Актуелно

Мислења и коментари: Како да се спречи енергетската криза?

02 ное 2022

Како скапата струја ќе се одрази врз работата на компаниите и што треба да се преземе за да се спречи енергетската бура? Со нашите соговорници разговаравме за тоа како компаниите се подготвуваат за најавуваната најтешка зима, кои се решенијата што ќе бидат одржливи на краток, среден и на долг рок и за двете екстремни сценарија – оптимистичното и песимистичното.

Приреди: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

                     Став од секторот                       

Виктор Петков, генерален менаџер и сопственик на „Випро“

Досегашните стратешки грешки на надлежните во развојот на државата со секоја криза еруптираат на површината. Тука, пред сè, би почнал со нашата енергетска кратковидост; слабо, девастирано или погрешно приватизирано домашно национално стопанство; огромна увозна зависност; релативно затворена држава со (не)царински бариери; блокирање на приватната иницијатива со административни и државни бариери. Лоша практика, никаква синхронизација на областите од општественото живеење и целосна партизација на општеството. Автобус што неминовно оди кон бездна, но внатре во просторот повеќе групи се поделени и целосно се концентрирани на меѓусебно и сопствено самоуништување, наместо заеднички да го оправат автобусот.

Во таква консталација, не ни преостанува друго освен да ги следиме негативностите и да се приспособуваме на тоа. „Випро“ има среќа што произведува храна, исклучиво национални производи со повеќе од 66% домашна додадена вредност и што 85% е извозно ориентиран.

Се надеваме и очекуваме да ни се дозволи по кратка и едноставна постапка да инсталираме фотоволтаици за сопствени потреби, кои ќе ни овозможат сопствена самоодржливост (зошто тоа се одложува со години кога Македонија е дефицитарна со електрична енергија, а има одлични услови за фотоволтаици?), максимални заштеди и „домаќинлак“ на енергетската потрошувачка во редовното работење.

Веројатно ќе го допреме дното и конечно ќе сфатиме дека треба да се свртиме кон себе, кон домашната економија и кон рационализација на сите непотребни, нерационални или предимензионирани трошоци.

Науката, но и практиката треба да го кажат својот збор за одржливи решенија на краток, среден и на долг рок. Генерално, потребни се стратешки размислувања и решенија, можеби од МАНУ, по метод на делегирање експерти (покрај редовните) кои, на пример, на секои три години би дале придонес за постојано ажурирање на современите текови од светот. Уште поважно е регулирање на тајмингот за сето тоа. Денеска светот е многу подинамичен отколку пред 30 или 60 години и многу работи молскавично се менуваат.

Оптимистично сценарио на краток рок речиси немаме, од наведените причини, од кои најважни се стратешките пропусти на многуте претходни влади во доменот на енергетиката и другите промашувања, особено со храната и земјоделството. За среќа, мали сме и во овој случај тоа е предност – нашите потреби и економијата се минорни во споредба со развиените држави, па со минимални корекции би можеле да се одржуваме.

Песимистичното сценарио би значело континуирано намалување на нашите девизни резерви и намален нов прилив поради енергетскиот економски колапс на домашните фирми, како и, претпоставувам, понатамошен зголемен трговски дефицит. Структурата на нашето стопанство е негативна за нас, бидејќи речиси 50% од извозот го прават ТИРЗ со мала додадена вредност, додека домашното стопанство (иако официјално немаме таква поделба, што е огромна грешка за издржани анализи и корективни проекции) стагнира или заостанува. Тоа понатаму ќе се одрази на неможноста за полнење на буџетот и следење на буџетските расходи (со тоа и отежнато извршување на јавните функции и потреби), што ќе ја „олади“ тековната потрошувачка, а истовремено ќе опаднат и буџетските приходи. Останува единственото решение – понатамошно задолжување, што неминовно ќе мора да продолжи. Се прашувам до кога? Веќе сме на двојна црвена линија, од која многу тешко ќе се вратиме. Веројатно ќе го допреме дното и конечно ќе сфатиме дека треба да се свртиме кон себе, кон домашната економија и кон рационализација на сите непотребни, нерационални или предимензионирани трошоци. Ако ова сценарио се активира веднаш, ќе бидат потребни 5-10 години за видливи резултати.

              Институционален став             

Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија

Цените на енергентите вртоглаво пораснаа – компаниите добиваат повисоки сметки веќе една година, а во последниот период тоа ескалира со неколкукратно повисоки сметки од претходните. Иако тоа се очекуваше и е најголем проблем за нашата економија моментално, загрижувачки се очекувањата за нарушување на синџирот на снабдување.

Нашите компании веќе покажаа дека знаат и умеат да се соочуваат со ваквите кризи, и верувам дека доколку институциите не им поставуваат, но и ги елиминираат постојните пречки, економијата може да се потпре на нивниот инстинкт и на нивното знаење.

