Регионално

Мерима Џевдетбеговиќ: Кризата треба да се гледа како промена, а не како крај

08 јул 2020

Маркетинг-кампањата не ја запревме, туку ја приспособивме на новонастанатата ситуација. Свесни дека голем број од нашите потрошувачи во периодот на изолација ги користат социјалните мрежи како извор за информации, идеи и за забава, нашата кампања ја насочивме на онлајн-активности

Разговараше: Едина Мизиќ

Ненадејната ситуација ги наруши тековните обврски во сите сегменти на животот и во работењето. Реорганизацијата на производството, деловните активности, неизвесноста, а пред сè здравјето на вработените, се предизвици со кои секојдневно се соочија во компанијата „Менпром“. Но, со труд, посветеност и дисциплина од сите вработени успеаја да ја надминат оваа предизвикувачка ситуација. За условите за работа во моменталната кризна ситуација, како и за тоа што ги чека потоа, разговаравме со Мерима Џевдетбеговиќ, технички директор во месната индустрија „Менпром“ од Тузла.

Како новонастанатата ситуација влијае врз Вашата работа? На кои сè начини вработените во секторите мораа да го променат начинот на работење?

Ситуацијата предизвика пад на прометот во компанијата, а со тоа и пад на производството. Многу брзо направивме реорганизација на вкупното работење. Чувството на страв од непознатото нè тераше брзо да реагираме и да носиме одлуки. Со оглед на тоа дека нашата дејност подразбира строги правила за добра хигиенска практика, не ни беше тешко да се приспособиме на новите организациски и хигиенско-санитарни препораки за да се заштитиме и да помогнеме во сузбивање на пандемијата на коронавирусот. Работата ја организиравме во групи, и во секој сектор вработените беа поделени во две групи кои работеа во различни временски периоди.

Брендовите мора постојано да вложуваат и да се трудат да бидат прв избор за купувачите, особено во вакви специфични околности.

Колку Вам лично оваа кризна ситуација Ви ги наруши плановите и Ви го отежна секојдневното работење?

Ненадејната ситуација ги наруши тековните обврски, како во сите сегменти на животот така и во деловниот живот. Реорганизацијата на производството, работното време, неизвесноста, а пред сè здравјето на вработените, се предизвици со кои секојдневно се соочувавме. Но со труд, посветеност и дисциплина од сите вработени, успеавме да ја надминеме оваа предизвикувачка ситуација. По сè, им велам големо „благодарам“ на сите мои колеги.

Дали веќе имате податоци за последиците што ги претрпеа Вашите брендови во овој период?

Во екот на пандемијата дојде до застој на разни активности што ги имаше нашиот продажен тим, многу проекти не се реализирани. Падот на потрошувачката на домашниот пазар влијаеше врз продажбата на нашите премиум производи. Но, ние во „Менпром“ секојдневно се приспособуваме на новите околности, ги наслушуваме моменталните потреби на купувачите и креираме нови производи и нови пакувања кои ќе им бидат повеќе пристапни на купувачите. Брендовите мора постојано да вложуваат и да се трудат да бидат прв избор на купувачите, а особено сега, во вакви специфични околности.

Можете ли да ги задоволите моменталните потреби на пазарот? Кои производи најмногу би ги истакнале?

Нашето производство работи со полн капацитет, ја организиравме работата така што и вработените безбедно да ги завршат своите работи и нашите производи да стигнат до потрошувачите. Нашата компанија има широко портфолио на производи. Брендот „Секогаш свежо месо“ во овие специфични услови е особено пристапен за купувачите бидејќи станува збор за свежо пакувано месо чиј процес на производство во целост е затворен и автоматизиран. На тој начин купувачот може да биде сигурен дека јаде хигиенски исправен производ од контролирано потекло.

Според неодамнешното истражување на компанијата „Кантар“, само 8 отсто од потрошувачите во светот сметаат дека компаниите би требало да го запрат рекламирањето, додека останатите сметаат дека брендовите треба на некој начин да им помогнат на потрошувачите, да ги информираат што прават и да не ја злоупотребуваат ситуацијата. Какви се Вашите планови за комуникација со потрошувачите во овој период?

Маркетинг-кампањата не ја запревме, туку ја приспособивме на новонастанатата ситуација. Свесни дека голем број од нашите потрошувачи во периодот на изолација ги користат социјалните мрежи како извор за информации, идеи и за забава, нашата кампања ја насочивме на онлајн-активности преку веб, социјални мрежи, њуслетри и слично.  Ги комунициравме нашите производи со фини и едноставни видеорецепти, за на потрошувачите да им дадеме идеи за подготовка на вкусен оброк.

Освен овие краткорочни ефекти, претходните искуства од кризни ситуации покажаа дека инвестирањето во маркетинг во тие периоди имало значително влијание на долгорочен раст и развој на компаниите. Каков е Вашиот став по тоа прашање и какви се Вашите планови за креирање бренд-маркетинг во овој период и непосредно потоа?

Брендовите треба да им бидат достапни на потрошувачите и треба јасно да покажат дека се тука за своите корисници. Комуникацијата во период на криза не смее да изостане. Стравот е вообичаена реакција на кризна состојба, но ова не е прва криза што ни се случува.

Сите искуства покажуваат дека компаниите што продолжуваат квалитетно а комуницираат и да се приспособуваат на кризата први „оздравуваат“ и имаат подобар просперитет кога кризата ќе заврши.

Во кои канали на комуникација најмногу ќе вложувате, и зошто?

Ги следиме и ги приспособуваме тактиките на комуникација приоритетно според пораките што сакаме да ги пратиме. Најчести канали за комуникација се: онлајн-комуникација, онлајн-медиумите, маркетинг на социјални медиуми, класични медиуми (печатени и каталози, ТВ) и интернет-страницата на компанијата.

Веб-шоп е нешто ново на што ќе работиме за да ја обезбедиме достапноста на нашите производи на домашна адреса.

Какви нови цели си поставивте себеси и на соработниците за овој период? Со кои резултати Вие лично би биле задоволни и би ги сметале за успешно надминување на кризата, кога се во прашање вашите брендови?

Предизвикувачки период е пред нас, сè уште само погодуваме што нè очекува. Дејноста на нашата компанија е благородна бидејќи производството на храна е неопходно во секоја земја.

Дали мислите дека постои некој „рецепт“ кој би можел да им помогне на брендовите да го преживеат коронавирусот и кој е Вашиот, ако го имате?

Кризата треба да ја гледаме како промена, а не како крај. Промените можат да бидат многу добри, силните компании можат да се приспособат на новонастанатите ситуации. Треба да реагираме брзо и да се приспособуваме на новите навики на потрошувачите.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...