Регионално

Даниела Вуковиќ: „Нелт“ е меѓу најпосакуваните работодавци во БИХ

16 Sep 2016
 

Во рамките на десеттото истражување меѓу посетителите на порталот Posao.ba, компанијата „Нелт" е прогласена за еден од десетте најпосакувани работодавци во БИХ.

Разговараше: Едина Мизиќ, edina.mizic@instore.ba

„Нелт" – БИХ е компанија што работи во рамките на „Нелт груп", организациски систем кој вработува повеќе од 3.800 луѓе на седум пазари, односно во 12 компании во Србија, БИХ, Црна Гора, Македонија, како и во регионот на Потсахарска Африка – Ангола, Замбија и Мозамбик. Групацијата „Нелт" поседува акумулирани искуства и знаења, кои настанале како производ на долгогодишната соработка со мултинационалните компании, кои ја следат „Нелт" од почетокот до денес.

Развојот на вработените е клучот за успех на компанијата. Целосно сме ориентирани кон развој на кариерата и кон унапредување, бидејќи сметаме дека задачата на сите нас е развој на вработените. Покрај тоа, ако атмосферата во вашиот тим и во компанијата е позитивна, ако односите се добри и квалитетни, тогаш работата и обврските течат со леснотија. Подготвени сме на промени, се поддржуваме едни со други и заедно се грижиме за развој и за пораст на компанијата, објаснува Даниела Вуковиќ, бизнис-партнер за човечки ресурси, „Нелт" – БИХ.

На кои начини го поддржувате развојот на кадрите во вашата компанија?

Првата почетна точка за развој на вработените се стандардните тренинзи, дефинирани според позициите во компанијата. Овие тренинзи ги реализираме интерно, на тој начин што колегите од организацијата што имаат одредени знаења и афинитети за теренска работа, ги споделуваат тие знаења со соработниците преку специјализирани програми на тренинг. Вториот начин е преку соработка со партнерските агенции, кои внимателно ги избираме и од нив бараме целосно да ги приспособат програмите кон нашите потреби. Исто така, нашите колеги ги испраќаме и на отворени тренинзи и на стручни конференции на пазарите каде работиме и надвор од нив. Вработените во секторот продажба, во текот на целата година континуирано се вклучени во проектот „Нелт селс академи", кој е осмислен за развивање на нивните вештини преку внимателно планирани и осмислени тренинг-активности.

Втората појдовна точка за инвестирање во развојот на вработените е идентификување на тие што имаат лидерски потенцијал, што системски го правиме еднаш годишно. За вработените со потенцијал планираме развојни активности, во зависност од специфичните потреби на поединецот. Покрај споменатите тренинзи на кои учествуваат, тие поминуваат низ различни развојни програми за проширување на знаењата и на експертизата – менторска работа, проектни ангажмани, продолжување на студиите преку програмата ЕМБА, учество во индивидуални и тимски тренинг-програми, запознавање со најдобрата светска практика на стручни конференции и на специјализирани тренинзи.

Годинава, првпат на босанско-херцеговскиот пазар ќе почнеме со програмата „Добар старт", која веќе се покажа како успешна во Србија. Програмата нуди можности за развој на вработените, но и на екстерни кандидати, кои се заинтересирани да се специјализираат за работа на позицијата асистент за трејд-маркетинг. Програмата трае шест месеци, а учесниците минуваат низ обуки преку работа на повеќе позиции во секторот продажба, што им овозможува забрзано да ги изградат вештините и знаењата што се потребни за извршување на работата на одредена позиција.

На крајот од секоја година правите индивидуални планови за тренинг. Колку е тешко да се реализира таа програма, особено ако имаме предвид дека „Нелт груп" денес вработува вкупно околу 3.800 луѓе на седум пазари, односно во 12 компании?

Правиме развоен план за вработените со потенцијал, базиран на нивните индивидуални развојни потреби. Сите други вработени добиваат развојни активности, кои се неопходни за добро завршување на работата, а се базираат на стандардни тренинзи, поврзани со работната позиција.

Како компанија се трудиме да ги инспирираме и да ги поттикнеме менаџерите да бидат двигатели за развој на вработените, а истовремено, ги поттикнуваме и вработените да ги земат во свои раце кариерата и сопствениот развој.

За професионалниот развој на секој од нас, клучна е, пред сè, личната иницијатива и истрајноста во таа намера. Воедно, најпредизвикувачкиот дел од работата е постојана потрага по млади таленти, потенцијали кои би требало да ги развиваме за иднината.

