Интервју во мартовското издание на InStore, бр.75
Нова фабрика, нова линија на кондиторски производи кои во моментов не се произведуваат во Македонија и се ретки во регионот, како и одржлива линија за пакување - ова се новитетите што за во иднина ги најавува охридската „Виа Пром“, компанијата која лани доби две признанија за иновација за нивните сендвич бисквити со руби-чоколадо
Охридската компанија „Виа Пром“ е основана во 2001 година, првенствено за увоз на широк асортиман на слатки производи од Западна и Јужна Европа во Македонија. Две години подоцна, во 2003, сопствениците сфатиле дека нивната желба за производство на слатки производи е многу поголема од тоа да ги најдат производите на интернационални пазари и да ги внесат на нашиот пазар. Всушност, сфатиле дека сакаат да бидат компанија која со сопствено производство ќе ги инспирира љубителите на слатки колачи на глобално ниво. Таквата желба се темелела на, како што велат, нивното широко познавање, искуство и голема страст кон правење вкусни трајни колачи кои луѓето ќе ги обожаваат. Тоа било главен двигател во истата 2003 година да почнат сопствено производство.
Денес, „Виа Пром“ е компанија насочена кон развој, кон иновации и кон следење и приспособување кон последните светски трендови. Иако на почетокот беше специјализирана производство на на традиционални бисквити, во моментов портфолиото на „Виа Пром“ вклучува околу 60 продукти што се пласираат на вкупно 16 пазари во Европската Унија, во арапскиот свет и на Далечниот Исток.
Александра Николоска, директорка за интернационална продажба, во интервјуто за InStore нè поведе и низ идните планови на компанијата – во нив клучно место зазема следењето на здравиот животен стил. Дел од тоа е и насоката за развој на здрави продукти во кои доминантно е ниското присуство на шеќери, природното црно какао и високата застапеност на протеини, растителни влакна и колаген.
Настојуваме да ги замениме аромите со природни состојки или природни ароми. Нашата полиса не дозволува употреба на бои за храна.
Од основањето до денес, „Виа Пром" на пазарот опстојува веќе 19 години. Кој беше најмакотрпниот, а кој најубавиот период од Вашето речиси дведецениско присуство во индустријата?
Би издвоила два клучни моменти од историјата на „Виа Пром“. Првиот е пред околу 18 години кога основачите и сопственици, односно моите родители, се охрабрија и успешно ги отворија нашите први надворешни пазари, Босна и Херцеговина и Косово. Со ова компанијата се позиционира како извозна уште на самиот почеток на работењето. Тоа беше голем подвиг за нас поради фактот што компанијата не беше наследена, ниту пак беше со долга традиција, напротив, во тој период - тукушто формирана. Се соочивме со недостиг на технолошки ресурси, слабо ефективна производна инфраструктура, мал буџет за маркетинг и продажба, како и доза недоверба кај купувачите поради фактот што компанијата беше новоформирана, а веднаш се насочи кон извоз. Но, успеавме да ја изменаџираме ситуацијата и стабилно да работиме. Вториот клучен момент беше пред осум години, кога се наметна потреба од драстична промена на производната и извозната стратегија. Сè до 2012 година произведувавме традиционални бисквити и ги пласиравме на балканските пазари. Тогашното портфолио беше трудо-интензивно, ценовниот притисок стануваше сè поголем, а наплатата беше исклучително отежната. Сепак, моите родители не дозволија да се најдеме затечени. Напротив, неколку години пред да настанат пазарните промени тие ги предвидоа и навремено поставија инфраструктура за нова линија производи. Всушност, тоа е линијата за сендвич-бисквити со која ние излеговме надвор од балканските пазари.
Работите како директорка за интернационална продажба. Колку е тешко македонските производи да се продаваат на интернационален пазар? Што треба да се промени за да се зголеми извозот на нашите кондиторски производи?
Конкуренцијата на глобално ниво има постојан и забрзан раст, а потрошувачите имаат сè поголеми барања. И тоа е добро бидејќи тоа значи развој. Но, воедно сето ова за нас, кои сме лоцирани во држава која има слаба препознатливост за производство на кондиторски производи, претставува голем притисок при освојувањето нови пазари.
Би издвоила три критични проблеми кои верувам дека го загрозуваат развојот на повеќето извозни фирми. Прво, неопходна ни е финансиска поддршка за учество на саеми. За жал, досега беа одбиени сите наши барања. Второ, потребна ни е значителна поддршка за инвестиции во опрема со која би ја зголемиле конкурентноста. И трето, мора да се поработи на слабата ефикасност на надлежните локални институции кои го спречуваат ширењето на капацитетите на фирмите. Овој проблем е од витално значење бидејќи ние веќе изгубивме еден пазар поради тие неосновани блокади.
Посочувате дека Вашата компанија се издвојува од другите по автентичниот технолошки процес и примена на природни состојки. Кажете ни нешто повеќе за тоа?
