Стравот нè спречува да го направиме тоа што сме го намислиле, нè принудува да правиме работи што не сакаме да ги правиме, го кочи напредокот и нè спречува да се развиваме до сопствените крајни можности.
Познавам одлични експерти и претставници од продажба, кои, за жал, никогаш нема да бидат унапредени и нема да ги остварат сопствените потенцијали, само поради една причина – не знаат да го продадат својот став, односно не умеат да информираат, да уверат, да го објаснат мислењето, да зборуваат на состаноци, на јавни настани... Тие со завист ќе гледаат во грбот на (лошите) колеги, кои го имаат тоа и кои се издигнуваат на корпоративната хиерархиска вертикала.
Гласофобијата, или стравот од јавен говор, е убиец на кариерата на голем број способни експерти. Како ги претставувате понудите, проектите, бизнис-идеите, како ги запознавате соработниците со организациските промени?
Нема шанси! е најчестиот одговор кога прашувам кој сака да застане пред групата и да ја презентира идејата. Таа публика во вашиот деловен живот се вашите доставувачи, клиенти, соработници, претпоставени...
Од модерниот бизнисмен се очекува да знае да подготви добро структуриран говор, да умее да ја заинтересира публиката и да го добие нејзиното целосно внимание, да ја раскаже приказната на разбирлив и на интересен начин и лесно да ја победи тремата.
Причини за гласофобија
Не сакаме да стоиме пред публика, бидејќи се плашиме од неуспех, посрамување, бламажа, ментални блокади, не веруваме во сопствениот успех, односно – успехот е предодреден за другите луѓе.
Кога сме загрижени за исходот од својот мал говор на состанокот, живееме во страв од тоа што би можело тогаш да се случи. Без оглед на степенот, стравот секогаш е последица на очекувањата дека работите би можеле да тргнат наопаку.
Последици
Последиците од стравот и од лошото претчувство предизвикуваат непријатна напнатост, силен бес и нагон за физиолошки реакции, како што се забрзан срцев пулс, напнатост на мускулите и, генерално, мобилизација на организмот за бегство или за борба.
За разлика од надворешните реакции, уште поважно е тоа што се случува во човековото тело: хемиските промени може сериозно да ја нарушат физичката рамнотежа, а ако стравот се доживува секојдневно, ќе резултира со болести. Стравот продира во нашиот живот до одреден степен, а се манифестира во распон од блага бојазност до силни фобии и напади на анаксиозност.
Стравот од јавен говор е претеран, нереален и неконтролиран. Тоа чувство не го напушта телото подолг период, тој е неоправдан и секогаш нè тера со целата сила да ја избегнеме ситуацијата што го предизвикува. Психијатрите велат дека со одбегнувањето – стравот станува уште поизразен. Кога немате сила да се соочите со сопствениот страв и со реалноста што ве опкружува, тој станува цел сама за себе и се зголемува во вашиот ум до невозможни пропорции. Станува збор за магичен круг, во кој избегнувате да направите нешто бидејќи ви е страв, а потоа ве обзема уште поголем страв, кој ве тера да го одбегнувате тоа уште повеќе. Ќе завршите како заложник на сопствениот страв, а сите ваши професионални потенцијали и способности нема да бидат докрај остварени. Останувате далеку од повисоката плата, унапредувањето, поголемата реализација на профит, поширокото портфолио на клиенти, авторитетот кај вработените, колегите, претпоставените...
Листа на стравови според интензитет:
- Јавен говор;
- Височина;
- Инсекти и бактерии;
- Финансиски проблеми;
- Длабока вода;
- Болест;
- Смрт;
- Летање.
|
Што да се преземе?
Како и секогаш во животот, така и во овој случај, имате две можности: или ќе дозволите сè во животот да се случува како и досега (живеејќи во страв и сожалувајќи се) или ќе тргнете во акција и ќе се ослободите од стравот. Никој не може да го стори тоа наместо вас. Не постои волшебно стапче што ќе направи стравот да исчезне.
Соочете се со сопствениот страв од јавен настап сами или со помош на тренер или ментор. Како?
- Подготовка – 80 отсто од успехот на јавниот настап лежи во подготовката! Седумте смртни гревови во јавниот настап се:
- Нејасна цел;
- Отсуство на вредност за публиката;
- Неструктурираност;
- Премногу детали:
- Предолг говор;
- Монотоност и здодевност;Отсуство на однос со публиката.
- Отсуство на однос со публиката.
Држете се до клучното правило: бидете кратки, страстни и понудете ѝ корист на публиката од вашиот став, мислење, тема...
- Трема и блокада – Постојат два вида на луѓе: тие што имаат трема и тие што лажат дека немаат. Тремата е нормална физиолошка реакција на организмот на нова, стресна и непредвидлива ситуација. Намалете ја тремата со вежбање и со повторување на презентацијата, научете ги напамет воведната и заклучната реченица. Кога доаѓам до ситуација на ментална блокада, се снаоѓам на тој начин што поставувам прашања на публиката (Што мислите вие за досега кажаното?). Еднаш посегнав по чаша вода и добив време. Запаметете: тремата не е вроден страв, туку стекнат. Како што сме научиле да имаме трема, така може и да се одучиме од неа.
- Дишете длабоко и насмевнете се – со тоа дејствувате смирувачки и позитивно на публиката, но и на сопствената трема.
- Позитивни мисли пред настап – повторувајте си одредени фрази: Ова е успешна и врвна презентација; Мојата концентрација е толку добра, што говорот не ми претставува никаков проблем; Се чувствувам одлично; Презентацијата е неверојатно интересна; Луѓето одлично ме прифаќаат; Мојата самодоверба се зголемува полека, но сигурно.
- Обрнете внимание како разговарате за своите стравови – Пред настапот не размислувајте: Мразам презентации и говори, ужасни се; Ќе се онесвестам! Зошто? Кога разговарате за стравот, не ве слушаат само другите луѓе, туку и вашиот потсвесен ум. Како што може да влијаете на потсвеста со позитивни изјави, така во неа може да ги потиснете и негативните пораки. Затоа, обрнете внимание на кој начин разговарате за сопствените стравови. Не заборавајте дека вие сте тоа што мислите дека сте!
- Бидете природни – не копирајте ги гестикулациите и мимиките на некој врвен говорник. Држи ги рацете вака, погледот натаму, движи се на тој начин... тоа само ве оптоварува и ве деконцентрира. Подобро би било да ѝ раскажете на публиката интересна приказна на свој начин.
И уште нешто – ако не верувате во тоа што го зборувате, тогаш не сте уверлив, а публиката ќе го почувствува тоа и ќе го казни. Со времето и со искуството што ќе го стекнеме во презентирањето, стануваме сè подобри и поуспешни, а тремата е сè помала.
Јавниот настап е огледало на вас самите, вашата главна влезница во светот на успешните професионални улоги. Затоа, земете го развојот на кариерата во сопствени раце и не пропуштајте ја шансата!
Публиката ќе ви прости сè, освен здодевноста. Затоа, зачинете ја вашата врвна презентација со:
- Примери;
- Прашања;
- Статистика;
- Приказни;
- Фотографии;
- Видео-содржини;
- Анкети;
- Споредби.
|