Актуелно

Црна Гора повторно прогласи епидемија на целата територија

22 јул 2020
Црногорскиот кризен центар за инфективни болести донесе одлука повторно да прогласи епидемија на новиот коронавирус во целата земја и да воведе задолжително носење маски на отворено и во затворено, освен на плажите и во националните паркови.
 
До синоќа, епидемијата во Црна Гора беше прогласена во пет општини на северот на земјата. Во вториот бран на епидемијата на коронавирусот во Црна Гора вкупно 2.045 луѓе се разболеле, а 26 починале. Статистички гледано, бројот на заболени во Црна Гора на 100.000 жители е 305, а според тој параметар, таа земја е на врвот на листата на земји во регионот.
 
Поради ваквата епидемиолошка состојба, црногорскиот Институт за јавно здравје ѝ предложи на црногорската влада да прогласи состојба на епидемија на заразна болест во целата земја и заштитна мерка за задолжително носење заштитни маски.
 
Носењето заштитни маски од полноќ е задолжително во цела Црна Гора, вклучително и за деца на возраст над седум години, освен на плажите и во националните паркови, држење физичко растојание и претходно пропишани мерки. Собирањето е исто така ограничено на максимум 40 лица на отворени јавни места, а на 20 лица во затворено, соопшти црногорската влада.
 
Мерките за забрана за работа на ноќни и диско-клубови и организирање свадби, дипломски, роденден и други приватни прослави се продолжени до 6 август. Претходно, работата на угостителските објекти во централниот, најнаселен дел од земјата, беше ограничена до 22 часот, а на приморјето работното време на кафулињата и рестораните е до полноќ.
 
Во пет општини на северот, каде што претходно беше прогласена епидемија на коронавирусот, продолжена е мерката за целосна забрана за работа на угостителските активности.
 
Вториот бран на инфекција во Црна Гора почна на 14 јуни, а оттогаш бројот на заразени трипати се зголеми во однос на првиот бран кога 324 лица се заразиле со коронавирус во Црна Гора за два и пол месеца.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...