Најтешката задача е секојдневно да ги мотивираме вработените, затоа што само ако сме мотивирани и вистински веруваме во тоа што го правиме – ќе постигнеме најдобар резултат. Најдобрата можна стратегија нема да има ефект ако вработените не веруваат во неа.

Секој од нашите вработени има можност да ги изрази професионалните афинитети на тој начин што може постојано да аплицира за која било позиција во компанијата, по пат на интерни конкурси. Доколку ги задоволува условите за отворената позиција, ќе биде земен предвид. Не ретко се случува колегите да го променат секторот, позицијата и фирмата во која работат, па дури и континентот. Тоа целосно го поддржуваме, бидејќи сакаме луѓето да се обидуваат во различни работи и во нови околности, секогаш кога тоа е можно.

На годинешното доделување на наградите за најдобар работодавец, „Нелт" – БИХ беше прогласен за еден од најдобрите во целата земја. Што е тоа што ве прави атрактивен работодавец?

Голема е честа што компанијата секоја година е препознаена како работодавец, кој нуди совршен спој на професионалниот развој и кариерата, со работата во позитивна средина. Пред сè, веруваме во нашите луѓе – слушаме и се трудиме да го разбереме секој вработен.

Во селекциската постапка, нам не ни е толку важно колку некој е добар денес, туку колку сака да биде добар во иднина. Креативноста, инспиративноста, верувањето во успехот и позитивната енергија се карактеристиките што ги бараме при селекцијата на вработените. Во животот може многу да се научи, но мотивацијата и позитивниот пристап ги носиме во себе.

Мислам дека атрактивноста на „Нелт" е во тоа што по природата на бизнисот и по организацискиот начин на размислување им одговараме на генерациите, кои сега ја почнуваат кариерата. Знаеме дека денешните генерации сакаат да имаат јасна слика зошто работат нешто, да работат во средини што ги следат модерните технологии и кои не се статични. Ако го погледнеме податокот дека во претходните две години само во „Нелт" во БИХ, имало повеќе од 50 интерни унапредувања, јасно е дека го препознаваме квалитетот во однесувањето и во работењето, а луѓето гледаат дека професионалноста и посветеноста се исплаќаат. Освен тоа, ние сме компанија која користи современи технологии во работата – во поголем број од нашите складишта се користи технологијата Pick to Voice, по што сме пионери во регионот. Луѓето од продажба користат таблет-компјутери. Три компании од составот на „Нелт" веќе работат со информативниот систем САП, а четвртата ќе почне да го користи од јануари 2017 година.

Најдобриот показател дека сме вешти во ефикасното и квалитетно спроведување на промените е фактот што во претходните две години успеавме да привлечеме три нови бизнис-партнери и да интегрираме околу 100 нови вработени во организацијата.

Влијанието на искуството од „Нелт" на нечија понатамошна кариера се гледа по тоа што поголемиот дел од нашите поранешни вработени заминуваат најчесто на повисоки позиции во други компании. Тоа докажува дека градиме квалитет и нудиме знаење. Многу е убаво кога ќе слушнете дека многу поранешни вработени, „Нелт" го опишуваат како непроценливо професионално и животно искуство.

Тоа што како компанија најмногу нè издвојува, чинам дека е големата солидарност, не само како компанија, туку и како луѓе и соработници. Не умеам да објаснам како настанаа чувството на припадност, желбата да се помогне и солидарноста во „Нелт", но тие постојат и се чувствуваат.

На кој начин ги спроведувате корпоративните вредности, имајќи предвид дека работите на два континента?

Нашите компаниски вредности се нешто за што малку зборуваме, а повеќе се трудиме да ги покажеме преку секојдневната работа. Мислам дека најважното во сето тоа е што менаџментот на компанијата е свесен за сопствената улога кога станува збор за организациските вредности, но и дека од однесувањето на врвот на компанијата зависи каква култура ќе се гради во целата организација. Секоја година избираме по една од нашите организациски вредности и ја промовираме преку различни креативни и интересни акции, во кои вработените активно учествуваат и освојуваат признанија и награди.

Секојдневно зборуваме на состаноци или неформално за компаниските вредности и со тоа ја градиме културата на почести и поотворени повратни информации. Ги прашуваме вработените за нивното мислење на различни начини – преку двегодишната анализа на организациската култура, (не)формални фокус-групи, преку кварталното интерно списание...

Особено ни е важно организацијата да ја водат луѓе што во себе го носат „духот на Нелт", кој ги обединува големата поддршка на соработниците и силниот победнички менталитет.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...