Рускиот дисконтен синџир маркети „Мере“ отвори фирма во Македонија и бара вработени за повеќе градови низ цела држава.
Според податоците од Цeнтрален регистар, „Мере“ влегува преку фирмата „Русторг ДОО“ - Прилеп, основана пред околу две недели (на 16.06.2021) со адреса булевар „Гоце Делчев“ бр.84, Прилеп. Како претежна дејност е наведена „трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутун“. Основана е со влог од 200.000 евра. Сопственици се Валериј Генадијевиќ Јаковлев, Евгениј Генадијевич Пшеницин, Сергеј Иванович Шнајдер и Андреј Иванович Шнајдер, сите со адреса во сибирскиот град Краснојарск. Управител е Евгениј Петрович Боклач.
Во огласите што веќе се објавени, компанијата бара менаџери за развој во Скопје, Куманово, Охрид, Струга, Струмица, Гостивар, Тетово, Велес, Штип, Кочани, Прилеп, Битола и Кавадарци, менаџер за набавки, систем администратор...Огласите се активни до средина на јули.
„Мере“ се трет по големина руски синџир маркети кој работи од 2009 година (Во Русија е познат под називот „Светофор“). Од декември минатата година работи и во Србија, каде се планирани 100 маркети со површина од по околу 1000 квадратни метри.
Трговецот во моментов работи на повеќе од 800 локации во над десет земји во светот, кои се водат според политиката за 20 до 30 отсто пониски цени од останатите маркети. Работи директно со производителите, со ниска трговска маржа. Во продавниците има асортимани со 1. 500 разни видови на артикли. Сопственик на „Мере“, пак, е групацијата „Торгсервис“ основана во 2009 година во Краснојарск.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.