Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Мотивација на тимот – потреба или тренд

29 May 2018
Луѓето се различни. Ги раздвижуваат различни нешта. Некои ќе се задоволат со просекот, а на некои им е убаво и под просекот. Некои сакаат повеќе, многу повеќе и уште повеќе. Не секогаш е нужно да имаат материјално богатство. Сакаат исполнување, цел, смисла, намера.
 

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси во „Мегамикс"

Прашање кое од некои други димензии премина и во бизнисот. И не на начин на кој можеби би помислиле. Некои ова го нарекуваат и мотивација.

За мотивацијата се зборува надолго и нашироко. Многу е модерна. Мислам, сите за неа зборуваат, па можеме да ја наречеме тренд. А, се работи ли на мотивацијата? Па, се работи, ќе речете. Работат луѓе и добиваат плати. Работат! Каде ќе најдеш поголема мотивација?! Тоа е еден начин да се гледа на работите. Има и друг.

Да, работи и добива плата. Дури! А, добар е и вредно работи. Ма, најдобар е! За плата. Исто така, може да работи и на некое друго место, кај некој друг. Исто за плата. Можеби за поголема, а можеби и за помала. Па, добро, ќе кажете. Може, нека работи. Но, за така да работи, тогаш мора да си замине од вас. Да замине?! Да, да замине. Секако дека ќе си замине бидејќи тоа што го има кај вас може да го има и на друго место. А, можеби му здосадило секој ден да гледа исти луѓе и ѕидови, па сака малку да ги промени ентериерот, флората и фауната. Секако, се прашувате, како ќе знаете дека му здосадило?! Всушност, што може да му здосади?! Работи. Добива плата. Секојпат кога го изговарате ова има земјотрес во Јапонија.

Одиме по ред. Луѓето се различни. Ги раздвижуваат различни нешта. Некои се задоволуваат со просекот, а на некои им е убаво и под просекот. Некои сакаат повеќе, многу повеќе и уште повеќе. Не секогаш е нужно да има материјално богатство. Сакаат исполнување, цел, смисла и намера. Некој денар повеќе-помалку не им прави голема разлика. Сакаат да им е убаво таму каде што работат, да се чувствуваат добро, да можат да се потпрат, да бидат задоволни. Сакаат да знаат дека нивниот работодавец се грижи. За возврат даваат сè, и многу повеќе од тоа. Посветеност на целите, лојалност и врвни резултати. А, сето тоа е за огромна и непроценлива благосостојба на бизнисот.

Е, добро, сега ве натерав да размислувате. Се чини како да има смисла ова што го зборувам. Можеби е и логично, по системот: колку даваш - толку добиваш. Но, давањето чини. Вие мислите дека немате пари, време, идеи, но всушност имате... имате и знаете дека имате. Можеби ве мрзи. Можеби се плашите од промени. Можеби се плашите дека кога ќе дадете прст, ќе ви ја откорнат раката. А, можеби не знаете како.

 

Прво и основно - зборувајте со вашите луѓе. Дознајте што ги раздвижува, што им треба, што ќе направат за да се чувствуваат подобро и поради тоа да бидат одлични во работењето. Можеби им треба некоја морална поддршка. Можеби нешто ги мачи, а вие може да им помогнете. Можеби имаат некој логистички проблем, па би можеле да им помогнете. Не треба да се плашите од ваквите разговори, сигурно ќе се изненадите кога ќе утврдите колку малку е потребно за човекот да се чувствува подобро.

Второ - не е сè во парите, има нешто и во грижата. Постојат навистина многу бесплатни нешта што може да ги направите за вашите луѓе да се чувствуваат подобро и мотивирано. На пример, вашето расположение има многу силно влијание врз вашите луѓе. Па ако често станувате на лева нога и такви доаѓате на работа, па одите по системот: кој налета, тој ќе настрада, ќе имате преплашен тим кој ќе биде мотивиран само да го преживее тој ден. Кога велам да „преживее", мислам на тоа успешно да го избегне вашиот облак со молњи и громови. А, ако цел ден работат на тоа да избегаат и да се скријат, малку ќе сработат. Затоа, за почеток променете ја ногата на која станувате.

Вработените сакаат да знаат дека нивниот работодавец се грижи. За возврат даваат сè, и многу повеќе од тоа. Посветеност на целите, лојалност и врвни резултати. А, сето тоа е за огромна и непроценлива благосостојба на бизнисот.

