеаните површини со сончогледи, туку и на зголемување на приносите по хектар бидејќи нашите приноси се 3-4 пати пониски од оние на соседните земји.

И покрај зголемената побарувачка на домашниот пазар, ги следиме барањата на него и имаме двојно зголемено производство во споредба со истиот период од претходната година.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...