Малопродажниот трговец „Карфур“ во третиот квартал објави најсилен пораст на приходите од продажба во последните две децении, како одраз на подобрите перформанси на клучните пазари – Франција, Шпанија и Бразил.
Приходите од продажба на групацијата достигнаа 19,69 милијарди евра во третиот квартал. Порастот изнесува 8,4%, наспроти 6,3%, колку што изнесуваше во претходниот квартал. Ова е најдобриот квартален резултат на „Карфур“ во последните 20 години, благодарение, пред сè, на посилните резултати во Франција.
Резулатите од третиот квартал ја одразуваат одличната динамика во групацијата, што го потврдува успехот на планот за трансформација „Карфур 2022“, изјави претседателот и извршен директор Александре Бомпар.
„Карфур“ е на средината од петгодишниот план, лансиран во 2018 година, кој има цел да ги намали трошоците и да ги зголеми инвестициите во е-трговијата. Исто така, компанијата го шири форматот к-продавници (C-store, convenience stores), за да ја намали зависноста од хипермаркетите, фокусирајќи се повеќе на органски производи и на приватните трговски марки.
За време на ограничувањата од властите, потрошувачите претпочитаат да купуваат во супермаркети близу до домот, к-продавници и онлајн.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.