Регионално

Милош Јелиќ: Стандард за дистрибуција

19 Feb 2013
Милош Јелиќ, генерален менаџер на „Нелт"
 
Разговараше: Уна Милиќевиќ
 
Компанијата „Нелт" е основана во 1993 година со големопродажбата како основна дејност. Во водите на организираната дистрибуција влегува во 1996 година, со остварувањето соработка со компанијата „Проктер & Гембл". Денес, „Нелт" има 100 принципали, вработува повеќе од 3.000 луѓе во седум земји, на два континента. Деловните операции покриваат дистрибуција на прехранбена, непрехранбена стока и фармацевтски производи, логистички услуги (3PL), производство на прехранбени производи и малопродажба. На сајтот на оваа компанија стои: „Со дваесетгодишно искуство, амбициозни, но внимателни, постепено ги испишуваме следните станици од нашето патување. На прашањето што следно ќе се најде на тие страници, Милош Јелиќ, генералниот менаџер на „Нелт" вели:
 
Дваесетте години што се зад нас се показател дека учевме, напредувавме и растевме на пазарот. Пред компанијата „Нелт" секогаш стои повеќе од еден предизвик. Нашата стратегија на работење во себе содржи неколку приоритети што претставуваат патокази што ги следиме, евалуираме и мериме. И во кризни времиња, какви што беа минативе, а и следните години, стабилно и сигурно го зголемуваме ова работење. Сметаме дека разбирањето на заемните потреби на принципалите и на клучните купувачи е од исклучителна важност. Нашиот успех е во директна врска со активностите што ги спроведуваме, а што резултираат со исполнување на тие потреби.
 
На годишниот состанок на менаџерите на групацијата „Нелт" во октомври 2012 година, најавивте специфични чекори во 2012 и 2013 година. За какви чекори конкретно станува збор?
 
Времето што е пред нас за „Нелт" претставува, пред сè, продолжување на развојот на работењето на територијата на западниот Балкан и Африка. Ќе се обидуваме да го прошириме портфолиото на производи и деловното партнерство со лидерите во категориите што моментално не ги работиме. Кризата ја доживуваме и ја сфаќаме како можност за пораст. Во доменот на производството ќе го прошириме производственото портфолио, но и производствените капацитети. Сериозно ја разгледуваме и можноста за аквизиција или за гринфилд-инвестиција во производството на храна. Што се однесува до проширувањето на деловните операции во Европа, во овој момент, планираме нивно проширување и во Албанија, со што би го заокружиле целиот простор на западниот Балкан, додека на африканскиот континент, по иницијалниот план, ја завршуваме првата фаза од работењето во рамките на потсахарскиот кластер.
 
Давате услуги и во логистиката и во маркетингот. На што конкретно се однесуваат тие услуги?
 
Во областа на логистичките услови, „Нелт" на клиентите им овозможува меѓународен транспорт, складирање, складишни манипулации, пакување и препакување и комплетно царинско посредување, како и достава на стоката на териториите на кои работиме. Важен дел од овој логистички систем е и компанијата „Јавни складишта" – Суботица, која од 2008 година работи во состав на „Нелт". Нашето долгогодишно искуство во овозможувањето на сите видови на логистички услуги на клиентите, како што се „Марс", „Фереро", „Крафт Фудс", ВИП, „Бол Пекинг", „Мекдоналдс", „Доктор Еткер" и други, ни овозможи со голема доверба да ни ги препуштат комплетните процеси или сегментите од своите синџири на снабдување. Со повеќе од 100.000 м2 складиштен простор во различни температурни режими и типови на складирање на територијата на западниот Балкан, подготвени сме да одговориме на различни барања на постоечките и потенцијалните клиенти. Една од работите што бара многу, а што ја извршуваме во моментов, е проектот на интерна логистика во фабриката „Филип Морис Интернационал" во Ниш, каде што преземавме дел од нивниот интерен синџир на снабдување. Кога говориме за маркетингот, тоа, пред сè, се однесува на услугите за мерчендајзинг, собирање податоци и промоција и советување на потрошувачите во малопродажните објекти. Нашиот тим од 250 луѓе секојдневно е на терен и ја познаваме секоја педа од сите типови на малопродажбата во Србија.
 
Со купување на „Неопланта" влеговте во производството. Зошто се одлучивте на овој потег?

Дистрибуцијата има лимити и свесни сме дека не можеме да очекуваме оти работата постојано ќе расте и дека нема да биде изложена на силните влијанија на пазарот. Ја приватизиравме „Неопланта – месна индустрија", Нови Сад. Го препознавме потенцијалот на оваа компанија и синергискиот ефект на дистрибуцијата и производството. Тоа беше осмислена деловна одлука што ни ги отвори вратите кон алтернативните бизнис-модели. Со овој чекор обезбедивме долгорочно остварување на одржливиот пораст и стабилност на целата компанија. Денес, „Неопланта", само пет години по приватизацијата, е една од трите најуспешни компании во Србија во месната индустрија, со капацитети што ги покриваат регионалните, но и пазарите на Русија, Кина и, од неодамна, на Африка. Ја завршуваме фазата на реконструкција на производните машини, чијашто вкупна инвестиција надмина 15 милиони евра.

Прочитајте повеќе во печатеното и електронското издание на InStore бр.4...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...