Регионално

Денис Крсник: Искуството нѐ прави тоа што сме

23 фев 2022

Денис Крсник, генерален менаџер на „Подравка“ – Бугарија

Кога ќе се појават неочекувани ситуации, се справуваме со нашите одлуки без разлика какви се последиците. Затоа, нема погрешни одлуки – има само поголеми или помали предизвици

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Искуството што се стекнува со работа надвор од татковината, според нашиот соговорник Денис Крсник, е немерливо и секој што има можност треба да го искористи тоа. Вистинско богатство е да се гледа на работата од друга средина, макар и накратко, вели тој, раскажувајќи ја својата професионална приказна.

Корените на креативноста

Кога Денис бил мал, најпопуларна професија била пилот, па и тој кога ќе порасне сакал да управува со авион. Но, истовремено исчкртал и безброј тетратки и секој слободен простор во куќата, што не било секогаш задоволство за неговите родители. Сакал да биде и сликар, а подоцна, освен цртањето, почнал да моделира глина и дрво. Веројатно оттука и потекнуваат корените на неговата креативност, што подоцна го насочиле кон маркетингот.

Никогаш не размислував и не се стремев кон тоа да работам надвор од родната земја, но истовремено не се ни ограничував. Отсекогаш бев посветен на сè што правев и немав никакви ограничувања. Знаев дека ќе направам сè што е потребно за да се развијам во насоката што си ја замислив, вели тој.

Неговата почетна позиција во „Подравка“ била поврзана со неговото образование, агрономијата, но (не)случајно, набргу завршил во маркетинг, на позицијата продукт-менаџер за категоријата месни производи, одговорен за сите пазари: Тоа беше извонредна можност да се запознам со разноликоста на сите земји во регионот, што ми ги рашири хоризонтите и ме воведе во светот на бизнисот.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 23 декември 1974 година, Загреб.

Образование: Дипломиран инженер по агрономија, Агрономски факултет на Универзитетот во Загреб.

Кариера:

  • Продукт-менаџер во „Подравка“;
  • Маркетинг-менаџер во „Подравка“;
  • Маркетинг-директор на „Подравка“ – Македонија.

Моментална функција: Генерален менаџер на „Подравка“ – Бугарија.

Хоби: Возење велосипед, скијање, читање книги, играње видеоигри.

Брачна состојба: Оженет, едно дете.

Унапредување и напредување

На функцијата маркетинг-директор на „Подравка“ во Македонија, Денис доаѓа во 2011 година. Веднаш бил воодушевен од земјата и од луѓето: Уште од првиот ден се чувствував како дома. Тука поминав осум убави години и мислам дека не постои земја во која е подобро да се почне интернационалната кариера, вели тој. Додава дека западните земји имаат некои други предности, но ги немаат топлината и пријателските односи во таа мера. Во Македонија релативно брзо стекнал многу пријатели, со кои сè уште е во контакт. Дури и неговиот венчален кум е Македонец.

Би сакал и во Хрватска да можам да пренесам барем дел од македонскиот темперамент. Македонците се извонредно топли, дружељубиви и гостољубиви луѓе, а тоа во Хрватска, но и во регионот, со времето некако се изгуби или не постои во таа мера, истакнува Денис.

Сепак, неговата кариера како маркетинг-директор во Македонија веќе немала простор за пораст и според него, кога професионалецот ќе стагнира во развојот, тоа е лошо и за него и за компанијата. Миграцијата била неопходна: Верувам дека со резултатите и придонесот кон компанијата испратив порака дека е време за промена за поодговорна позиција. Во тоа време компанијата одлучи да спроведе конкретни промени на бугарскиот пазар и заклучи дека јас би бил идеална личност да ја преземам таа одговорност.

Иако Бугарија била голем предизвик, знаел дека е време за промена и кога ја добил понудата, веднаш ја прифатил. Единствената отежнувачка околност била што повторно ќе биде далеку од дома.

Од 2019 година Денис е на позицијата генерален менаџер на „Подравка“ – Бугарија, задолжен за развој на пазарот во сите аспекти – од имплементација на нова стратегија на работењето до целосна грижа за компанијата. Во првата фаза било отворањето на фирмата, односно пронаоѓање квалитетни партнери за соработка, од логистика до продажба. Според него, тоа е процес што трае и понатаму.