Институциите треба да бидат кооперативни со бизнис-секторот бидејќи државата не успеа да обезбеди доволно и поевтина електрична енергија. На бизнисите треба да им се овозможи полесен пристап до ликвидни средства, поедноставни процедури за поставување фотоволтаици, но и бескаматни кредити за нивно поставување.

Бизнисот е тој што ја држи целокупната економија на рамена, па затоа пристапот на институциите кон него треба да се смени. Не е прифатливо образложението „снајдете се, ова е слободна пазарна економија“.

Бизнисот е тој што ја држи целокупната економија на рамена, па затоа пристапот на институциите кон него треба да се смени. Не е прифатливо образложението „снајдете се, ова е слободна пазарна економија“ кога на бизнисот му се врзани рацете од многуте одлуки на Владата во последните неколку месеци. Свесни сме дека бизнисот ја гради економијата, вработува 80% од вработените во земјава и има голем удел во полнењето на државната каса. Сите капацитети на институциите, но и на бизнис-заедницата треба да го најдат патот до консензуална стратегија и да се работи на наоѓање решенија како да се надмине ситуацијава со најмалку можни штети. Време е Владата да рефлектира на барањата на бизнис-заедницата, кои се крајно солидарни, и со социјалниот аспект на граѓаните. Средствата што не се користат за инвестиции да се пренасочат во проекти и програми што на краткорочен и на долгорочен план ќе го решат најголемиот проблем што земјата го има од независноста, а тоа е енергетиката.

Од искуството со ковид-кризата научивме дека сè е поврзано во модерните општества. Доколку еден сегмент од општеството блокира, ќе претрпат штета и другите. Многу е важно на бизнисот да му се даде простор во овој период. Доколку институциите не ги слушнат неговите барања, ќе дојде до нивно затворање, а со тоа и до зголемување на невработеноста и сиромаштијата во период на голема инфлација. Помошта кон бизнисот ќе ја поттикне конкурентноста, а таа ги намалува цените и побрзо го доведува пазарот во стабилна состојба. Свесни сме за државните приходи и особено за последното задолжување, но нема подобар начин на оживување на економијата освен поттикот во овој кризен период, бидејќи освен постојните, ни требаат и нови претприемачи.

              Експертски став             

проф. Ристо Филкоски, Машински факултет во Скопје

Во енергетиката нема многу можности за солидни краткорочни решенија, но сепак нешто може да се направи. Секаде има можност за имплементација и практикување мерки за подобрување на енергетската ефикасност со домаќинско работење и однесување и технички мерки за кои се потребни мали инвестиции. Сепак, во принцип, со таквите мерки е можно остварување заштеда најмногу до 10-15%, а во актуелната ситуација покачувањето на цените на енергентите е навистина застрашувачко.

Владата мора да најде начин со народните пари (мислам на средства од буџетот!) да им ја олесни работата на компаниите. Без функционирање на стопанството, сè друго губи значење. Владата и досега требаше драстично да ги намали огромните непродуктивни трошења за да биде подготвена за соодветна реакција кон компаниите и енергетската криза.

Во енергетиката нема решенија што се носат со волшебни стапчиња. На среден рок компаниите можат да преземат редица мерки за подобрување на енергетската ефикасност за греење, ладење, во технолошките процеси, во транспортот и др. Меѓу другото, можат да се погрижат за ублажување на состојбата со сопствено производство на електрична енергија, на пример, со фотонапонски системи или со користење отпадна енергија.

Во енергетиката нема решенија што се носат со волшебни стапчиња.

Од страна на државата, на среден и на долг рок треба да се работи на одржување на постојните енергетски капацитети и изградба на нови – комбинирани термоенергетски, хидроенергетски, фотонапонски, ветерни централи и др. Каква ќе биде цената на природниот гас во наредниот период, никој не може да предвиди. Рускиот гас беше со прифатлива цена, а снабдувањето беше сигурно. Меѓутоа, се покажува дека и многу поголеми и побогати држави во Европа не решаваат сами за својата судбина. Полупразните ветувања за замена на природниот гас со втечнет гас нема многу да ја подобрат состојбата. Не станува збор за диверзификација на снабдувањето, туку за замена на рускиот гас со многу поскап втечнет (обично добиен на еколошки проблематичен начин).

Оптимистичното сценарио би било да почне деескалација во Украина, западните земји да престанат да се закануваат со санкции, да ја остават ароганцијата настрана и да почнат нормални преговори со Русија. Во тој контекст, можеби ќе се создадат услови од Русија да се испорачуваат поголеми количества енергенти (и други стоки). Според некои процени, цената на електричната енергија може да падне и до 100 евра за мегават-час (100 €/MWh), во случај на делумна нормализација на снабдувањето со природен гас, јаглен и течни горива.

Песимистичното сценарио е целосен прекин на доток на природен гас од Русија; цена на електричната енергија над 500 €/MWh; затворање на многу компании низ европските земји и кај нас; зголемена невработеност; постепена појава на недостиг на различни стоки и суровини, метали, ѓубрива и др., што ќе доведе до верижна реакција на поскапувања и многу други (не)согледливи последици.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...