Нашата стратешка определба е поддршка на домашните производители бидејќи ние 97 отсто од прометот го остваруваме со стока што ја набавуваме во Србија
Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs
Виолета Ковачевиќ тргна да ја гради својата кариера во Меркатор-С пред 15 години, како главен финансиски директор во компанијата „Идеа“. По интеграцијата на „Идеа“ и „Меркатор-С“ беше на чело на тимот за проект-менаџмент, а потоа ја презеде функцијата извршна директорка. Покрај сите формални задолженија што ги има како генерална директорка на „Меркатор-С“, како членка на Надзорниот одбор на „Кикиндски млин“, Виолета активно учествува и во неколку невладини организации, како што се Здружението на финансиски директори на Србија, Професионално здружение на контролори во Србија, Налед и САМ. Завршила мастер-студии на Економскиот факултет во Нови Сад.
Неодамна 19 производи од Вашата линија „Вкус на мојот крај“ го добија жигот „Чуваркуќа“, што е најголем број што го доби една компанија. Што за Вас и за Вашите партнери значи оваа потврда за квалитет на производите?
Нашата стратешка определба е поддршка на домашните производители бидејќи ние 97 отсто од прометот го остваруваме со стока што ја набавуваме во Србија. Таа стратегија се спроведува со години наназад. Пред повеќе од пет години во соработка со мали српски производители го создадовме брендот „Вкусовите на мојот крај“. Тогаш тргнавме со 12 производители и 60 производи, а денес овој асортиман има повеќе од 200 производи, кои го создаваат 30 српски производители. Од минатата година „Вкусовите на мојот крај“ тргнаа кон пазарот на ЕУ, достапни се и во Словенија, каде што наидоа на голем интерес од страна на купувачите. Освоените први 19 „Чуваркуќи“, нагласувам, први, бидејќи ќе ги има уште многу, се потврда за исклучителниот квалитет на сите компоненти од кои се прават нашите „Вкусови“, кои потрошувачите буквално ги обожаваат. Сега и поради жигот, но и поради целиот развоен пат на автентичниот српски бренд „Вкусовите на мојот крај“, сигурна сум дека е тоа наш влог со далекосежни позитивни импликации врз развојот на домашното стопанство.
Среде пандемија обезбедивме 1,5 милион евра за бонуси за вработените во малопродажбата.
Би можело да се каже дека овој проект на Стопанската комора „Создавано во Србија“ доаѓа во вистински момент, со оглед на моменталната ситуација во која потрошувачите во поголема мера се вртат кон домашните производи. Дали ќе се сложите дека и во Вашите објекти бележите раст на продажбата на домашни производи во претходните месеци?
Домашните производи се побарани од кога било досега. Впрочем, тренд во цел свет е луѓето да се хранат со локални намирници. За БДП и за економијата во Србија, најголемиот раст не го прават суровините, туку готовите производи и брендови. „Создавано во Србија“ и жигот „Чуваркуќа“, следејќи го тој факт, укажуваат дека во конкуренцијата од светски брендови имате и фантастични домашни производи кои имаат огромен потенцијал, вклучително и тој да станат светски!
Во претходните месеци беше уочлива зголемена работа на развој на онлајн-продажбата. Воведовте низа новитети и склучивте партнерство со компанијата „Глово“. Дали ќе продолжите по тој пат на развој или тоа беа само привремени чекори поради моменталната ситуација?
Околностите нè забрзаа кон промени и во прв план дојдоа иновативност и креативност. Брзо се приспособивме, го проширивме капацитетот на ИДЕА онлајн-продавниците и понудивме две нови услуги. Едната е „нарачај & купи“, која на купувачите им овозможува да направат онлајн-нарачка, а производите да ги преземат во некоја од нашите 24 продавници во 17 града. Покрај тоа, во соработка со „Глове“ правиме достава на намирници на домашна адреса во рок од 60 минути од нарачката. Тоа не се привремени решенија, бидејќи онлајн-купувањето е во пораст и затоа и ние интензивно работиме на унапредување на нашата интернет-продавница.
Дури би можела да кажам дека поради кризата направивме скок напред во развојот и примената на дигитални решенија.
Кои промени во навиките ќе ги задржат потрошувачите и по пандемијата?
Ние дневно, во просек, поминуваме по седум часа онлајн. Имајќи ги предвид околностите, таа бројка може само да се зголемува. Дигитализацијата ги менува позициите од кои луѓето гледаат на светот. На пример, секој од нас порано, додека патуваше, можеше да отвори голема хартиена мапа и да види каде да оди. И кога ќе ја земете мапата, првата работа што треба да ја направите е да се лоцирате себеси, каде се наоѓате. Тогаш можете да видите каде и како понатаму. Денес, кога ќе отворите „Гугл мапс“ на телефонот, на екранот се појавува сина точка што ја покажува вашата актуелна локација. Според начинот на кој сте прикажани, вие сте во центарот на светот. Кога ќе се поместите, и натаму сте во центарот. Опкружувањето се приспособува на вас. Цел свет е прикажан од ваша перспектива. Денеска луѓето на тој начин се однесуваат и во другите области на животот, особено при купување. Сè мора да биде приспособено на потребите на потрошувачот и на неговата перспектива. Затоа и дигитализацијата во работењето, како што тоа го направи „Гугл мапс“, е иднината на бизнисот. Од тие причини имаме различни формати на продавници, развиваме супер картичка, имаме ИДЕА онлајн и други проекти кои ни даваат можност да се приспособиме на потребите на потрошувачот.
Какви Ви се плановите за ширење на дистрибутивната мрежа во Србија? Колку кризата ги наруши плановите за оваа година?
Кризата го промени целиот свет, па и нашите планови значајно се променија. Се трудиме колку што е можно да ги остваруваме целите што си ги поставивме. Продолживме со отворање нови продавници и со реновирање на постојните. И во пандемија имаме постојано отворени огласи за вработување. Дури би можела да кажам дека поради кризата направивме скок напред во развојот и примената на дигитални решенија. Многу проекти, за кои некогаш ни требаше најмалку една година, ги завршивме за еден месец. Од друга страна, морам да признам, FMCG-индустријата не ги почувствува во значителна мера ефектите на оваа криза. Имаше многу предизвици, но имавме и доволно простор да ги надминеме.
Ги споменавте вработувањата. Како успеавте да ги сочувате тимот и ентузијазмот на вработените?
Он нашиот ентузијазам зависеше дали во продавниците ќе има квасец, брашно, зејтин, шеќер... Се одлучуваше на дневно ниво. Сакавме нашите колеги во Србија да видат дека ни е важно да ги заштитиме и да ја наградиме нивната работа. Презедовме мерки на превенција, отворивме посебна телефонска линија за психолошко советување. Среде пандемија обезбедивме 1,5 милион евра за бонуси за вработените во малопродажбата. Кога дел од компаниите мораа да го намалат бројот на вработени, ние вработивме повеќе од 200 нови работници. Кога ќе додадеме дека просечниот работен стаж кај нас е 10 години, јасно е зошто сме еден од најпосакуваните работодавци на српскиот пазар.
Што можат да очекуваат добавувачите и потрошувачите од Меркатор-С во следните години, под Ваше раководство?
Сите наши партнери можат да очекуваат дека ќе продолживме по патот по кој одевме и досега, а тоа е со нови знаења, иновации и ентузијазам да ја менуваме малопродажбата во Србија, да ги унапредуваме услугите за купувачите и да создаваме нови можности за развој на домашната економија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.