Свет

Иницијатива за автомати за рециклирање во маркетите

28 Sep 2021

Европската граѓанска иницијатива повика на воведување повратни вендинг - машини за рециклирање пластични шишиња во супермаркетите. Активистите ја повикаа Европската комисија да воведе систем на депозити за пластични шишиња во сите земји на ЕУ.

Иницијативата #ReturnthePlastics е одговор на негативното влијание врз животната средина, животните и луѓето, кое доаѓа од огромните количества отпад од пластика. Според активистите, кога пластиката не се рециклира или собира, таа завршува на депонии или преку водени патишта влегува во океаните.

Од 3 јули во ЕУ стапи во сила новиот закон за пакувања, со кој им се става крај на пластичните производи за една употреба. Со законот, меѓу другото, се опфатени и прибори за јадење, чинии, сламки, чаши, капачиња за чаши, чепкалки за уши и држачи за балони. Освен тоа, забраната важи и за пакувања за храна за носење и чаши од стиропор. Сепак, во оваа директива не се вклучени пластичните шишиња.

Иницијативата предлага ЕУ да воведе директива за воведување  систем на депозити, со што потрошувачот ќе плаќа на каса по 0,15 евра за секое купено пластично шише. Специјалното лого #ReturnthePlastics, кое производителите ќе го стават на шишето, ќе биде знак за потрошувачот дека треба да плати. При скенирање на бар-кодот на пластичното шише, депозитот автоматски ќе се додаде на неговата сметка, а при враќање на шишето во повратната вендинг-машина, потрошувачот ќе добие ваучер што ќе може да го искористи во тој супермаркет.

Некои земји од ЕУ (Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Германија) веќе имаат воведено системи за враќање депозити за пластични шишиња кои одлично функционираат. Други земји посочија дека ќе воведат депозитни системи во наредните години.

Организаторите на иницијативата треба во рок од една година да добијат поддршка од најмалку 1 милион граѓани на ЕУ, со минимален број од најмалку седум земји-членки, пред Комисијата да го разгледа законот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...