Американската федерална агенција за храна и лекови (ФДА) планира да ја ограничи употребата на терминот млеко, кој нема да може да се употребува за немлечни производи.
Според ФДА, производите како млеко од бадем, ориз, соја и др. што не доаѓаат од млечни жлезди не може да се брендираат и да се продаваат како млеко. Причината за ваквиот потег е што „вегетативните имитатори на млечните производи", популарни кај вегетаријанците, ја нарушуваат официјалната дефиниција за млеко. Имено, според дефиницијата „млекото е лактална секреција, ослободена од колострум добиена со потполно молзење на една или повеќе здрави крави". Оттука, „млекото" од бадем не лактира, па затоа не може да се нарече млеко.
Забраната за користење на терминот млеко ќе биде надополнета со официјална терминологија за тоа како ќе се вика течноста што досега се продаваше како растително млеко (дали сок, вода...). Воведувањето на новите правила се очекува да почне за најмногу една година.
Од друга страна, поддржувачите на досегашната употреба на терминот млеко, тврдат дека постојат дефиниции на млеко, кое доаѓа од два извора - животни и јаткасти плодови, а постојат и записи за бадемовото млеко уште од 16 век.
Се очекува вредноста на индустријата за алтернативни млечни производи да надмине 34 милијарди долари во следните пет години, додека млечните производи се соочуваат со пад на цените и преголемо глобално снабдување.