Локално

Златко Најдовски: Рекордни постигнувања од постоењето на компанијата

20 Sep 2013
Златко Најдовски, генерален директор на „Млекара Битола"

Создавајќи производи по мерка на потрошувачите, „Млекара Битола" ја оправда нивната доверба и на тој начин уште повеќе ја зајакна својата позиција на пазарот. Во следните 2 години ќе се инвестираат околу 5 милиони евра, а планот до 2018 година е да се заокружи цифра на инвестиции од околу 9 милиони евра.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Од мала мануфактурна работилница што почна со работа во 1952 година, „Млекара Битола" стана компанија, со 60-годишно искуство, што постојано вложува во унапредување на своето производство, инвестирајќи во нови софистицирани технологии и добивајќи ги највисоките сертификати за безбедност и квалитет на производството и производите. Воедно, „Млекара Битола" постојано се обидува да биде поблиску до своите потрошувачи, преку организирање акции, промоции, отворени денови во компанијата и создавање на нови производи според вкусот на купувачите. На овој начин млекарницата создаде бројни лојални потрошувачи, но и препознатливост на своите производи на домашниот пазар и на странските пазари. Производственото портфолио на „Млекара Битола" содржи 60 производи, а во моментот се извезува околу 15% од производството.

Од 2008 година „Млкара" станува дел од „Данубе фудс" и инвестицискиот фонд „Салфорд" и оттогаш постојано се инвестира во зголемување и подобрување на квалитетот на суровото млеко со што оваа година е регистриран 7% пораст во производството на домашно сурово млеко во однос на претходните години. За бројните инвестиции, награди и проекти, како и за идните планови на компанијата зборувавме со генералниот директор на „Млекара Битола", Златко Најдовски.

Колку беше тешко да се почне примената на европските стандарди во работењето на македонскиот пазар oткако „Млекара Битола" стана дел од групацијата „Данубе фудс" и инвестицискиот фонд „Салфорд"? Со кои проблеми се соочивте при нивната примена?

„Млекара Битола" како млекарница со долгогодишно искуство на македонскиот пазар со години наназад ги следи и строго ги почитува сите стандарди за контрола на квалитетот на производите што се воведуваат на европско ниво. Долга е листата на имплементирани и сертифицирани стандарди. „Млекара Битола" е првата фирма во прехранбениот сектор што уште во 1999 година го сертифицира системот ИСО 9001, во 2002 година доби извозен број за ЕУ како прва фирма во млекарството во регионот, а од 2007 година наваму, сертифицирани и имплементирани се ИСО 22.000, 14.000 и 18.000, а се работи на ИФС и ИСО 26.000. Со ваква листа не може да се пофали ниту една млекарница од регионот. Всушност, тоа го препознаваат купувачите.

Колку автоматизирањето на производството и инвестициите во софистицираната технологија придонесе за подобрување на квалитетот на производите и подобрување на нивниот пласман во Македонија? Кои се следните инвестиции во поглед на подобрување на технологијата во производството?

Воведувањето на софистицирана технологија во процесот на производство не само што придонесе за подобрување на квалитетот на производите туку во исто време новата технологија создаде можност за проширување на асортиманот и креирање производи што поблиску ги пресретнуваат барањата на потрошувачите. Создавајќи производи по мерка на потрошувачите „Млекара Битола" ја оправда довербата на потрошувачите и на тој начин уште повеќе ја зајакна својата позиција на пазарот. Во следните 2 години ќе се инвестираат околу 5 милиони евра, а планот до 2018 година е да се заокружи цифра од околу 9 милиони евра инвестиција. Со завршувањето на првата фаза сметаме дека ќе бидеме меѓу најдобрите млекарници од Балканот, па сè до Германија.

На македонскиот пазар постои недостиг од сурово млеко. Според Вас, која е причината за таквата ситуација? Како ги надополнувате потребите од сурово млеко за производство?

Недостигот од квалитетно сурово млеко на пазарот не е новина. Тој проблем се провлекува со години. Особено во сезоните кога постои поголем дефицит на домашно млеко, може да се премине кон увоз на висококвалитетно евапорирано млеко, пред сè, поради сезонските варијации во млекопроизводството и отежнатата набавка на домашна суровина. Во интерес на зголемување на домашното производство почнавме со проектот на увоз на високостелни јуници од ЕУ. Во минатите две години увезовме над 800 грла. Проектот ќе продолжи и во следните две години, со што се очекува во иднина да се надмине дефицитот на квалитетно домашно млеко.

Инвестирате во едукација на фармерите и со т.н. инсталирање на „ладен синџир" за откуп на сурово ладено млеко, со цел подобрување на квалитетот на млекото. Колку овие едукации реално го подобрија квалитетот и дали го зголемија локалниот откуп на млеко?

Да, може да се каже дека проектот за едукација на фармерите и инсталирањето на опремата (200 лактофризери) што овозможува откуп на ладено сурово млеко даде одлични резултати. Паралелно со увозот на квалитетни грла се работи во континуитет на зголемување на млекопродукцијата по грло преку современи програми. Секоја година имаме ангажман на холандски фармери кои ги пренесуваат своите искуства кај фармерите. На овој начин се зголеми количеството на сурово млеко од домашни производители чијшто квалитет е прифатлив за да може тоа сурово млеко да се прими како суровина во процесот на производство на производите на „Млекара Битола". Само за оваа година е регистриран 7% пораст во производството на домашно сурово млеко во однос на претходните години.

„Млекара Битола" ги поседува некои од највисоките стандарди за безбедност и квалитет на производството и производот. Дали овие стандарди ви помогнаа за подобро пласирање на производите надвор од Македонија? Дали инвестицијата наменета за овие стандарди реално може да се поврати по неколку години работење?
 
Воведувањето на високи стандарди за безбедност и квалитет на производите за „Млекара Битола" не претставува само потреба што е наметната од законската регулатива, туку многу повеќе. Тоа е одговорност кон нашите потрошувачи. „Млекара Битола" не дозволува пласман на производи на пазарот чијшто квалитет или безбедност се доведени во прашање, како на домашниот пазар, така и на извозните пазари. Овој начин на работење резултира со зголемена лојалност на потрошувачите кон брендот што, пак, е од огромно значење и ја оправдува секоја инвестиција во подобрување на квалитетот на производите.
 

Прочитајте повеќе во електронското и печатеното издание на InStore бр.10

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...