Локално

Ванчо Постоловски: Следењето на трендовите и иновациите ни се движечка сила

28 окт 2020

Секогаш настојуваме да го извлечеме позитивното во  какви било услови. Впрочем, мислењето „надвор од кутијата” е една од нашите најголеми доблести.

Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Ванчо Пoстоловски, првиот човек на „Лакталис Македонија“, на позицијата генерален директор во компанијата беше назначен во јули 2017 година. Една година претходно беше директор на продажба, во 2014-2015 година беше менаџер на логистика, а претходните четири години (од 2009 до 2013 година) работеше како менаџер за продажба. Станува збор за 11-годишно искуство на клучните менаџерски позиции во компанијата, исполнети со многу предизвици во работењето на „Лакталис МК“ како дел од светски позната и призната групација со над 8-децениско присуство на глобалниот пазар на млечни производи.

Со него разговаравме за развојниот пат на компанијата во Македонија, за растењето на брендовите, за моменталните пазарни услови и предизвиците што ги донесе глобалната пандемија за речиси сите бизниси во светот.

Сега, во „Лакталис МК“ има 159 редовно вработени и уште 20 лица ангажирани преку агенција за привремени вработувања.

Долгогодишната традиција во производството на млечни производи, почитувањето на локалните вредности и високите стандарди ги прават нашите брендови секогаш привлечни за потрошувачите.

Поминаа 10 години откако „Дукат“, како член на „Лакталис група“, ја купи поранешна „Идеал Шипка“. Пред две години компанијата и официјално се преименува во „Лакталис МК Млекарница“. По што друго е значајна оваа деценија за вас како компанија?

„Идеал Шипка“ е формирана во 1997 г., а купена од  „Лакталис“ во 2007 година. Пред три години, во ноември 2017 година, на денот на одбележувањето 20 години постоење се случи и преименувањето во „Лакталис МК Млекарница“. Други позначајни настани што ја одбележаа изминатава деценија се:  2014 година - основање на „Лакталис МК логистика“ (компанија за логистичка поддршка на „Лакталис МК“), преземање на „Љубљанске млекарне“, воведување на SAP програма како поддршка во работењето, унапредување на деловните процеси и подобро аналитичко следење при донесување важни бизнис-одлуки; во 2015 година, почнување со локално производство на ферментирани производи под бренд Alpsko; во 2017 година,  почнување со локално производство на производи од категоријата  „сирење“ под бренд President. 

„Друштвото“ на брендови на „Лакталис“ постојано се зголемува. Последната информација беше за преземањето на категоријата млечни производи од американскиот концерн „Крафт-Хајнц“. Колку брендови сега се под капа на „Лакталис“? Кој од нив најдобро поминува кај домашните потрошувачи?

Брендови што се присутни на нашиот пазар, а се дел од  друштвото на брендови на „Лакталис“ се: President, Alpsko, Dukat, Sirela, Galbani, Parmalat, Omira, Идеал Шипка. Дел од овие брендови се застапени само во одреден канал на дистрибуција, но оние што би ги издвоил како широко застапени и одлично прифатени од домашните потрошувачи се: President, Alpsko и Идеал Шипка.  

Оваа година први на македонскиот пазар лансиравме јогурт и кисело млеко без лактоза под бренд Alpsko, како придобивка за сите оние потрошувачи што чувствуваат тешкотии при консумирањето млечни производи. И што е уште позначајно, овие производи се произведуваат локално во нашата фабрика во Битола, „Лакталис МК Млекарница“.

По што се издвојуваат Вашите брендови од другите во истата категорија присутни на пазарот?

Долгогодишната традиција во производството на млечни производи, почитувањето на локалните вредности и високите стандарди ги прават нашите брендови секогаш привлечни за потрошувачите. Следење на современите трендови во млечната индустрија и нивна имплементација преку иновациите се нашата движечка сила.

„Лакталис МК“ е дел од светска групација која е глобален лидер во млечната индустрија, со повеќе од 80-годишна традиција. Колку го користите тоа глобално искуство за да ги предвидите новите трендови на македонскиот пазар?

Да се биде дел од „Лакталис груп“ е привилегија, но од друга страна и голема обврска. Користејќи ги искуствата, оваа година први на македонскиот пазар лансиравме јогурт и кисело млеко без лактоза под бренд Alpsko, како придобивка за сите оние потрошувачи што чувствуваат тешкотии при консумирање млечни производи. И што е уште позначајно, овие производи се произведуваат локално во нашата фабрика во Битола, „Лакталис МК Млекарница“.

