Регионално

Изет Растодер: Синоним за успешно работење

15 Aug 2018

Изет Растодер е роден во Беране, Црна Гора, каде што и пораснал. Студирал медицина во Белград, а во 1986 година се преселил во Љубљана каде што во 1992 година ја основал компанијата „Растодер“. Со меѓународната трговија со банани работи речиси три децении и за тоа време успеал да ја позиционира компанијата како една од шесте најуспешни во дистрибуцијата на банани во светот.

Компанијата „Растодер“ развила еден од водечките светски брендови - Derby. Под овој бренд се дистрибуираат најквалитетните банани од Еквадор, Колумбија, Костарика, Гватемала и Хондурас и цитрусни овошја од Јужна Африка и од Аргентина.

Основна дејност на компанијата „Растодер“ е трговија и дистрибуција на овошје и зеленчук. Со центар во Љубљана, компанијата успешно работи на сите светски пазари, особено на Медитеранот, на Црното Море и на Балканот.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Компанијата е основана во 1992 година и во почетокот се занимава со увоз и извоз на кафе на територијата на поранешна Југославија, како и со транспортни услуги. Кога решивте да ја проширите дејноста и зошто?

Нашата компанија во времето кога се раѓаше идејата за работење со бананите веќе беше искусна во увозот и извозот на кафе во целиот регион. Имавме разработено логистика за набавка и продажба, добар тим, цврсто организирана дистрибутивна мрежа и искуство да ги препознаеме потребите на пазарот. Пазарот на бананите на овие простори сè уште не беше доволно развиен, а ние бевме подготвени за нов предизвик. Седум години бевме претставници на американска фирма и на нејзиниот бренд. Откако заврши соработката, што беше очекувано и природно, продолживме со таа работа и развивме сопствен бренд под името Derby, денес еден од водечките светски брендови.

Какви беа Вашите тогашни амбиции? Дали тогаш можевте да претпоставите дека еден ден медиумите ќе Ве прогласат за „крал на бананите“?

Многу сум задоволен од тоа што го има постигнато компанијата. Од основањето до денес, компанијата „Растодер“ остварува исклучителни резултати благодарение на одличниот тим кој е подготвен да одговори на потребите на деловното опкружување и на новите трендови, со современ пристап, конкурентни цени и висок квалитет на производите. Не претерувам ако кажам дека станавме академија на знаење во нашето работење.

Верувам дека формулата на успехот лежи во доживувањето, прифаќањето и пред сè во преобликувањето на резултатите од работењето во нови можности, потреби и цели. Преку знаењето, искуството и мотивираноста на тимот со кој работам на полесен и на побрз начин секојдневно ги поместуваме границите на деловната стварност.

Бананите мора да се продадат за седум дена бидејќи деветтиот ден тие ве продаваат вас.

Зошто токму Derby за име на бренд?

Мојата голема страст кон фудбалот резултира со тоа нашиот бренд да го наречеме Derby. А познато е дека во фудбалските дербија учествуваат само најдобрите. Тоа е мотото на мојата компанија.

Фудбалот и трговијата имаат многу заеднички нешта. Пред сè, мислам на организација, тактика, освојување, победа, соиграчи, противнички играчи, правила што владеат на пазарот и на терен.

Несомнено во вашиот асортиман најголем успех бележат бананите, но кои други видови овошје и зеленчук под овој бренд имаат позитивни резултати?

На нашите простори оваа сезона најпопуларен е ананасот Derby. Ананасот има многу лековити својства, а нутриционистите го препорачуваат во сите диети. Ова тропско овошје, освен што е здраво, од многу одамна се смета за еден од најмоќните симболи на богатство. Како егзотично овошје, кое не е карактеристично за нашето поднебје, ананасот со себе ги носи вкусовите и мирисите на топлите предели, поради што на многумина им е омилено овошје.

Можете ли да ни објасните како се одвива процесот од производство на банани до нивна продажба? Со какви сè предизвици се соочувате и во која мера е ризичен тој процес?

Тоа е специфичен бизнис, од производство, кое зависи од временските услови, па до логистиката и транспортот. Бананите мора да се продадат за седум дена бидејќи веќе деветтиот ден тие ве продаваат вас. Ако дотогаш не ги продадете, мора да ги фрлите. Тоа е тешка и многу ризична работа и поради неизвесноста што постојано ја има, малкумина сакаат да се занимаваат со неа.

Бидејќи станува збор за прехранбен производ со ограничен рок на употреба, неопходни се посебно внимание и дополнителен ангажман, но ние се обидуваме со добро организирана дистрибуција и логистика да го сведеме ризикот на минимум.

За секое овошје, па и за бананата, најбитно е да се сочувани нутритивните карактеристики и хранливоста кога ќе дојде до консументот. Затоа и превозот на бананите го вршиме со најмодерни бродови за да ги обезбедиме оптималните услови од плантажите, пристаништата до крајните купувачи.

