Анализи

Еуромонитор: Најважните 10 глобални потрошувачки трендови во 2016 година

09 Mar 2016
„Еуромонитор интернационал" истражуваше како пострецесијата, сè поголемата информираност, недостигот од време, сеопштата дигитализација и загриженоста за личната безбедност ќе влијаат на купувачките навики на потрошувачите во периодот што претстои.
 
Автор: Дафне Касриел-Александар, консултант за потрошувачки трендови, „Еуромонитор интернационал"
 
Потрошувачката во 2016 година е интересен спој од востановените и од новите трендови со оние што допрва ќе дојдат, што претставува голем предизвик за досегашните начини на живеење и на купување. Глобалната нестабилност и финансиските тешкотии ги принудуваат луѓето да станат творци на промените, чијашто цел е создавање подобар свет.
 
Потрошувачите се соочуваат со стереотипи и со потрошувачка што ги обликува. Таканаречените „купувачи-агностици" ја игнорираат лојалноста кон „етикетите", „совршените производи" и кон датумите „употребливо до", со оглед на тоа што се во потрага по иновативни начини за откривање на вредностите што ги нудат производите. Креативните „сингл-купувачи" комбинираат потрошувачка на луксузни производи со оние што не се конвенционални. Милиони луѓе, кои имаат развиена свест за зачувување на здравјето, сакаат да консумираат „позелена", поздрава и локално произведена храна.На тие барања почнаа да се приспособуваат дури и синџирите за брза храна. Опседнатоста со ментална благосостојба ги насочува потрошувачите да ја надминат грижата за физичката кондиција и да се стремат кон оптимална здравствена состојба.
 
Кои потрошувачки трендови ќе владеат во светот во 2016 година?
 
1.Купувачи-агностици
 
Купувачите-агностици се олицетворение на денешниот контрадикторен купувач. Охрабрени со пострецесијата, хиперинформираноста, воздржаната купувачка ревност и со многубројните можности за споредба на цените, денешните купувачи сè помалку се оптоварени со марките и со „препознатливите" производи. Тие потрошувачи „летаат" од продавница во продавница, од производ до производ, во потрага по вредности и по новитети, претставувајќи на тој начин предизвик за брендовите, кои се стремат да се поврзат со нив или да ги инспирираат на лојалност. Вредноста за купувачот-агностичар не е секогаш ниската цена, бидејќи тие потрошувачи се во потрага по евтини производи во иста мера, како и по квалитет. Од една страна, купувачот-агностик сака да биде штедлив, додека од друга, ужива во трошење за производи што го задоволуваат. Сака да го пронајде квалитетот во новото, непознатото, во нерекламираните брендови, а неговата склоност кон ниските цени не е „вистинската љубов".
 
2.Купување време
 
Во 2016 година, заштедата на времето се сведува на нов обид за негово купување. Многумина од потрошувачите, времето го доживуваат како клучен луксуз. Трговците во Велика Британија очекувале дека во текот на празниците во 2015 година, околу една третина од домаќинствата ќе готови јадења, за да заштедат време и да го одбегнат стресот во кујната. Истражувањето од крајот на минатата година, спроведено од агенцијата за дигитален маркетинг „ВМЛ каис" (VML Qais) покажува дека 70 проценти од побогатиот слој Индијци, на возраст од 18 до 35 години, се сложиле дека луксузот е поврзан и со тоа колку некој има слободно време, а не само со неговата купувачка моќ. На тоа се надоврзуваат и 68 отсто испитаници во Јужна Кореја и 59 отсто во Кина.
 
    
 
3.Предизвикот на стареењето
 
Иднината на многу региони во светот е сè посива, а староста, каква што ја познаваме, сè повеќе е предизвикувачка. Во 2016 година, може да зборуваме за зрел начин на живот, со оглед на тоа што голем број луѓе живеат забрзано, задоволни од продолжената „трета доба", која почнува по „средната", односно од 55 до 65 години. Овие се поенергични, повеќе работат, уживаат да бидат во добра физичка кондиција и водат сметка за менталната благосостојба.
 
4.Творци на промените
 
Во 2016 година, обидот да се променат работите на најдобар начин, сè повеќе станува врвен приоритет. Марк Цукерберг, основачот на „Фејсбук", и неговата сопруга Присила Чен го истакнаа овој факт преку ветувањето дека ќе го донираат најголемиот дел од богатството за подобрување на условите за живот во светот. Ветувањето му го дадоа на новороденото дете, во отворено писмо. Живеејќи во свет воден од конфликти, не само милијардерите, мултинационалните компании, новинарите и моделите, туку и обичните индивидуални потрошувачи настојуваат да го збогатат сопствениот живот и да ги заштитат природните извори на земјата. Особено, малите потрошувачи се предводници на оваа нова крстоносна војна.
 
