Одржувањето на брзиот чекор со промените во малопродажниот пејзаж е предизвик за трговците во сите делови од светот.
Автор: Никола Најт, сениор аналитичар за малопродажба, ИГД
К-продавниците (C-store, convenience store) се мали модерни продавници во соседството кои се одликуваат со погоден (convenience) концепт. Ако добро ги разберат глобалните трендови во овие продавници и начинот на кој трговците реагираат со иновации, производителите и доставувачите може да добијат инспирација и да прифатат нови начини на работа. Во продолжение се анализираат петте тренда за кои се прогнозира дека ќе имаат најголемо влијание врз малопродажбата во к-продавниците на глобално ниво годинава, но и во годините што следуваат.
Без оглед каде се наоѓаат во светот, к-продавниците што ја користат технологијата за развој на синџирот за набавка и за персонализирани понуди за потрошувачите имаат предиспозиции да бидат победници во иднина. Употребата на технологијата може да биде за подобрување на брзината и ефикасноста при купувањето, подобрување на ангажманот на купувачот или за поефикасно користење на податоците. Сепак, трговците што оперираат со к-продавниците не само што не запираат овде, туку и продолжуваат да ги разгледуваат новите и возбудливи можности што им ги нуди новата технологија.
Трансформативната технологија е во акција во безготовинските продавници, автоматизираните киосци, интерактивните дигитални екрани во продавниците и при испораката со роботи. Во поголемиот дел од овие случаи сè уште станува збор само за експерименти, но во текот на годинава очекуваме тие практики да станат пошироко прифатени, а и да се појават нови иницијативи базирани врз технологијата.
Пример: Концептот „Ле 4 Казино“, кој беше лансиран минатата година во Париз, користи дигитална технологија за да го подобри искуството во малопродажбата и, следствено, да овозможи беспрекорно купувачко патување. Дигиталните услуги овозможуваат купување 24/7 без физичка наплата, а купувачите имаат поширок избор на производи и услуги преку дигитални екрани, на кои може да најдат и подетални информации за понудените производи.
На многу пазари воспоставените столбови на асортиманот на к-продавниците – тутун, кондиторски производи и весници – повеќе не се сигурни чекори за развој. За да ја пополнат празнината, малопродажните трговци се во потрага по нови категории, како што се свежите производи, „храната за носење“ и вечерните оброк-решенија, истовремено приспособувајќи се и на зголемената потрошувачка моќ на помладите купувачи.
Клучот за успех е да се подигнат свеста и довербата на купувачите, но истовремено да се намали и ризикот од тестирањето, што ќе им овозможи на потрошувачите да се чувствуваат слободни да експериментираат. Создавањето на „вистинскиот“ амбиент во продавницата, кобрендирањето на производите, развивањето концепти што овозможуваат персонализација и премиумизација на асортиманот приватни трговски марки се некои од начините на кои трговците може да ги поттикнат купувачите да пробаат нешто ново.
Пример: Данскиот трговец „7 елевен“ се здружи со водечки брендови од угостителскиот сектор, вклучувајќи ги и „Пелео“, „Кофоко“ и „Грод“, за да лансира кобрендирани трговски марки и „храна за носење“. Преку соработката со познати специјализирани брендови, „7 елевен“ ја гради довербата на потрошувачите во производите и го добива неизоставниот кредибилитет.
Минатата година беше обележана со големата промена во ставовите на потрошувачите и бизнисите кон прашањата што ја засегаат целата планета. Од одржливост, до пошироко распространетиот тренд за општествено одговорен начин на водење бизнис – иницијативите со фокус на грижата за светот во кој живееме и на глобално и на локално ниво сè повеќе се зголемуваат. Силата на забрзување на ова движење ќе продолжи и во текот на 2019 година.
Пример: Во северниот дел на Лондон, Велика Британија, „Торнтон Буџенс“ на купувачите им нуди повеќе од 1.700 производи во пакување без пластика, а покажува импресивна посветеност да ја отстрани и во преостанатите категории во продавницата.
Зголемената употреба на технологијата на малопродажните трговци им овозможува пристап до многу поголем број податоци од кога било досега. Тие што ги користат овие информации за подобро да ги разберат потребите на купувачите најдобро им се доближуваат на мисиите и пригодите на потрошувачите.
Како резултат на тоа, гледаме сè повеќе ниша-таргетирања на одредени мисии, како и попрецизна поделба на зони во продавниците, што ги водат купувачите брзо до производите што ги сакаат. Малите модерни продавници се трансформираат во центри за храна и за одмор. Очекуваме таргетирањето во овие формати да стане уште пософистицирано годинава.
Пример: Американскиот малопродажен трговец „Луп“ во продавниците има посебен дел за рекреација. Продавниците се одликуваат со светол, модерен и привлечен амбиент, со доволно места за седење и со бесплатен вај-фај. Со таа додадена вредност трговецот го зголемува квалитетот на престојот на купувачите во продавницата.
Одржувањето на брзиот чекор со промените во малопродажниот пејзаж е предизвик за трговците во сите делови од светот. Се забележува зголемен обем на соработка меѓу бизнисите за пристап до нови пазари или локации, привлекување нови купувачи, како и за развој на поефективна и побрза услуга.
Иако партнерствата може да бидат во многу различни форми, се чини дека вистинскиот избор на партнер е клуч за успех. Денес постојат бројни партнерства меѓу малите модерни продавници со производителите, специјалистите за „храна за носење“, дисконтерите и провајдерите на услуги, но во текот на годината очекуваме да видиме повеќе нови и изненадувачки партнерства.
Пример: Во Белгија, машината за смути „Алберт“ на компанијата за преработка на овошје и на зеленчук „Гринјард“ на купувачите им овозможува да креираат сопствени пијалаци преку апликација. Ова е одличен пример за тристрано партнерство, при што сите имаат корист – претприемачите што ја измислиле машината, доставувачот на свежото овошје што инвестирал и к-продавниците што ја вовеле.
ИГД ги идентификуваше овие пет тренда во сите четири трговски региони – Велика Британија, Европа, САД и Азија. Сепак, секој тренд може да биде повеќе или помалку развиен во различни региони. На пример, трендот „трансформативна технологија“ побрзо се развива и има поголемо влијание врз трговците во Азија и во САД отколку во Велика Британија и во Европа. Од друга страна, прашањата за одржливоста сè уште не се на највисокото ниво во агендата на азиските трговци, како што е веќе случај во другите региони.
Анализите и согледувањата на новите практики кај трговците во развиените региони можат да бидат инспирација за малопродажните трговци во регионите, каде што трендовите сè уште се во зачеток.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.