Македонија

Како поминаа маркетите во Куманово - што ги чека скопските во полициски час?

08 апр 2020

Како најбезболно да се поминат два дена континуиран полициски час, а притоа и вработените во маркетите да бидат заштитени и муштериите услужени? Куманово имаше такво искуство викендов што помина, откако Владата прогласи забрана за движење во овој град поради големиот број заболени со Ковид-19. 

Повеќе маркети правеа достава на намирници до дома, и нивната пракса, но и искуства за купувачите, се различни. Како поминавте,  ги праша InStore сопствениците на кумановските маркети. 

„Ацидо Ком“ има четири маркети и 32 вработени.  Тој е еден од маркетите што беа објавени на интернет-страницата на општината, а што се пријави за достава на намирници на домашна адреса. Александар Илиески, сопственик на „Ацидо Ком“, споделувајќи го своето искуство, бара - во време на пандемијата, маркетите да се затворат и да работат само со достава. Иако почнале да доставуваат нарачки уште пред две недели, први во Куманово, има луѓе што доаѓаат во маркетите со објаснување дека сакаат лично да разгледаат што да купат. 

Уште од првиот ден барам да работиме само со достава. Се покажа дека луѓето не можат да се контролираат. Ние ги контролираме внатре во маркетите, но надвор на улица пред маркет се групираат по 40-50 луѓе. Седум продавачки додоа отказ, не можат да го издржат психолошкиот притисок. Изложени се на ризик. Сите ќе бидеме многу позаштитени ако работиме само со достава, дециден е Илиески. 

Во неделата, за време на полицискиот час во Куманово, „Ацидо Ком“ со достава работеле од 8 часот до 22 часот и имале повеќе од 50 нарачки. Главно биле во вечерните часови, и тоа за цигари и алкохол. 

Тоа што им е неопходно, луѓето веќе си го имаа купено, вели Илески. 

Доставата за нарачки над 1.000 денари преку овој маркет е бесплатна, а под таа сума доставата се врши по цена од 60 денари. Цената е ставена за да се спречат злоупотреби - на пример, некој да нарача да му се однесе кутија цигари. Нарачките ги доставуваат две мобилни екипи, со комбе, при што вработените се опремени со маски, ракавици, а намирниците претходно се дезинфицирани. 

Маркетите „Ќошар“ имаат два објекти во Куманово, работат 25 години. 

Во саботата, имавме нарачки на секои 10 минути. Во неделата, нарачките со достава трипати се зголемија, вели Жарко Стојановски од „Ќошар“. 

Маркетот работел со достава од 6 до 23 часот викендот на полицискиот час, со четворица вработени - двајца примале нарачки, двајца носеле. Најмногу се барале леб, млеко, кашички за деца, овошје и зеленчук....

Ние немаме ограничување дека некој треба да направи сметка од одредена цена, па да добие бесплатна достава. Испорачувавме и за нарачка од 100 денари, доставата е од нас, хуманитарно, за целиот реон на Куманово, ни рече Стојановски. 

Намирници доставуваше и помалиот „Јахи маркет“ од село Черкези. Селајдин Муслиу, сопственик на објектот, носел нарачки, исто така бесплатно, но само на тие што навистина им требале. 

Луѓето се јавуваа од зорт. Доцна кажаа од Владата, немаа сите време да се подготват и да пазаруваат. Имаше и такви, велат, донеси ми цигари и лименки. Кај нив не доставуваме. Но, кај мајки што бараа млеко, јогурт, кај луѓе што нарачуваа зејтин, брашно, храна, кај нив доставував бесплатно, да ги услужам, и без условивање за вредноста на нарачката, ни рече Муслиу. 

Освен локалните маркети, достава во Куманово овозможи и „Тинекс“. 

Земајќи во предвид дека информацијата за забраната за движење за време на викендите во Куманово беше донесена во петок, подготовките и организацијата за достава на нарачки од маркетот во Куманово беа направени за експресно кратко време. Се одлучивме за телефонско нарачување на производите, како најбрза и наједноставна опција. Бевме изненадени од големиот број на нарачки, но и од позитивните коментари кои ги добивме од потрошувачите, па токму затоа решивме да продолжиме со достава на нарачки секој ден во неделата и овозможивме плаќање со картичка, велат од „Тинекс“. 
 
Поради краткиот временски период за организација на сите детали, претходниот викенд плаќањето на нарачките од „Тинекс“ се вршеше единствено во готово. Од оваа недела, „Тинекс“ воведе плаќање со картичка како дополнителна опција за наплата. Поставен е минимален износ на нарачка од 1.000 денари. 

Во Куманово, до синоќа беа регистрирани 128 граѓани заразени со коронавирусот. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...