Но, имаме и „vice versa“ (со променет редослед, н.з) ситуација кога искуствата од нашата земја се „бенчмарк“ за останатите во групацијата. Овде би го споменал лансирањето на President Salakis Тraditional, традиционално сирење исечено на парчиња, подготвено  за сервирање, во иновативно пакување со цедалка за поедноставно користење. Тоа се предноста и вредноста на „Лакталис“.

Каков е македонскиот потрошувач на млеко и млечни производи? Дали е пребирлив, што најмногу купува, колку троши на оваа категорија производи?

Зголемената флуктуација, можноста за запознавање нови земји и искуства, лесната достапност на информации и следењето на новите трендови во исхраната придонесуваат за менување на навиките на македонскиот потрошувач, пред сè, на помладата генерација. Чистиот, избалансиран вкус и функционалноста стануваат приоритет број еден при изборот на купувачите, наспроти интензивните вкусови. Токму такви се нашите производи.      

Каква Ви е соработката со локалните фармери? Дали можат да понудат доволно млеко по квантитет, но и по квалитет?

Фармерите се основата и градењето на релациите со нив е наша стратегиска определба. Вложувањето во нивниот развој од аспект на зголемување на сточниот фонд, подобрување на условите во фармите и имплементирање на know-how од поразвиените земји придонесе за наш континуиран, природен пораст во откупот на млеко и квантитативно и квалитативно. Ме радува фактот што овој начин на работа наиде на голема заинтересираност и постојано добиваме повици дури и од луѓе што досега не се занимавале со сточарство. Ова не се однесува само на краварството, туку и на една друга дејност која низ годините бележи континуиран пад, а тоа е овчарството. Само на овој начин и со дополнителните стимулации од страна на државата ќе успееме да го издигнеме фармерството на едно задоволително ниво и ќе го поставиме на местото што му припаѓа, високо на скалата на важност.

Дел од нашите брендови се застапени само во одреден канал на дистрибуција, но оние што би ги издвоил како широко застапени и одлично прифатени од домашните потрошувачи се: President, Alpsko и Идеал Шипка.

Пандемијата целосно ја „измести“ светската економија. Кои се најголемите предизвици со кои сега се соочувате како групација, но и на локално ниво? Што извлековте како поука од работењето по март годинава? 

Се изместија контурите на нормалното, очекуваното/предвиденото. Заедништвото, почитувањето и вербата во успехот, во изминатите месеци нè направија уште посилни во надминување на новото „нормално“.

Колку пандемијата ги смени условите за работа на „Лакталис Мк“? Како кризата влијаеше врз Вашето работење?

Секогаш настојуваме да го извлечеме позитивното во какви било услови. Впрочем, мислењето „надвор од кутијата“ е една од нашите најголеми доблести.

Во актуелната ситуација, потребни ли се нови начини за борба со конкуренцијата? Кои би биле тие? 

Уште од почетокот се приспособивме на новите услови. Континуирано следевме, имплементиравме, но и иновиравме согласно новите стандарди, особено во делот на продажба, маркетинг и трејд-маркетинг. Тоа резултира први од индустријата да започнеме со e-commerce (онлајн-продажба), преку која ги направивме нашите производи уште подостапни до потрошувачите, на интернет-страницата  www.shop.lactalismk.mk.

Какви се Вашите идни планови како компанија?

Плановите се континуирано инвестирање во сите сегменти од работењето, почнувајќи од соработката со фармерите, преку модернизација на производствените капацитети, иновирање во производи и во начините на продажба и рекламирање. Сето ова не би било можно доколку не инвестираме во развојот на нашите вработени, кои се нашата најголема вредност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Драган Јосифовски, Paket.mk: Ја јакнеме лидерската позиција

17 апр 2020

Марио Мирсинов: Квалитетот и пристапните цени ни отвораат нови пазари

17 апр 2020

Симе Станчески и Горан Цуцулески: Традиционални производи и за новите генерации

17 апр 2020

Слободан Кутревски: Поголем пласман на домашните производи - ветер во грб за сите нас

17 апр 2020

Петар Лазаров: Време е за вложување во трејд-маркетинг

17 апр 2020

Вера Димовска, психолог: На раководителите најмногу им треба психолошка поддршка

17 апр 2020
Вчитува уште новости...