Строгата контрола на квалитетот, стандардите во одгледувањето и патувањето, како и секојдневната испорака и најсовремен транспорт се тоа што овозможува бананите Derby да бидат со врвен квалитет според својот состав, боја, вкус и мирис. По тие нешта бананите се издвојуваат од другите на пазарот.

Кои се вашите купувачи?

Главно наши купувачи се трговските синџири, а на повеќето пазари каде што ги дистрибуираме нашите банани имаме партнери, ексклузивни застапници со кои веќе со години постигнуваме извонредни резултати.

На полиците на кои трговски синџири купувачите можат да ги најдат вашите овошје и зеленчук?

Нашите производи можат да се најдат во сите големи европски трговски синџири, како и во Русија, Украина, Северна Африка, Блискиот Исток и секако во регионот.

Откако „Агрокор“ го презеде „Меркатор“, со Тодориќ потпишавте договор вреден меѓу 70 и 100 милиони евра годишно. Како на вашите приходи влијаеше стечајот на „Агрокор“?

Речиси сите наши побарувања успеавме да ги наплатиме. „Агрокор“ беше и остана најголемиот партнер во регионот. Од потпишувањето на договорот до денес редовно ги снабдуваме нивните малопродажни синџири и нашата соработка во ниту еден момент не беше загрозена, ниту пак на нашите партнери им беа скратени нашите производи.

Со какви резултати компанијата ја заврши минатата година?

Компанијата „Растодер“ минатата година ја заврши со одлични резултати. Всушност, тоа значи дека сме ги исполниле сопствените очекувања, но и очекувањата на нашите деловни соработници. Новите цели веќе се дефинирани и сигурен сум дека во деновите што следуваат ќе има многу нешта со кои ќе може да се пофалиме.

Колку недостигот на банани што неодамна се случи на светскиот пазар влијаеше врз вашето работење, како и порастот на набавните цени за 50%? На кој начин се изборивте со оваа ситуација?

За жал, во земјите кои се најголеми производители на банани годинава се случија елементарни непогоди. Со поплави е погодена Централна Америка, со што се намалени количествата за извоз од тој пазар. Во Гватемала имаше заладување, а во Костарика обилни врнежи кои предизвикаа застој во снабдувањето. Исто така, на Филипините, вториот најголем производител на банани во светот, ураганот го уништи родот, додека во Колумбија сушата значително придонесе за намалување на родот.

Токму затоа е зголемена побарувачката на банани од Еквадор, каде што се наоѓаат нашите плантажи и од каде што ги дистрибуираме бананите Derby.


Во Љубљана имате дистрибутивен центар од каде што го снабдувате регионот, од Милано, преку Виена до Будимпешта. Кои се неговите предности?

Дистрибутивниот центар во Љубљана, токму како и сите најзначајни европски центри за дистрибуција на свежо овошје и зеленчук, располага со најсовремена технологија. Температурата, влагата и циркулацијата на воздухот во складиштето се компјутерски контролирани, со што се обезбедува константност на квалитетот на производот во случај на подолго складирање. Најважно е овошјето и зеленчукот да ги задржат своите најдобри карактеристики и како такви да стигнат до потрошувачите.

Преку дистрибутивниот центар им овозможувате на малите земјоделци да влезат во големите трговски синџири. Дали и тие ги препознаваат вашите напори и каква соработка имате со нив?

Успешно соработуваме со производители кои ги избираме според квалитетот и континуитетот на доставената стока. Стратегијата на нашата компанија е воспоставување и ширење на мрежата на партнери. Имаме деловни соработници во целиот регион, кои заедно со нас го пласираат најсвежото овошје и зеленчук.

Верувам дека формулата за деловен успех лежи во доживувањето, прифаќањето и пред сè преобликувањето на резултатите во нови можности, потреби и цели. Преку знаењето, искуството и мотивираноста на тимот со кој работам, на полесен и побрз начин секојдневно ја поместуваме деловната стварност.

Како ја гледате компанијата во времето што доаѓа?

Целта на секој бизнис е постојано да се менува, така што нашата интенција е да го развиваме и унапредуваме работењето, приспособувајќи се на условите на пазарот. Здравата конкуренција ни е дополнителна мотивација за да ја зајакнеме компанијата „Растодер“, како на домашниот така и на странските пазари.

Верувам дека успехот сам по себе не е конечната цел, како што не се ниту наградите и титулите за тоа што го работиме, туку патувањето на кое секојдневно се обидувате да бидете подобри и посилни. Кога го правите тоа што го работите и живеете од тоа, кога секојдневно се слушате себеси и се водите од емоциите, значи дека се наоѓате на вистинскиот пат.

Му се радувам на секој нов предизвик бидејќи на тоа гледам како на можност. По многу години работење во оваа професија верувам дека успехот е работа на избор, а компанијата „Растодер“ е секојдневно мотивирана да биде синоним за успешно работење.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...