Актуелно

Лозарството и винарството-пред спас или пред пропаст?

22 сеп 2020

Лозарите се жалат на ниски откупни цени, винарниците - на загуби поради колапс на глобалниот вински пазар

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

За откупот на грозјето, мерките на државата и проблемите на лозарите и винарниците, за InStore зборуваа министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, Светозар Јаневски, претседател на здружението „Вина од Македонија“ и Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари“-Кавадарци. 

Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Нашата примарна цел е да воспоставиме партнерски однос со земјоделците и со стопанствениците од агросекторот, со лозарите и винарниците.

Свесни сме дека последици од глобалната пандемија трпи и лозаро-винарството како извозна гранка. Оваа е тешка година за секој сектор. Затоа, како Влада ќе преземеме сè што е потребно за да се ублажат негативните последици врз производството на грозје и вино.

Во постојана комуникација сме со лозарите и со винарниците, со единствена цел да креираме мерки што ќе бидат од интерес за примарното производство и за винската индустрија. И мојот прв состанок како нов министер беше со винарските визби, со цел да се најде решение прифатливo и за двете страни. Oтворената комуникација ќе продолжи и во следниот период затоа што само преку партнерски однос со лозарите и винарските визби можеме да ја зајакнеме оваа стратешка земјоделска гранка која има сериозно учество во вкупниот извоз.

Се размислува да има и субвенција за високосортното грозје, која би била првпат воведена.

На состаноците предложивме на партнерска основа - откупната цена да биде 11 денари за килограм вранец и 9 денари за смедеревка, при што Владата ќе интервенира со четири денари субвенција за да може да се  постигнат ланските цени, односно 15 со 13 денари за килограм. Се размислува да има и субвенција за високосортното грозје, која би била првпат воведена. Како поддршка за винарниците предложивме субвенционирање на трошоците за транспорт во износ од 30 отсто за вино во шишиња и 20 отсто за наливното вино. Средби се предвидени и со лозарите затоа што без производство на квалитетно грозје нема квалитетно вино. Верувам дека ќе имаме прифатливо решение, да се откупи целото грозје и да се постигнат најмалку откупните цени од лани.

Веќе во фаза на подготовка е и долгорочна стратегија за развој на лозаро-винарството. Претходните министри во минатите три години презедоа многу мерки. Ќе продолжиме со уште позасилено темпо да работиме на развој на земјоделството, како еден од клучните двигатели на нашата економија. 

Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина од Македонија“

Кризата предизвикана од Ковид-19 направи сериозни потреси на глобалниот вински пазар и ѝ нанесе огромни штети на целокупната македонската винска индустрија. Имено, намалениот промет во угостителството, каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на вино на домашен пазар, предизвика пад на продажбата и до 80 отсто. Истовремено, македонските винарници, особено оние што извезуваат наливно вино, се соочуваат со големи ценовни притисоци на клучните извозни пазари, каде што се регистрира пад на цените и до 40 отсто, како последица на мерките што ги преземаат големите производители на вино - Италија, Шпанија и Франција за да се ослободат од големите резерви. Истовремено, податоците покажуваат дека вкупните резерви на вино во македонските винарници надминуваат 50 милиони литри, од кои повеќе од 45 милиони литри се наливно вино.

Драстичниот пад на продажбата се должи, пред сè, на вештачкото затворање на пазарот, (намалениот промет поради затворање на угостителскиот и туристичкиот сектор каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на вино во шише) и секако падот на побарувачката. Од друга стана, се соочуваме со ненаплата на долговите од страна на купувачите, кои исто така трпат голем удар во работењето. Сето тоа доведува до стимулирана неликвидност.

Вкупните резерви на вино во македонските винарници надминуваат 50 милиони литри, од кои повеќе од 45 милиони литри се наливно вино.

Големото намалување на побарувачката на вино, падот на цените на главните извозни пазари и големите резерви сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници, кои се доведени во ситуација да мораат да ги приспособат своите деловни планови, вклучително и плановите поврзани со годинешниот откуп на грозје, согласно исклучително тешките и сложени пазарни услови предизвикани од корона-кризата, кои се без преседан и имаат тенденција на дополнително влошување.

