Производителот на храна „Данон“ предвидува помали маржи и повеќе преземања и продажби на делови од бизнисот, додека новиот извршен директор Антоан де Сен-Африка се обидува да ја консолидира компанијата, која се бори со стагнација околу една деценија, пишува „Блумберг“.
Де Сен-Африка планира да ги зголеми инвестициите во клучните брендови за да го поддржи растот, што ќе влијае на профитабилноста во оваа година. Цената на акциите на компанијата падна за околу 2,6 отсто, на најниско ниво од 2012 година.
Новиот извршен директор, кој претходно работеше во „Унилевер“ и го предводеше производителот на чоколадо „Бери Калебаут“, ја претстави долгоочекуваната стратегија по незадоволството на акционерите што доведе до смена на неговиот претходник од функцијата во минатата година.
Од „Данон“ соопштија дека ќе станат поактивни во спојувања и превземања, со цел да променат околу 10% од бизнисите во своето портфолио на приходи преку преземање средства и продажба. Компанијата се обидува да се справи со брендовите со слаби перформанси што ги поседува и да стекне клучни средства во нејзините веќе постоечки категории.
Оттаму велат дека нејзината оперативна маржа ќе биде над 12 отсто во 2022 година, што значи дека ќе го достигне најниското ниво во повеќе од една деценија. Се очекува приходите да пораснат за 3 до 5 проценти на годишна основа до 2024 година.
Околу една четвртина од приходите од продажба на „Danone“ се генерирани од проблематичните бизниси, им рече извршниот директор на инвеститорите, ветувајќи дека ќе го реши проблемот. Овие брендови ги вклучуваат Chinese Mizone, кој продава вода со вкусови и Horizon Organic, кој продава млечни производи.
Производителот на јогуртот Activia ја заврши 2021 година со најбрз раст на кварталните приходи од продажба во последните седум години. Подобрувањето изгледа краткотрајно, бидејќи предизвиците на инфлацијата и синџирите на снабдување може да се влошат со војната во Украина.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.