Валентина Митрова, сопственик на „Евал“
Стартапите се категорија на бизниси што имаат голем потенцијал, а резултатот од нивното работење се производи и услуги кои се одликуваат со креативност и иновативност. За тоа каква е ситуацијата во Македонија поразговаравме како се раѓаат успешните стартапи, со кои предизвици се соочуваат, особено кога се преговара со Валентина Митрова, сопственик на „Евал“ кој произведува производи од тартуфи Tuf.
Kако се раѓа еден успешен стартап?
Еден успешен стартап се раѓа така што основачот, односно оној што ја има идејата, воедно има и силна желба и истрајност да ја реализира докрај. Слободно можам да кажам дека денес семејното хоби, со заеднички сили на семејството, успеавме да го направиме успешен стартап, кој го нарековме Tuf.
Фондот за иновации и технолошки развој почна еден поинаков предизвик, насловен „Стартап-херои“, проект кој се спроведе во рамките на Програмата за корпоративна иновативност. Предизвикот се реализира во соработка со „Тинекс“, а поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и „Фактор траст“ - финансиско друштво за факторинг како вистинска можност за малите стартап-претпријатија. Меѓу нив бевме и ние со иновативен производ со потенцијал за пласман, со што и нашите производи се најдоа на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на „Тинекс“. Тука се правеше промоција и дегустација на нашите производи, со што се зголеми препознатливоста на нашите производи.
Министерството за земјоделство е голема поддршка за учество на повеќе саеми надвор од државата со бесплатни штандови, што не можеме да си го дозволиме како мали бизниси. Саемите се многу корисни за стартапите, за стекнување и размена на искуства во бизнисот и соработката, како и покана за учество на настани во организација на „Слоу фуд“-Македонија.
Поддршката на стартапите треба да биде континуирана, реална и одржлива на долг рок бидејќи проектите за поддршка во моментов се со ограничено времетраење, па по завршувањето пак се враќаме во магичниот круг на соочување со сите предизвици што ги носи стартапот.
Кои се главните предизвици со кои се соочувате на патот од идеја, производство до полица во маркет? Сметате ли дека трговските синџири треба да им дадат повеќе простор на стартапите за да ги претстават своите производи?
Предизвици со кои се соочуваат малите стартап-компании како нашиот постојат на секојдневна основа и се силен поттик да се бориме да опстоиме и да пораснеме. Патот од производство до полица на еден производ на Tuf значи:
1. Вложување голем труд да се собере тартуф, кој понатаму се подготвува за употреба во подготовка на производи кои се дел од нашата палета на производи. За ова е потребно да се инвестира во тренирани кучиња кои го наоѓаат тартуфот и понатаму да се набави соодветна опрема која го овозможува производството и која нам ни дава сигурност дека крајниот производ е со ист, врвен, непроменет квалитет;
2. Да се вложи максимален труд за промоција и презентација на производите и да се изгради мрежа на редовни клиенти/консументи каде што ќе се продаваат производите. За ова се потребни добра маркетинг-стратегија, упорност во закажување и остварување контакти на редовна основа со потенцијални клиенти и одржување на веќе воспоставената мрежа на клиенти.
Овие две работи покажуваат дека големите трговски синџири не гледаат голема економска исплатливост при пласирање производи од стартап бидејќи самиот трошок за производство што ние како стартап го имаме не може да се покрие со понудената цена за продажба на производот. Тоа што на секој стартап му е потребно е зголемена видливост меѓу консументите и позиционирање во големите маркети, присуство на саеми, за наша промоција на пазарот.
Што е неопходно за да се развие стартап-сцената во Македонија? Што може да се смени или подобри за поголема поддршка на овие компании?
Досега направеното не е за занемарување, но сепак поддршката на ,,малите" производители кои работат со многу голема посветеност и љубов треба да биде континуирана, да биде реална и одржлива на долг рок бидејќи проектите за поддршка на стартапите во моментов се со ограничено времетраење, па по нивното завршување ние, иако поразвиени и попрепознаени на пазарот, пак се враќаме во магичниот круг на соочување со сите предизвици што ги носи стартапот.
За крај, сакам да посочам дека нашето богато искуство, иако сме мала компанија, покажува дека само со труд, посветеност, учество на локални и интернационални саеми и настани за храна, успешно го одржуваме нашиот бизнис во рамките на предвиденото и очекуваното. Сепак секаква поддршка на долг рок би претставувала олеснување за секој стартап кој наместо да се занимава со наоѓање начини за пласман на производите и преживување во големиот аквариум со, големите компании, ќе може без грижа да се посвети на развивање и дополнување на палетата на производи со максимален фокус на производство на краен продукт кој ќе биде со врвен квалитет и беспрекорен вкус.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.