Сите параметри јасно укажуваат на тоа дека без соодветна финансиска поддршка од државата, по примерот на мерките што ги применуваат другите земји - големи производители на вино, македонската винска индустрија и лозарството ќе се соочат со опасност од целосен колапс, што ќе значи загуба од околу 50 милиони евра за државата, колку што изнесува вредноста на годишниот извоз на македонско вино, како и загубена работа и нарушена егзистенција за над 30.000 лозарски семејства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74. регистрирани домашни винарски визби.

За да се избегне ваквото неповолно сценарио и да се заштити домашното винарство и лозарство, нашето здружение „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемиот број домашни винарници и извозници на вино, во изминатиот период иницира повеќе средби со претставниците на надлежните државни институции на кои беа презентирани прецизни пресметки и беа предложени конкретни мерки кои треба да обезбедат вистинска поддршка и поттик за целокупниот вински сектор.

Предлогот на домашната винска индустрија е државата да обезбеди директна финансиска поддршка во форма на субвенции, со кои ќе се гарантира откупот на целокупното грозје од годинешната берба по точно утврдени цени. Исто така, предлагаме итно активирање и проширување на финансиската поддршка за извозот на вино и обезбедување средства преку бескаматни кредити што винарниците би ги искористиле за решавање на големите резерви, со што би се направил простор за вината од новата реколта.

Ставот на „Вина од Македонија“ е дека доколку се спроведат овие предложени мерки, возможно е да се надмине крајно неповолната ситуација, во која без своја вина се најдоа и винарниците и лозарите и сите што се дел од македонската винска индустрија.

Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари“-Кавадарци

Како производители на грозје, многу тешко се справуваме со последиците од пандемијата бидејќи ни предизвика многу проблеми: немаме доволно работна сила, принудени сме колку што можеме да ги сработиме. Ни отежнаа и мерките поради кои не смеевме да се групираме по повеќе луѓе, треба да држиме дистанца и слично.

Тиквешијата, како најголем производител на грозје во Македонија и пошироко (повеќе од 6. 500 производители во Кавадаречкиот Регион се занимаваат со лозарство), веќе трпи големи штети. Покрај пандемијата, тоа се штети и од ненавремен откуп на грозјето. Знаеме дека и винарниците се засегнати од актуелната ситуација со вирусот, но тие, како и секоја година, и оваа тактизираат со откупот. Нудат смешни цени, постојано се жалат дека не можат да го продадат виното, дека им е скапо да ги дадат цените за килограм грозје за кои ние сметаме дека се коректни. А молчат кога ќе им речеме направете производна цена на килограм грозје, кажете ни колку тоа чини и толку платете го, ние нема да се бунтуваме. Ние сметаме дека производна цена на килограм грозје не треба да е под 15 денари. На став сме дека нема да дозволиме едни да трпат штети, а други да профитираат на нивен грб.

Знаеме дека и винарниците се засегнати од актуелната ситуација со вирусот, но тие, како и секоја година, и оваа тактизираат со откупот.

За помош се обративме до Министерството за земјоделство, од каде што добиваме субвенции од хектар. Во случај да падне цената, тогаш државата интервенира со плус 1 или плус 2 денари за килограм - оваа година со плус 4 денари. Се обративме и до амбасадите да помогнат со извозот. Имаме некои начелни потврди од амбасадите на Босна и Херцеговина и од Албанија за нивни купувачи, чекаме потврди и од други држави.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Мариа Лазарова-Иванова: Ќе ја зајакнеме одржливата деловна практика

28 сеп 2020

Компанијата dm им исплати бонус од по 9.000 денари на сите вработени

28 сеп 2020

Ејуп Абдулахи: Успехот е круна на најпосветените

28 сеп 2020

„Лидл“ извезува хрватски производи во 14 европски земји

28 сеп 2020

Саемот на ПЛМА ќе се одржи онлајн

28 сеп 2020

Холандски „Плус“ претстави замена за месо

28 сеп 2020
Вчитува уште новости...