Има зимско, има летно. Има и ефикасно, или го нема.
Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс"
Одeле стрелките напред или назад, сè некако успеваме да бидеме ненаспани, не стигнуваме сè или не стигнуваме ништо. Значи, до нас е, не е до стрелките.
Велат, ако сакаш да се наспиеш, легни порано. Звучи едноставно. Па и е. Дури и изводливо. Два дена. Две ноќи. Веќе третата нешто ќе излезе од контрола.
Како и работниот ден. Сè тргнува наутро, со полна енергија и животна радост. Ненаспано, ама тоа е потиснато.
И почнува. Карневал. Од повици, посети, состаноци, е-пораки. Бесконечна лента и бесконечни орди од теми и прашања.
И сè е важно, сè е „да, само“. А, ништо не е важно и секогаш е „и уште нешто“. И помина денот, а оној веселиот од утрото остана уморен и исцеден како лимон со прекрасно чувство дека се скршил од работа, а ништо не сработил. Барем ништо видливо. И опипливо.
И така ден за ден. Преку ден се уби од работа, а не сработи ништо. Навечер не се наспива оти не легнал рано. А не легнал рано оти се обидувал нешто да стигне или не дај Боже, да ужива во слободно време. И така во круг. Без надеж дека нешто ќе се смени. А лесно е да се смени – ако ја лекуваме причината, а не последицата.
Немојте да размислувате како денес пак мора да продадете илјада чоколади, туку како денес ќе подарите илјада насмевки. Знам дека е хипи, но обидете се.
Значи, што е причината за бесконечниот недостиг на време, постојаното брзање и летање, а без некакви резултати. Да не се лажеме, има тука краткорочни решенија кои се само победа со краток здив, како адреналински удар кој го поттурнува мозокот да оди понатаму. Бидејќи има чувство дека нешто направил.
Велат, денот треба да се планира, да се стави на хартија, да се внесе во некоја апликација, да се изрезба во камена плоча. Што било. И тогаш гледате како тој план се распаѓа, а веќе до пладне не се ни сеќавате на него. Зошто? Затоа што не гледате што ви го зема списокот со планот, го тутка и го фрла во канта за ѓубре. Не гледате кој ви го прави тоа. А, сè ви е пред нос.
Можеби сте премногу достапни, па вашите соработници, колеги и партнери навикнале да сте тука кога ќе им затребате. И тоа е ок, убаво е да сте им на располагање на своите луѓе. Но, треба нешто и да се сработи. Од „да се биде на располагање“ не се живее.
Не е едноставно да се остане фокусиран на тоа што сте го испланирале и што е важно, кога секоја секунда некој ве прекинува со „да, само...“.
Не е едноставно да се остане фокусиран ни кога ви свртуваат внимание, или вам ви е досадно, па сами потајно се надевате дека некој ќе ве прекине. Не е баш едноставно да си свртен кон целта ако со целта не можеш да се идентификуваш. Или ако не знаете зошто го правите тоа, народски кажано. Дополнителен проблем е ако не знаете да одвоите важно од неважно, бидејќи сè е итно и важно, наводно.
Ете, ми се чини дека причините сами кажуваат. Најчестиот пример е „само да“ – орда луѓе кои милион пати дневно ќе ве прекинат само да ве прашаат нешто. Од типот, што мислите за пчелите-работнички во Танзанија и како да се реши проблемот што не даваат мед како порано.
Некои идат лично, некои се јавуваат, некои пишуваат. А вие, како Мајка Тереза, имате разбирање за секого, имате и одговор за секого (па макар одговорот да е на „Гугл“ што сите знаат да го користат, но ете, вам ви е полесно) и имате време за секого.
Радикален чекор број еден: одредете време во денот кога можат нешто да ве прашаат (усно, писмено или на записник со двајца сведоци). Ма дај, баш сум паметна, па не може тоа така. Тие постојано доаѓаат и ѕвонат и што уште не. Е па, може. Фино. Речете: Не! Не можам сега. Дојди подоцна. Или речете: „Пробај тоа сам да го направиш“. Ќе има малку драма на почеток, лутење, солзи, очај, неверување. Но, бидете храбри и истрајни. Го можете тоа. И за кратко време ќе видите дека се посреќни бидејќи сами можат да си ја завршат работата.
Секако, што е итно – итно е, и тоа мора да се направи, но веќе знаете да процените што е итност, а што мрзливост. На итноста реагираме, мрзливоста ја лекуваме.
Кога тоа убаво го решивме, одиме натаму. Ако не знаете зошто нешто правите или не верувате во тоа што го правите, тогаш сами ќе ги прогонувате по ходници оние од „само да...“ да ви го „изедат“ времето и на крај да се чувствувате подобро кога нешто нема да направите. Тоа е купување време и одлагање на неизбежното.
Радикален чекор број два: размислете за тоа што го работите или треба да го сработите и како ќе го преобликувате во нешто што ќе има резултат, но и вие да верувате во него. Дајте му смисла и цел. На пример, треба нешто да продадете. Секако дека треба, сите нешто продаваат. Продаваат за да се продава. Кога тоа така ќе го поставите, логично е дека станува досадно, дека веќе не гледате смисла и ви е мака од тоа. Секој ден продавате, некогаш ќе купат, некогаш нема да купат. А вие мора да продавате и продавате. Ете, и мене ми станува лошо.
Но, ако размислите зошто токму вие продавате, зошто токму тоа го продавате и како влијаете врз животот на тие што го купуваат, лесно ќе дојдете до смислата.
Ако продавате чоколади, размислете како купувачите ги јадат и стануваат среќни. Или како некое дете ќе биде среќно кога ќе ја добие таа чоколада. Немојте да размислувате како денес пак мора да продадете илјада чоколади, туку како денес ќе подарите илјада насмевки. Знам дека е хипи, но обидете се. Ништо не ве чини.
Планот не е подобар ако има 486 ставки. Најдобар е ако има една која има смисла и кога ќе ја сработите, ќе направи видлива разлика.
И што би можела да ни биде третата причина, ах да – планирање. Како и да е, се враќаме на планирањето. Ок, направете план, to do листа, или нешто трето. Уште само да се држите до планот. А зошто не се држите? Не знам. Вие си знаете. Размислете малку за тоа што планирате и како планирате. Планот не е подобар ако има 486 ставки.
Најдобар е ако има една која има смисла и кога ќе ја сработите, ќе направи видлива разлика.
Тие 486 можат да бидат и 3486, но ако после нив ништо нема да се промени, тогаш што ќе ви се?
Планирајте смислено, не само колку да планирате.
Работете смислено, не само колку да работите. И наспијте се, заслуживте.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.