Работење

Игор Ќика: Управување со побарувачката

19 Dec 2016
Вистински производ во соодветно количество
 
Доброто управување со побарувачката ѝ овозможува на компанијата да биде проактивна кон предвидената и реактивна кон непредвидената побарувачка.
 
Автор: Игор Ќика, извршен директор, „TQM консалтинг"
 
Управувањето со побарувачката е дел од процесот на управување со синџирот на снабдување, што ги доведува во рамнотежа барањата на клиентите со способностите на синџирот за снабдување. Тоа опфаќа и синхронизација со производните, набавните и дистрибутивните способности на компанијата. Доброто управување со побарувачката ѝ овозможува на компанијата да биде проактивна кон предвидената и реактивна кон непредвидената побарувачка.
 
Имањето на вистинскиот производ во соодветното количество на полиците ќе ја зголеми побарувачката и лојалноста на купувачот. Подобреното предвидување ќе ги намали резервите на суровини и на готови производи. Непречената оперативна егзекуција ќе ги намали логистичките трошоци и ќе го зголеми користењето на капацитетите. Ова подобрување ќе има позитивно влијание на сите членови во синџирот на снабдување.
 
Управувањето со побарувачката има стратешки и оперативни елементи.
 

Стратешки елементи на управување со побарувачката

  • За стратешки процес потребно е:
  • Да се одредат целите и стратегијата на управување со побарувачката;
  • Да се дефинира текот на информациите;
  • Да се планира текот на информациите;
  • Да се одредат процедурите на синхронизација;
  • Да се развие систем за управување со непредвидени случувања;
  • Да се развие систем на мерења.

Тек на информациите во синџирот на снабдување

Слика 1: Приспособување на стратегијата во синџирот за снабдување
          

 Слика: 2 Синхронизација на побарувачката и можности на синџирот за снабдување
 
            
 
Оперативни елементи на управувањето со побарувачката

Оперативен дел од процесот на управување со побарувачката се однесува на:
  • Собирање информации;
  • Предвидување на побарувачката;
  • Синхронизација на побарувачката; 
  • Намалување на отстапките и зголемување на флексибилноста;
  • Мерење на перформансите во процесот на побарување.
Предвидување на побарувачката
Предвидувањето е уметност и наука за гледањето на идните случувања. Во предвидувањето на побарувачката може да се користат историски податоци и да се проектираат во иднина со користење на некој математички модел. Може да биде субјективно и интуитивно гледање или може да содржи комбинација на едниот и на другиот, т.е. математички модел приспособен на човечкото расудување.

Предвидување на побарувачката според временскиот хоризонт покрива:

Краткорочно предвидување
Го покрива периодот до три години. Се користи за планирање на продажбата, производите, за финансирање и за анализирање на различните оперативни планови.
Долгорочно планирање

Покривајќи го периодот подолг од три години, ова предвидување се користи за планирање нови производи, капитални вложувања, лоцирање или ширење на објектите, истражување и развој.

Три главни предвидувања во планирањето на идните операции во организацијата:
   1.Економските предвидувања се однесуваат на деловниот циклус на предвидените стапки на инфлација, дотек на пари и сл.;
   2.Технолошките предвидувања се занимаваат со стапката на технолошки развој, што може да доведе до раѓање на нови производи, што бараат нови објекти и опрема;
   3.Предвидување на побарувачката, кое служи како инпут за планирање на финансиите, маркетингот и луѓето.

Квалитативни и квантитативни предвидувања
Предвидувањата можат да бидат квантитативни и квалитативни.

Квантитативните предвидувања користат различни математички модели со историски податоци и причинско-последични променливи. Обично тоа се модели на временски серии и причинско-последични модели.

Квалитативните предвидувања се викаат уште и субјективни, бидејќи користат интуиција, емоции, искуство и систем на вредности за предвидување на иднината. Во таквите методи спаѓаат „Делфи" и анализата на пазарот. 

Без оглед на тоа кој метод се користи, предвидувањата се состојат од следните чекори:
   1.Одредување цели на предвидувањето;
   2.Селектирање на производите што се предвидуваат;
   3.Одредување на временскиот хоризонт;
   4.Селекција на моделот на предвидување; 
   5.Собирање податоци; 
   6.Проверка на моделот на предвидување;
   7.Извршување на предвидувањата;
   8.Имплементација на резултатите.

 
 
 
 
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...