Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Што по пустошот од кризата

03 јун 2020

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на агенцијата „Консултор“ (www.consultor.ba)

Кризите оставаат пустош зад себе. Тоа е веројатно првото што се гледа. За волја на вистината, ова можеби не е применливо баш на сe. Некои во криза се снаоѓаат, па ќе најдат дупка во законот и ќе се протнат низ неа. Некои одлучуваат да бидат во рамнотежа, па се диверзифицираат и диференцираат во нов облик на бизнис, па заработуваат на тоа што нема да ги дотолчи. Некои тоа го нарекуваат профитерство. Јас се сложувам.

Но, никогаш не се занимавам со прозаични ликови и потези, па нема ни сега. Туку ете, да биде како потсетник што не треба да се прави. Кризите зад себе оставаат пустош. Тоа не е секогаш исчезнување, туку и стопирање на напредокот.

Не, не требаше да научите да месите чудо од леб, течно да зборувате мандарински, ни да го спасите светот лежејќи пред телевизиските екрани. Требаше да размислите. Да, да размислите. Како да се приспособите за да преживеете. Кои навики да ги смените. Да направите нешто што одамна сте го мислеле, а ете баш не му било време. А, најпрвин од сe, да размислите како понатаму кога сето ова ќе стане вчера. А, ќе стане. Полека веќе и почнува.

Анализирајте дали баш сето тоа ви треба. Анализирајте дали вистинските луѓе ви се на вистинско место.

Она што никако не требаше да чекате е сe да помине и што повеќе работи да се вратат во нормала. Знам дека сите „трубат“ за тоа, па морам и јас. Погодете што - нема веќе нормала. Правиме нова нормала. Најпрвин треба да се размисли како до пари. На легален начин, без никој да заплаче.

Во старата нормала одевте на состаноци. Најмалку по еден час губевте во сообраќај. Ако состаноците се во различни градови, тогаш зборуваме за повеќе часови. Изгубени во сообраќај. Состаноците траеја по повеќе од еден час. Завршуваа со заклучок или без заклучок. Произведуваа дополнителна активност. И дополнителни состаноци. И уште часови за губење во сообраќај. Не е важно дали состанокот е интерен, дали е со некој сегашен или иден клиент. Времето се троши на големо.

Во новата нормала седнувате пред екран. Сите со кои треба да се состанете веќе се тука. Време за патување - 30 секунди. Минута, ако баш полека „прошетавте“ до екранот. Притиснати од фактот дека морате да бидете ефикасни и брзо да реагирате, состанокот го завршувате за 30-ина минути. И со мали заклучоци. И на истиот состанок дури и произведовте некој резултат. Нешто се сработи. Нешто и се продаде. Нешто се купи. Некогаш и сe заедно, во ист ден. Во што е разликата? Ништо, ќе живеете по-долго. Ќе имате понекој час повеќе во еден ден. Бидејќи не се возевте. И бидејќи бевте ефикас-ни. Е па, работата може да се заврши и без ракување. И да ви остане вишок време. Да направите нешто ново или едноставно, да одмарате. Ако досега не сте направиле, задолжително направете сe со што можете да направите нова нормала. Идна нормала. Како поединец, тим и организација да станете што пофлексибилни и поотпорни на промените од опкружувањето. Не, отпорност не значи дека треба да им се спротивставувате на промените, туку дека треба да ги преживеете.

Не сум песимист, реалист сум. Денес корона, утре нешто друго. Морате да направите сe што е потребно за да ги промените начинот на живот и начинот на работа. Само така следната „корона“ нема да ве доведе до целосна пропаст.

Што можете да направите уште сега? Размислете. Анализирајте. Креирајте. Размислете за секој процес што се одвива во вашата организација. За сите ресурси што ги користите. За луѓето, со нивните доблести и маани. За тоа што навистина ви вреди. Сега е вистински момент засекогаш да го убиете она „ние секогаш работевме така“. Анализирајте дали баш сето тоа ви треба. Анализирајте дали вистинските луѓе ви се на вистинско место. Анализирајте колку знаете. И што не знаете. Не до ниво на протони и неутрони, само анализирајте.

Креирајте нови начини на работа. Нови процеси. Нови производи. Нови услуги. Нови

правила. Експериментирајте. Експериментот нека пропадне. Повторно експериментирајте. Експериментот успеа, еве пари! Креирајте нови вредности. Нова стабилност. Нова нор- мала.

Вклучете ги и своите луѓе во процесите. Поттикнете ги на размислување, на креирање нешто ново. Заедно градете ја вашата нова нормала. Не чекајте промена, поведете ја.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...