Во Македонија Vegeta, супите Podravka, Lino, Dolcela, Fant, Eva и конечно брендот Podravka се развиваа со години. За тоа придонесоа цели генерации „подравкаши“ во регионот, па и пошироко. Горд сум што имам можност да бидам дел од нивниот развој и да се грижам за нив, како што заслужуваат. Без оглед што во „Подравка“ веќе бев осум години и што поголемиот дел од производите веќе ги користев, а станува збор за широко портфолио на производи и силни брендови, тогаш требаше да почнат да се продаваат и нужно беше да се научат напамет, да се сфатат пазарот и потрошувачите, да се сфатат конкурентите. Тоа беа слатки маки, раскажува Денис.

Во Бугарија ситуацијата била целосно поинаква: Тука моментално ја продаваме само Vegeta, и тоа многу малку. Од одредени причини, Бугарија за компанијата не беше стратешки пазар, па на некој начин брендот беше запоставен. Моментално работиме на ревитализација, која почна да дава резултати, но ковид-годините го направија процесот уште попредизвикувачки. Тој додава дека иако во Бугарија потрошувачката е многу слична со пазарите во опкружувањето, има важни разлики што значително ограничуваат. На пример, Бугарите речиси воопшто не користат супи во кесички, додека во Македонија тие се продаваат во милиони парчиња.

Освен тоа, требало да се врати и изгубената доверба од бизнис-партнерите. „Подравка“ во Бугарија требало да се претстави во вистинското светло бидејќи брендот бил целосно непознат: Честопати наидував на апсолутна незаинтересираност, што по работното искуство во Македонија беше прилично неочекувано. Иако првично беше тешко, конечно напорот даде резултати. Сега имаме квалитетни партнери и често добиваме барања за потенцијални соработки.

За професионализмот, за животот и за успехот

На прашањето кои особини треба да ги поседува една личност за успешно да работи на позицијата генерален менаџер, Денис вели дека генерално треба да постои лична цел и желба, волја и ентузијазам, отвореност за учење и професионален развој: Од точка А до точка Б најбрзо се стигнува по права линија, но во животот и во кариерата најчесто тоа не е така. Значи, фокусираност и истрајност, за кои сепак се потребни многу позитивна енергија и доволно оптимизам. Посебното чувство за одговорност, кое се стекнува само со посветена работа, најчесто е показател дека сме на вистинскиот пат, вели тој и додава дека понекогаш е добро сопствената работа да се погледне како сопствената личност – доколку работата напредува, напредува и личноста.

Тој би сакал да верува дека целосно ги поседува тие квалитети, но како што додава, човекот учи додека е жив: Низ годините се менуваат приоритетите и ставовите. Дали ги поседувам или не, најдобро може да процени компанијата во која работам. Во овој момент, јас сум прилично изградена личност, свесен за сопствените маани и доблести. Се обидувам, колку што можам, да ги анулирам недостатоците, а доблестите максимално да ги искористам.

Според Денис, друга важна карактеристика во работата што ја работи е претпазливоста, која вклучува предвидување и планирање однапред, ја намалува можноста за погрешни одлуки. Сепак, признава дека ништо во животот не може целосно да се предвиди: Кога ќе се појават неочекувани ситуации, се справуваме со нашите одлуки без разлика какви се последиците. Затоа, нема погрешни одлуки – има само поголеми или помали предизвици што произлегуваат откако ќе ги спроведеме одлуките. Така се однесувам и кон одлуката за работа во странство. Го прифатив предизвикот, а резултатот ќе биде искуство, добро или лошо, но сепак искуство, заклучува тој.

Кариерата во странство носи и одредени тешки моменти. За Денис, одењето од Македонија во Бугарија било културен шок. Од средина во која се чувствувал како дома дошол во средина каде што се чувствува дијаметрално спротивно. Иако Софија е прекрасен град со многу можности, и денес, по две и пол години, мојот социјален живот не е ни блиску до тоа што го имав во Македонија. Во меѓувреме, се оженив и ми се роди син. Мојата сопруга и синот поминаа некое време со мене во Софија, но сега се во Хрватска. Со сопругата некако научивме да бидеме одвоени, но со доаѓањето на детето, сè се промени и одвоеноста ми станува сè потешка.

Според него, успехот е релативна работа. Генерално, смета дека успех е доколку се постигне задоволителна корелација меѓу деловниот ангажман, слободното време и примањата: Овие односи се различни кај различни луѓе, но мислам дека успеав во тоа.

На крај, Денис заклучува дека искуството нè прави тоа што сме. За себе смета дека веќе има прилично богато искуство, но гледа простор и за развој. Во принцип, желбата му е да дојде на позиција, на која компанијата ќе може најдобро да го искористи неговото стекнато искуство, но и да го надгради.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...