Трето - нешто и ќе чини, но не премногу. Не морате нужно да делите покачувања на платата, тоа и не е некоја мотивација. Делете бонуси. Не како Дедо Мраз од вреќата полна со пари. Заедно со вашите луѓе убаво поставете ги целите. Тие мора да бидат ориентирани на тоа што е во моментот стратегија на вашиот бизнис. Исполнувањето на тие цели треба да биде чекор напред. Или дури два. Па, кога ќе ги остварат целите, зошто и да не ги наградите. Дополнително, на овој начин го зајакнувате и го развивате тимскиот и компетитивниот дух. Целосно добитна ситуација за двете страни.

Целта е на луѓето да им го дадете тоа што им треба. Не на секој поединечно, па да почнат лелекање и љубомора. Туку треба да направите систем на некои добри практики што ревносно ќе ги применувате и ќе ги освежувате во согласност со потребите. Да, секако дека ќе зборувате со секого. И секако дека сите се различни и имаат различни потреби. И не, секако вие не сте златна рипка, ниту дух од волшебна ламба за да исполнувате желби. И не, нема тоа да ви биде единствената работа. И не, нема да пропаднете.

На пример, ако зборувате со десет луѓе од вашиот тим, најмалку осум од нив ќе ви кажат дека ги мотивираат/дека им требаат исти нешта. Дури и тие двајца што остануваат ќе имаат допирни точки со предложеното од осумтемина. Да речеме дека се во прашање пет различни работи. Во најголем број случаи само за една ќе бидат потребни поголеми финансиски вложувања. Но, ако им ги дадете овие четири што се речиси бесплатни, веќе сте направиле добра работа. А кога ќе почнат да се забележуваат ефектите од четирите бесплатни, тие ќе акумулираат средства и за петтата што чини повеќе.

Зборувавте со луѓето, дознавте што им треба, им го дадовте тоа и сега уживате во позитивните резултати. Едноставно, зар не?

Што може да им недостига на луѓето? Можеби флексибилно работно време за да можат да го организираат и својот приватен живот (да, и тоа луѓето го имаат). Тоа не ве чини ништо.

Можеби им требаат неколку дена да работат од дома. Ни тоа не чини ништо. Поаѓаме од претпоставката дека им верувате на луѓето, дека имаат јасни цели, дека сте ориентирани на резултатите и дека само тоа го вреднувате, а не тоа кога дошле, колку време останале и дали ви биле пред очи.

Можеби треба да ги пофалите или јавно да признаете кога нешто добро ќе направат или ќе постигнат одлични резултати. Немојте да мислите дека тоа се подразбира или да претпоставувате дека вашите луѓе знаат дека сте ги пофалиле. Во мислите. Испратете мејл, напишете едноставно: Браво, мајсторе! Што било. Не треба да ви ги читаат мислите. Аха, и ова не чини ништо.

Можеби им е потребно да ги прашате за мислење. Или да ги прашате какви идеи имаат. Луѓето сакаат кога некој ги слуша и сакаат да знаат дека се слушнати. Па уште ако идеите им се добри (а можат да ве изненадат), ако се реализираат и дадат позитивни ефекти за тимот или за бизнисот, па на нивната среќа ќе ѝ нема крај. И ова не чини ништо, а може многу да донесе.

Можеби им треба еднаш месечно сите заедно да бидете на пауза. Одведете ги на ручек, нарачајте јадење да донесат во фирмата, направете им сендвичи. Што било, само негувајте ја традицијата, со храна и во опуштена атмосфера, да разговарате и да се дружите. И немојте да зборувате за работата, прашајте ги како се, кои се нивните хобија, како им се децата... зборувајте за нив и за вас, но не преку професионалната димензија. На овој начин луѓето меѓусебно се поврзуваат, вие се поврзувате со своите луѓе и како резултат добивате силен и стабилен тим за кој нема пречки и предизвици на кои не може да одговори. Ова чини малку, но мора нешто и да платите за да добиете. Ако тимот е голем и големи се вложувањата за ручек (или сте само скржави), испијте кафе заедно, барем еднаш месечно. Тоа чини помалку, а ефектот е одличен.

Тргнете од себе, и вам ви е битно да знаете дека некаде припаѓате. Да имате цел и смисла во тоа што го работите. Да знаете дека може да се потпрете на тимот и дека некој ќе се грижи за вас ако закочите некаде. Важно ви е некој да ве сослуша и да ве разбере. Важно ви е некој да ги чуе вашите идеи, да ве охрабри и да ве пофали. Знаеме, и јас и вие, дека е така. Едноставно е, зар не?



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...