Локално

Вера Димовска, психолог: На раководителите најмногу им треба психолошка поддршка

06 мај 2020

Вера Димовска e дипломиран психолог и гешталт терапевт, претседател и основач на Центарот за личен развој, едукација и психотерапија „Анима“. Има долгогодишно искуство како психолог вработен во образование и дваесет годишно искуство како гешталт терапевт. Во интервјуто за InStore Димовска ја истакнува потребата за грижа за менталното здравје на вработените, особено во ова време на самоизолација и работење од дома. Прочитајте повеќе што компаниите треба да направат во таа насока.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Колку за вработените е важно компанијата да се грижи за нивното ментално здравје, особено во период на кризи во каква сега се наоѓаме?

Човекот е социјално битие, во постојана интеракција со средината во која живее и работи, нејзин составен дел. Компаниите, односно работните организации овозможуваат задоволување на биолошките и социјални потреби на вработените. Пред сè задоволување на егзистенцијалните потреби (заработувачка за храна, дом, сигурност, бeзбедност, припадност) и социјалните односно психолошки потреби како што се: потребата за контакт и поврзаност, самопотврдување, самоактуализација и др. Ова е природен процес на саморегулација кој се одвива постојано, но во последните месеци е нарушен со здравствената криза, односно пандемијата и мерките за заштита од неа. Процесот на интеракција и взаемна размена меѓу компаниите и вработените е прекинат или реорганизиран што неминовно ја наметнува потребата за приспособување на новонастанатата ситуација. Природните потреби остануваат незадоволени, мобилизираната енергија не инвестирана што влијае на менталното здравје на вработените, предизвикувајќи несигурност, небезбедност, животна загрозеност и други потешкотии во нормалното функцонирање.

Според  СЗО ментално здравје е „состојба на благосостојба во која поединецот ги остварува своите потенцијали, да се носи со нормалниот животен стрес, да работи продуктивно и е способен да придонесува во заедницата“. Од ова произлегува дека компаниите имаат можност и треба активно да се вклучат во одржување и унапредување на некои аспекти од менталното здравје на своите вработени.

Каква поддршка најчесто треба да им се обезбеди на вработените?

Во текот на траењето на кризата најважно е да се одржува јасна комуникација со вработените, точна и навремена информација за реалната состојба во  компанијата за време на криза и мерките што се преземаат за заштита на здравјето и одржување на работниот процес.

- Најважно е компаниите да осигураат безбедна и сигурна средина што ќе  придонесе за намалување на несигурноста и паниката, со истовремено нагласување на значењето и грижата за здравствената состојба на секој вработен;

- Јасни упатства за тоа како ќе се одвива работата, како и размислување за иднината на компанијата и задржување на работните места;

-Промовирање на смиреност, оптимизам и перспектива на компанијата;

-Емпатија, луѓето различно реагираат на стресна ситуација имаат потреба од емпатија, да бидат слушнати и разбрани за тоа како се чувствуваат. Ова е важно за да се намали стресот и да се зголеми отпорноста на вработените и сигурноста;

- Останете поврзани со своите вработени со помош на социјалните мрежи, тоа ќе помогне да се задоволи потребата за контакт и размена;

-  Соработувајте со стручни лица и овозможете им психолошка поддршка на вашите вработени;

Јасни упатства за тоа како ќе се одвива работата, како и размислување за иднината на компанијата, одржување на работниот процес и задржување на работните места.

Дали со таквата поддршка треба да се опфатат и менаџерите?

Кризата неминовно се одразува на менаџерите и тие се можеби и најизложени на стрес. Треба да ја организираат работата на компаниите, да го менаџираат личниот стрес и успешно ги водат вработените во оваа кризна ситуација. Од нивната психичка стабилност и лидерски вештини зависи целата организација.

Менаџерите всушност имаат најголема потреба од психолошка поддршка, за тоа како да комуницираат со луѓето, како да се носат со сопствениот стрес и стресот на вработените како и поддршка за организирање на работата.

Очигледно е дека ситуацијата може да предизвика негативни чувства и емоции кои лесно се рефлектираат и врз работните обврски и комуникацијата на работа. Како да се пребродат тие ситуации?

Кризната ситуација со вирусот Ковид 19, нејзината распространетост и неизвесност како и забелижителната смртност неминовно го покренуваат алармот за опасаност кај човекот. Како одговор на стресната ситуација се јавуваат биолошките реакции и промени, мобилизирање на организмот за акција, одбрана и заштита на здравјето и животот. Настанатите физиолошки промени емотивно се доживуваат како страв, гнев, лутина, бес, тага, односно основните примарни емоции кои имаат заштитна функција. Она што треба да знаеме е дека тоа е нормален, природен одговор на дадената ситуација. Прашањето што се наметнува е што со мобилизираната енергија која доколку остане во организмот предизвикува потешкотии?

Пред сè важна е свесноста за емоцијата, а потоа и нејзино прифаќање како нормален одговор во дадената ситуација. Во ред е да чувствувате страв, лутина, бес, гнев, тага. Дозволете си ги емоциите, но и развивајте свесност дека вие имате моќ да управувате и ги контролирате. Јас са плашам, но јас не сум мојот страв.

Изразете ги емоциите, разговарајте и споделете ги вашите доживувања со најблиските или изразете ги на креативен начин, преку пишување или цртање.

Бидете свесни за реалноста на ситуацијата, што е под ваша контрола, а што не е, на што можете да влијаете, а на што не. Доколку ситуацијата не можете да ја промените, можете да го промените вашиот однос кон неа. Бидете во контакт со вашите потреби во овој актуелен момент, идентификувајте што сакате, што можете да направите да се чувствувате подобро. Преземете ја одговорноста за вашиот живот и развивајте чувство на оптимизам.

Што по изолацијата и карантинот, кои активности би можеле компаниите да им ги обезбедат на вработените за нивниот фокус да биде идниот просперитет на компанијата?

Периодот на изолација и карантин дефинитивно го промени начинот на живење на целата земјина полутопка. Очигледно е дека ќе остави последици по менталното здравје на вработените, ќе биде потребно повторно приспособување и реорганизирање на животот и работата. Во таа насока компаниите потребно е да ги следат потребите на своите вработени, но и потребите на компанијата и реорганизирање на работниот процес.
Преземање и организирање на активности вработените да се чувствуваат сигурно, безбедно, исполнето и реализирање на личните потенцијали. Непречена комуникација, јасни упатства и лидерство.

Преземање и организирање на активности вработените да се чувствуваат сигурно, безбедно, исполнето и реализирање на личните потенцијали. Непречена комуникација, јасни упатства и лидерство.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Ванчо Постоловски: Следењето на трендовите и иновациите ни се движечка сила

17 апр 2020

Драган Јосифовски, Paket.mk: Ја јакнеме лидерската позиција

17 апр 2020

Марио Мирсинов: Квалитетот и пристапните цени ни отвораат нови пазари

17 апр 2020

Симе Станчески и Горан Цуцулески: Традиционални производи и за новите генерации

17 апр 2020

Слободан Кутревски: Поголем пласман на домашните производи - ветер во грб за сите нас

17 апр 2020

Петар Лазаров: Време е за вложување во трејд-маркетинг

17 апр 2020
Вчитува уште новости...