Актуелно

Неработна недела и во македонски синџир маркети

20 May 2020

„Кит-Го“, „Тера“ и „Супер Кит-Го“ се првиот поголем синџир маркети во Македонија кој донесе одлука, недела да биде неработен ден за своите вработени. 

Информацијата ја објавија на својата Фејсбук страница. 

Со неработна недела ќе бидат опфатени над 900 вработени во овој синџир, во 54 маркети низ земјата.  

Иницијативата за неработна недела веќе подолго време е актуелна во регионот, но ја имаше и кај нас. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во февруари лани, во рамките на изготвувањето на новиот закон за работни односи, достави свој предлог до Министерството за труд и социјална политика. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство (зголемено породилно отсуство од 9 на 12 месеци, договорот за работа да се трансформира во договор на неопределено по истекот на една година наместо по пет години како што е сега...), ССМ предложи денови на неделен одмор по правило да бидат сабота и недела. Но, оттогаш нема ништо конкретно во преговорите меѓу синдикатот и работодавците.  

Кога InStore ја отвори оваа тема, од Здружението на трговијата при Стопанската комора ни рекоа дека за ваква иницијатива во Македонија би можело да се размислува единствено по консултација со приватниот сектор и компаниите кој вршат трговска дејност, за да се  согледаат можните импликации од забраната за работа во недела и празници врз нивното работење.

Во таа насока, евентуалното неработењето во недела и на државни празници може да се спроведе единствено доколку ова прашање се регулира преку соодветно законско решение и истото се почитува од страна за сите засегнати субјекти. Со други зборови, успешноста на оваа иницијатива би зависела исклучиво од ажурноста и неселективниот пристап на законодавецот, односно соодветните инспекциски органи, ни одговорија тогаш од Здружението. 

Целиот текст на Instore за тоа до каде е неработната недела во регионот, што се прави во Македонија и какви се ставовите на трговците, можете да го прочитате тука. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...