Македонија

(ВИДЕО) Почна промоцијата на македонски производи во Букурешт

14 јун 2021

Во присуство на претставници на Владата на Романија, членови на Стопанската комора на Романија, државни институции и претставници од романскиот агросектор, денеска започна промоцијата на македонски производи која се одржува во Букурешт и ќе трае од 14-18.06.2021 година. Повеќе домашни компании од агросекторот и прехранбената индустрија ќе ги презентираат своите брендови, а посетителите ќе имаат можност да ги почувствуваат вкусовите на македонските вина, сирење, кашкавал, ајвар, мед, мармалади и други производи кои се наши познати брендови.

Ова е прв настан од ваков вид, преку спортска дипломатија да се промовираат македонските производи и започнува од Романија, која е една од земјите домаќини на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020.

Еден од најдобрите начини за промоција на нашата земја е секако спортот и уметноста, но дозволете ми, како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство да истакнам дека има уште еден битен фактор за промоција, а тоа се нашите земјоделско-прехранбени производи. Нашата сончева земја е богато обдарена со поволни климатски услови за земјоделско производство. Секој кој ја посетил нашата земја и вкусил од македонските домашни производи, знае дека тие имаат изразена комплексност на вкусови и мириси. Затоа, странскиот пазар е отворен кон нас и има голем интерес за нашите земјоделски и прехранбени производи, а ние пак вложуваме во насока на квалитетно и стандардизирано зголемување на количините кои странскиот пазар ги бара од нас”, изјави министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.

Тој дополни дека во последните години извозот на нашите земјоделски производи постојано расте, а тоа е доволен показател за развојот на земјоделскиот сектор и интензивирањето на меѓународната трговија. Сакам да упатам денеска порака до стопанствениците од Романија и секако нашите бизнисмени дека ние како Влада и секако како пријателска земја ќе направиме се што е во наша надлежност за да ги подобриме и олесниме условите за соработка помеѓу двете земји, пред се во делот на трговијата. Северна Македонија е мала земја, но имаме голем потенцијал. Во наредниот период сме силно насочени кон засилени активности со главна цел раст на инвестициите во земјата, посебно во пост-ковид периодот, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, и ги повика граѓаните и бизнисмените на Романија да ја посетат нашата држава. Тој изрази надеж дека во наредниот период ќе можеме да ги видиме и романските компании на еден ваков настан во нашата земја, каде што дополнително ќе се отворат можности за продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција, Дејан Павлески, имаше свое обраќање на тема Поддршка на извоз и увоз и услови за воспоставување трговска соработка.

Искрено се надевам дека со оваа иницијатива за вмрежување и со настаните за промоција што ќе следат наредните неколку дена ќе овозможи остварување на голем број средби помеѓу заинтересираните компании од двете земји и ќе придонесе македонските брендови на познати вина со долга традиција, како и продукти со многу висок квалитет од млечната и кондиторската индустрија да станат дел од пазарот во Романија, изјави Павлески.

Амбасадорот на Северна Македонија во Романија, Н.Е Габриел Атанасов, изјави дека спортската дипломатија е во чест на нашата фудбалска репрезентација која после триесет години прв пат настапува на Европско фудбалско првенство и дека промоцијата на нашиот фудбалски тим е поддржана и со настанот за промоција на нашата земја како земја со квалитетни земјоделско-прехранбени производи и атрактивна туристичка дестинација.

Македонската промоција „Недела на македонски производи” е организирана од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со македонската амбасада во Романија и во соработка со Стопанската комора на Романија. Во чест на одличната соработка, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство упати благодарност до македонската амбасада и Стопанската комора на Романија, како и до сите домашни компании кои го поддржаа настанот со свои производи.

Промоцијата ќе се одржува од 11 до 17 часот, секој ден (оваа недела), заклучно со 18.06 (петок), во просториите на Стопанска комора на Романија.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...