Нашиот асортиман се произведува по уникатни рецептури и процеси кои самостојно ги развивме и усовршивме низ годините. Настојуваме да ги замениме аромите со природни состојки или природни ароми. Природните зачини се доста застапени во нашите рецептури. Дополнително, нашата полиса не дозволува употреба на бои за храна. Се посветивме на развој на производи со богата нутритивна вредност, а ниско ниво на шеќери.
Имаме купувачи што го препознаваат нашиот квалитет и подготвеноста за иновирање и кај нив речиси и да го нема ценовниот притисок.
Специјализирани сте за производство на сендвич-бисквити. Планирате ли да го проширите асортиманот со нови производи?
Асортиманот на сендвич-бисквити постојано се зголемува, особено во делот на здрава линија. Во развој е пилот-проект на сендвич-бисквити со колаген и 100 отсто природно темно (црно) какао. Дополнително, работиме на проект за воведување нова линија на кондиторски производи кои во моментов не се произведуваат во Македонија, а и се ретко застапени во регионот поради комплексноста на самото производство.
Rubio cookies беше препознаен како иновативен производ и претставен на саемот „Ануга“, поточно на Anuga Taste Innovation Show. Дали планирате руби-чоколадото да го користите и во друга категорија производи? Кој е следниот иновативен производ што може да го очекуваме од „Виа Пром“?
Тоа беше вистински хит во 2019 година. За rubio cookies добивме две признанија за иновација, едно на Anuga Taste Innovation Show, а друго на PLMA Innovation Show. Сепак, поради светските трендови, оваа година поактивно ќе се посветиме на развој на здрави продукти во кои доминантно е ниското присуство на шеќери, природното црно какао и високата застапеност на протеини, растителни влакна и колаген.
Колку производи имате во палетата во моментов и на колку пазари ги извезувате?
Нашето портфолио вклучува околу 60 продукти кои се пласираат во ЕУ, арапскиот свет и на Далечниот Исток. Моментално тие се достапни на вкупно 16 пазари.
Воведовте халал-стандард. Колку тоа ја зголеми потрошувачката на производите направени по халал?
Со оглед на тоа што овој стандард е задолжителен за дел од нашите пазари, воведувањето на халал-стандардот ни беше од особено значење. Како што минува времето, факт е дека тој преминува од предност во потреба, дури и за тие пазари каде што халал-стандардот не е задолжителен. За да привлечеме што поголем број крајни потрошувачи, неопходно е да се приспособиме на нивните барања, без разлика дали тоа е законска обврска или не е регулирана со закон.
Би сакале да се посветиме на изнаоѓање одржливи решенија за пакување на финалниот продукт, со што би ја намалиле употребата на пластична амбалажа за нашите производи.
Редовни учесници сте на најголемите светски саеми. Какви Ви се искуствата од нив?
Имајќи го предвид фактот дека сме извозна компанија, очекувано е дека најголем дел од купувачите ги наоѓаме на светските саеми. Без оглед на екстремно брзиот развој на технологијата, сепак, кондиторската индустрија е конзервативна и на крајот од денот сè уште е исклучително важно физичкото претставување пред идните купувачи.
Кои се Вашите купувачи и што е најважно за нив? Дали сè уште цената е одлучувачка за да го купат производот?
„Виа Пром“ соработува и со дистрибутери и со синџири маркети, најчесто во земјите од Европската Унија. Искуството е поделено: кај дел од нив цената е одлучувачка и едноставно каква иновација и да понудиме, на крајот цената е пресуден фактор. Но, тоа што нè охрабрува, особено во делот на здравата линија, е дека имаме купувачи кои го препознаваат нашиот квалитет и подготвеноста за иновирање и кај нив речиси и да го нема ценовниот притисок.
Кој од новите глобални трендови би сакале да го следите како компанија?
Здравиот животен стил, кој веќе од тренд преминува во потреба, е нешто што со сигурност го следиме. Дополнително на ова би сакале да се посветиме на изнаоѓање одржливи решенија за пакување на финалниот продукт, со што би ја намалиле употребата на пластична амбалажа за нашите производи.
Какви се плановите за оваа година? Дали подготвувате нови производи, ребрендирање на постојните, нови инвестиции, проширување на производствените капацитети...?
Веќе инвестиравме во нова линија за пакување која, од една страна, е енергетски поефикасна споредено со постојните решенија и генерира помал отпад, а од друга страна, значително ќе ни ги намали трошоците на производство, ќе ја зголеми продукцијата и конкурентноста на пазарот. Втората новина е дека сме во процес на изградба на нова фабрика. И трето, во тек се подготовки за воведување нова автоматизирана линија која ќе донесе свежина во понудата на кондиторски производи во Македонија, а можеби и регионално. Во суштина, интензивно работиме на сите полиња и се надеваме дека значително ќе го забрзаме развојот на компанијата, а воедно и ќе ги подобриме вкупните услови за работа, како и нашето влијание кон животната средина.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.