Свет

„Нестле“ не успеа да го заштити обликот на KitKat

27 Jul 2018
Швајцарската компанија „Нестле" ја изгуби битката со европскиот суд за заштита на обликот со четири реда на својот бренд KitKat.
 
Европскиот суд на правдата, со седиште во Луксембург, го врати на почеток целиот случај кој трае повеќе од десет години, на повторно разгледување во Канцеларијата за интелектуална сопственост во ЕУ. 
 
„Нестле" со години се обидува да го заштити обликот на чоколатцето со четири редови KitKat, истакнувајќи дека тој облик заслужува да биде заштитен, како што е заштитен обликот на чоколадото Toblerone. 
 
Европскиот суд пресуди против компанијата „Нестле" истакнувајќи дека тој облик не е препознаен во сите 28 земји во ЕУ. Како што истакнува судот, обликот не е препознатлив во Белгија, Ирска, Грција и во Португалија.
 
Целиот процес почна откако Канцеларијата за интелектуална сопственост во ЕУ, во 2006 година ѝ дозволи на „Нестле" да го регистрира обликот на KitKat како свој препознатлив бренд. Норвешкиот производител на брендот Kvikk Lunsj, кој е дел од групацијата „Монделез", во 2007 година поднесе жалба, со која сега се сложува и Европскиот суд на правдата, поради што го враќа случајот на почеток.
 
Инаку норвешкиот бренд на пазарот се појави две години по лансирањето на брендот KitKat, кој датира од 1935 година.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...