5.Бришење на половите разлики
 
За голем број потрошувачи, прикриената и самозадоволна насмевка на Кетлин Џенер (која претходно беше Брус) на јунската насловна страница на магазинот „Венити фер" сигнализира манифестација на прифаќање на родната флуидност. Висококвалификуваните транссексуалци се предводници на отфрлање на пропишаните полови улоги. Дури и новиот календар на „Пирели" за 2016 година оди во насока да ги прикаже жените поради она што тие го постигнале, а не затоа што се голи. На тој правец ќе му се приклучи и „Плејбој" во март годинава. На извесен начин, половата флуидност во потрошувачка смисла, е веќе застапена.
 
    
 
6.Поздрава храна
 
Годинава, сè повеќе луѓе ќе се хранат здраво. Многумина од нив ќе водат сметка за намалување на храната што ја фрлаат дома и надвор, ќе настојуваат да одбегнуваат нездрава храна и прејадување и повеќе ќе се фокусираат на природни, локални и на сезонски производи. Голем број потрошувачи ќе размислуваат за купување поевтина храна, која е пред истекот на рокот на употреба и ќе купуваат во трговските синџири што продаваат такви производи. Во 2016 година, дури и брзата храна ќе стане поздрава. Дел од мозаикот сочинуваат и потрошувачите што ги прифаќаат „несовршените" производи. Тука е и интересот на потрошувачот за транспарентноста на процесот на производство, како и за приказната, која овозможува пријатно чувство.
 
7.Ментална благосостојба
 
Опседнатоста од промовирање на благосостојбата на внатрешното „јас" покажува дека потрошувачите водат сметка за своето здравје, која ги надминува границите на физичката кондиција. Потрагата по самосвесното станува главна тема на листите бестселери, во изборот на апликациите, како и во изборот на опциите за одмор. Трендот „подготвен за тренинг" надвор од салата за вежбање, потрошувачите го прифаќаат како холистички став за оптимално физичко и ментално здравје.
 
8.„Преконектирани" потрошувачи
 
Сега, кога речиси половина од светската популација има пристап до интернет – нашите прогнози покажуваат дека во 2016 година бројот на интернет-корисниците ќе достигне три милијарди, сè повеќе потрошувачи почнуваат да живеат по урнек на дигиталниот живот. Додека сè повеќе луѓе со воодушевување очекуваат технологијата на вештачка интелигенција да биде применета и на паметните уреди, физичкото и емоционалното здравје е на удар поради секојдневната, постојана употреба на тие уреди. Особено, постојано одново се анализира влијанието што тие уреди и технологијата ги имаат на децата и на тинејџерите. Постојат и оние што сакаат да го вратат „животот офлајн" за да ја вратат смиреноста. Тие се загрижени дека луѓето дури и спомените ќе сакаат да ги извадат од своите глави и да ги постават на дигитални уреди.
 
9.Контрола на купувањето
 
Во заднината на вознемирувачките светски случувања и загриженоста за личната безбедност, како и финансискиот стрес, настанува нов вид страв кај потрошувачот, кој ќе резултира со зголемување на контролата. Оваа желба да се контролира купувањето води до животен стил кој ја проширува идејата за затворени заедници, со оглед на тоа што потрошувачите не се чувствуваат сигурно. Во развиените и во земјите во развој, генерално потрошувачите имаат впечаток дека нивните основни потреби се однапред класифицирани. За тоа чувство придонесуваат и згубената доверба во институциите, социјалната поделеност, како и глобалниот тероризам и нестабилноста.
 
10.Самците како потрошувачи
 

Сатиричниот филм „Јастог", чиешто дејство е сместено во иднината, се занимава со проблематиката на самецот. Но, годинава, добро ситуираните возрасни од оваа група, уживаат во премиум животен стил. Со помалку обврски и со повеќе пари за трошење, премиум самците се заробеници на „автентични" услуги и производи. Честопати тие се големи „трошаџии", со големи приходи, без деца или без некого со кого го делат животот, среќни што можат да трошат на производи и на искуства само за себе (на пример, соло-патувања), или да трошат големи суми пари за значајни деца од нивните животи (внуци и деца на пријатели).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...