Актуелно

Бизнис-секторот обединет против Законот за солидарен данок

15 ное 2023

Законот за солидарен данок, кој Владата го најави како еднократно решение кое се воведува во услови на криза,  откако стапи во сила беше дочекан на нож од македонската бизнис-заедница.

Имено, во втората половина на септември пратениците во македонското Собрание по скратена постапка го усвоија Законот за солидарен данок, со кој дополнително ќе се оданочуваат компаниите кои лани оствариле промет над 10 милиони евра, а зголемувањето на добивката е за 20% во однос на просекот од претходните три години. Како што тогаш соопштија од Владата, според нивните пресметки, со овој данок еднократно ќе се соберат од 50 до 80 милиони евра.

Од Владата соопштија дека овој данок не е дел од даночната реформа, туку е еднократно решение кое се воведува во вонредни услови.

Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата кои по оваа основа ќе се слеат во буџетот ќе бидат планирани во посебната програма за справување со кризата и наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на Европската комисија, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржувањето на нивото на јавниот долг, соопштија од Владата.

Според Сојузот на стопански комори, ваквиот закон е популистички, погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава и при неговото создавање не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат.

Оттаму сметаат дека не постои пример во светот каде што се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, демотивира и дестимулира.

Концептот на данокот ги демотивира субјектите за нови инвестиции затоа што повисок данок ќе платат субјектите кои реинвестираа од добивките во претходните три години, што претставува лоша порака за идните инвеститори. На ваков начин, со дополнително „казнување“ на оние што ја крепат државната економија и што го развиваат БДП на државата, македонската економија нема иднина, наведуваат од ССК.

Од Стопанската комора поведоа постапка пред Уставниот суд за оценување на уставноста на овој закон, а кон средината на октомври побараа од Уставниот суд да го воведе  инструментот „времена мерка“ сѐ до донесувањето на одлуката.

Во функција на нашите компании членки е поднесено барањето за времена мерка. Останува судот да си ја донесе својата одлука, но ние секогаш протежираме законита и легитимна постапка во која плаќањето данок е на еден начин манифестирање лојалност кон државата и токму во тој контекст е побаран времен инструмент, истакна Анета Трајковска од Стопанската комора.

Преку писмено соопштение до јавноста, Уставниот суд информира дека оформил два предмета по поднесени иницијативи со кои се оспорува Законот за данок на солидарност.

Подносител на иницијативите, како што информираат од Уставен, покрај ССК е и   компанијата „Финмак“ ДОО Скопје, преку адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска“.

И додека се чека одлуката на Уставниот суд, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека солидарниот данок мора да се плати и додаде дека Владата ќе ја почитува одлуката на Уставен, каква и да е.

Тој потенцира дека не треба да се зборува какви сè сценарија може да се случат сè додека Уставниот суд не ја донесе одлуката.

Да не прејудицираме, кога ќе биде донесена одлуката, тогаш ќе зборуваме за сценаријата што може да се случат. Да ја кажам вистината или да лажам? Вистината е дека судството е независно и дека секоја одлука на судот е крајна. Во држава во која има демократија, почитувањето на законите и почитувањето на независното судство се императив на владеењето на правото, така што секоја одлука што може да дојде од Уставниот суд ќе биде соодветно спроведена, нагласува вицепремиерот Битиќи.

На прес-конференција Анета Трајковска посочи дека доколку судот не донесе одлука по утврдениот законски термин, нормално е дека треба да се почитуваат законите и легитимните постапки што се во сила.

Според неа, Законот за солидарен данок како никогаш досега го обединил бизнис-секторот и во последно време бизнисот го чувствувал прелевањето на ликвидноста од приватниот во државниот сектор.

Во последно време се чувствува тоа прелевање на ликвидноста. Во тој контекст мора да се направат компромисни решенија за да се направат вистинските работи. Сегашните ад хок решенија не се решенија кои треба да му обезбедат понатамошен раст и развој на бизнисот. Ако развојот на едена економија е поттикнат преку зголемување на производството и зголемувањето на обемот на услугите, мора да дејствуваме во насока да овозможиме бизнисот што повеќе да произведува и да понуди што повеќе услуги за на тој начин да се платат повеќе даноци и да се полни буџетот, со што се обезбедува ликвидноста и на буџетската страна, но и на бизнисот во делот на своето работење, нагласи Трајковска.

Солидарниот данок е симболичен обид да се коригира неправдатa

 Д-р Бранимир Јовановиќ, Виенски институт за меѓународни економски студии

Солидарниот данок е, пред сѐ, мал симболичен обид да се коригира неправдата што се случи лани, кога десетици илјади луѓе во Македонија западнаа во сиромаштија поради тоа што стотина фирми ја злоупотребија ситуацијата со глобалната инфлација и ги зголемија нивните цени повеќе отколку што беше потребно. Со солидарниот данок сега треба да им се земе малку од екстра-профитот на тие фирми (само 30%) и потоа тие средства да се искористат за разни намени.

 Ефектот нема да биде голем затоа што се даночат само мал број фирми, а и стапката на данокот е релативно ниска – само 30% од екстра-добивката. Владата тврди дека ќе се соберат околу 70 милиони евра, што мислам дека е преоптимистично, но секако и тоа е само 0,5% од БДП-то на државата. И фирмите што ќе се оданочат нема многу да бидат засегнати зашто ќе им останат 70% од екстра-добивката што ја остварија лани. Така што, солидарниот данок е повеќе симболичен гест од страна на државата да покаже дека не седи со скрстени раце додека едни се богатат на сметка на осиромашувањето на другите.

Генерално немаше проблеми со воведувањето на овој данок во другите европски држави. Фирмите го прифатија и не се бунтуваа многу. Имаше одредени реакции во некои држави кои воведоа специјални даноци на банките, како Шпанија и Италија. Таму банките се побунија исто како што се бунат големите фирми во Македонија сега. Во Шпанија поднесоа иницијатива за неуставност на данокот, ама судот ја отфрли, како што верувам дека ќе ја отфрли и македонскиот суд.

Нема да има апсолутно никакви негативни последици од данокот. Фирмите кои се даночат се само стотина, а секако ќе им остане најголем дел од екстра-добивката, така што нема ни влакно да им фали. Од друга страна, не слушнавме што ќе се прави со прибраните пари, па не може да се каже ни дека позитивните ефекти ќе бидат многу големи. За да бидат позитивните ефекти поизразени, треба Владата јасно да ги намени прибраните средства за помагање на оние што се најпогодени од оваа криза, а тоа се сиромашните граѓани и малите фирми, како и да го направи данокот траен, а не само еднократен, со можност и неговата стапка да изнесува барем 50%.

На 24 ноември ќе бидат блокирани сметките на оние што не платиле солидарен данок

Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи, рече дека на 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на компаниите што не го платиле данокот на солидарност, кој оваа година беше воведен како еднократен и кризен.

Согласно нашиот календар, на 6 ноември ќе ги доставиме опомените. Доколку и по тоа нема извршено уплата, на 24 ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки, рече Лукаревска.

Директорката на УЈП нагласи дека една компанија може да го одложи плаќањето до крајот на годината, но со банкарска гаранција или со залог на движен и недвижен имот

Досега биле собрани 2,21 милијарди денари од данокот на солидарност, или околу 36 милиони евра, но 50-ина компании од вкупно 150 обврзници сѐ уште го немале подмирено.

257 милиони денари бил најголемиот поединечен износ платен за данок за солидарност, а Лукаревска додаде дека меѓу оние што немаат платено имало и јавни претпријатија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...